|
||||
60 ГОДИНИ ОД ФОРМИРАЊЕТО НА МАКЕДОНСКОТО НАУЧНО ДРУШТВО – БИТОЛА |
Во текот на изминатиот период во слободна Македонија се формирани голем број научни и други друштва и здруженија кои ја афирмираат не само научната, културната и уметничката мисла, туку се и здруженија во кои членуваат видни научни кадри и бројни други интелектуалци од земјата и од дијаспората. Едно од тие друштва, секако, е Македонското научно друштво од Битола, кое годинава го слави својот 60-годишен јубилеј од формирањето. Тоа е најстаро македонско научно друштво кое по карактерот на дејноста е единствена научна асоцијација на интелектуалци во градот на конзулите и убавината – Битола. Друштвото е формирано на 25 април 1960 година во просториите на Државниот архив - Битола како Научно друштво, кое име го носело сѐ до 1968 година. Од 1960 па сѐ до 2002 година го носело името Друштво за наука и уметност - Битола, а тогаш било преименувано во Македонско научно друштво - Битола. Во период од 60 години Друштвото како организација се занимава со научни прашања од различни области, а има статус на невладино, непартиско и непрофитно здружение на македонски граѓани. Според пишаните документи, Македонското научно друштво - Битола било формирано со решение Бр.. 04-3214/60 од Секретаријатот за внатрешни работи на Општина Битола, на 25 април 1960 година, како прва научна асоцијација во Битола. Иницијатори за формирањето на оваа асоцијација била група од битолски интелектуалци.Според записникот од основачкиот состанок, групата иницијатори ја сочинувале: Олга Кривашија, професор по историја, Јован Д. Кочанковски, наставник по историја, Живко Паришко,шумарски инжинер, Велимир Костовски, професор по геогрефија, Александар Тодоровски, професор по биологија, Милош Константинов, архивист, Тодорка Дога, пом.архивист, Кочо Цингаровски архивист, Душан Хр.Константинов, етнолог, Томе Ивановски, правник, Владимир Чакар, службеник и Томе Ристевски, службеник во Архивот. Во периодот од основањето до регистрацијата на 31 мај 1960 година,во друштвото се вклучиле и: Димитар Димитровски -Такули, наставник по македонски јазик, Владимир Ивановски, учител, Теко И. Таипи, помлад архивист и Живко Василевски, политичар. На основачкиот состанок бил донесен Правилник за работа на Друштвото и биле избрани секретар и претседател на Друштвото како и тричлен Управен одбор. За претседател бил избран Живко Василевски, а за секретар Душко Константинов. За деновите кога Друштвото се формирало, единствениот жив од основачите е м-р Јован Д. Кочанковски кој вели: „За формирање на научно друштво во Битола, иницијатори беа браќата Душан и Милош Константинови. Сеуште се сеќавам на тој 25 април, од таа 1960 година. Пролетен, со мирис на расцутената природа, ден достоен за дружење, за инспирација и за иницијатива. Тогаш, на 25 април 1960 година, на улицата „Булевар Први Мај“ бр.175, од левата страна на реката Драгор, каде што времено беше сместен Околискиот државен архив (денешен Ректорат), архивистот и директор Милош Константинов, ги прифати непланираните гости. Тоа беше група млади битолчани, интелектуалци, иницијатори за формирањето на Друштвото за наука и уметност, за што ги чувам и ден денес оригиналните документи со потписите на иницијаторите“. За Друштво кое оваа година слави 60 години од својата успешна работа на полето на науката, културата и уметноста, од формирањето до денес имаат голем придонес плеада раководни личности, научници, интелектуалци и друг персонал кои со своите активности волонтерски ангажмани и ентузијазам придонесоја оваа асоцијација да биде на пиедесталот во сверата на својата дејност. Исто така, голем придонес имаат и членовите на Одделението за општествени науки; Одделението за правни науки; Одделението за природни науки; Одделенитое за применети науки и медицина; Одделението за технички науки; Одделението за уметност; Одделението за лингвистика и литература и Одделението за историско-географски науки. Посебни заслуги за Македонското научно друштво – Битола имаат актуелниот претседател, вонредниот професор д-р Марјан Танушевски, попретседател е професор д-р Деан Илиев. Членови на Управниот одбор, пак, се: д-р Екатерина Михељкис, д-р Мери Џарлиева, вонреден професор д-р Лидија Стефановска, професор д-р Наташа Мојсоска, д-р Никола Главинче, професор д-р Борис Ангелков, м-р Зоран Пејковски, д-р Александар Литовски, а секретар е Ивана Степанулевска. Исто така, од големо значење за работата на Друштвото се членовите на Уредувачкиот и Надзорниот одбор и членовите на Етичката комисија, како и секретарите на одделенијата. Македонското научно друштво - Битола е сместено во зградата на Градската народна библиотека „Свети Климент Охридски“ во Битола. Во него членуваат 254 членови, а има 8 одделенија и е отворена научна асоцијација не само за научната фела од Македонија, туку и за Македонците во иселеништво и претставува поттик и патоказ за македонските научни, литературни, театарски и други асоцијации насекаде во светот. Непредвидено, денешните националнии локални мерки за заштита од корона вирусот, за жал ја одложија планираната свечена академија посветена на големиот јубилеј 60 години од денот на формирањето на Друштвото. Но, сепак, на 25 април 2020 година, членовите на Управниот и Надзорниот одбор, потоа членовите на Уредувачкиот совет и Етичката комисија одржаа онлајн (on-line) свечена седница на која се потсетија на значајниот датум 25 април 1960 година. Македонското научно друштво – Битола се занимава и со издавачка дејност. Во неговата публицистичка дејност се отпечатени поголем број научни и други трудови. Меѓутоа, за одбележување е монографијата за Друштвото која е отпечатена во пресрет на големиот јубилеј, чиј автор е професор д-р Марјан Танушевски, актуелен претседател на Друштвото, а рецензенти на јубилејната публикација се професор д-р Игор Неделковски и професор д-р Борис Ангелков, поранешни претседатели на Друштвото. Ова значајно публицистичко дело претставува прилог и голем придонес на севкупната научните дејност на Македонското научно друштво – Битола и на Македонија. Пишува: СЛАВЕ КАТИН |