|
||||
Паскал Гилевски –значаен македонски писател, преведувач и ликовен уметник (6) |
ДЕЛ ОД ВИСТИНАТА ЗА МАКЕДОНЦИ ОД ЕГЕЈСКА И ПИРИНСКА МАКЕДОНИЈА ВО ПУБЛИКАЦИЈАТА „МАКЕДОНСКИ ИСЕЛЕНИЧКИ МЕРИДИЈАНИ“ Паскал Гилевски е поет, раскажувач, романсиер, есеист, критичар и преведувач кој поминал низ егзодусот на децата бегалци по Граѓанската војна во Грција (1946 - 1949.) Школувањето го започнал во Унгарија, а во Скопје завршил средно уметничко училиште и Филозофски факултет. Бил директор на Народната и универзитетска библиотека „Свети Климент Охридски“ во Скопје, претседател на Советот на Струшките вечери на поезијата и претседател на Сојузот на литературните преведувачи на Македонија. Бил член на Унгарската академија на науките и уметностите. Работи како уредник во издавачката куќа „Матица македонска“ Паскал Гилевски е роден на 1 јули 1939 година во селото Сетома, Костурско, во егејскиот дел на распарчена Македонија, село кое после 1928 година грчките власти, како „кумови“ му го ставиле името Кефалари. Така, Според Лозанскиот договор, во селото било населено православно население (Просвиги) од Мала Азија, Источна Тракија и Понд, додека неколкуте муслимански семејства биле принудени да заминат од таму. Селото Сетома се наоѓа на 6 километри северно од градот Костур (Касторија) и Костурското Езеро во историско-географската област Корешта во јужните делови на Нередска Планина и се наоѓа на надморска височина од шестотини метри. Селото било чисто македонско, и за првпат било споменато дека постои во документи од 1445 година под името Сатома, за подоцна да се споменува како Сатом и Стоми. Името, најверојатно, потекнува од лично име, според Љубица Станковска, Сетом. Во османлиските даночни регистри од средината на XV век биле евидентирани 25 глави на домаќинства и двајца невенчани. Околу 1834 година била изградена селската црква „Свети Наум“ посветена на просветителот свети Наум. Според локални преданија таа била посветена на Свети Наум по иницијатива на седум семејства од Струга, кои се населиле во тоа време во Сетома. Тоа е втор случај во Егејска Македонија да има црква со името на свети Наум, а тоа е денешната црквата во селото Арменоро, Леринско. Селото настрадало во текот на Граѓанска војна во Грција и голем број од неговите жители биле принудени да ги напуштат своите домови, и тие, главно, заминале во Македонија или во социјалистичките земји од Источна Европа. 50 деца од селото биле протерани како деца бегалци.
Селото Сетома Македонски борци на Вич Инаку, Граѓанската војна во Грција е еден од првите воени конфликти кои се случиле во периодот по завршувањето на Втората светска војна, кој траел од 1946 до 1949 година. Победата над комунистите била благодарение на идното грчко членство во НАТО, како и големата поддршка што во тоа време и ја давала САД на Грција. Ова, всушност, претставува и започнување на Студената војна од страна на Истокот и Западот, предводени од различните системи на владеење. Граѓанската војна, главно, се водела помеѓу вооружените сили на грчката влада поддржувана од Соединетите Американски Држави и Велика Британија од една страна, и грчките комунисти и членовите на најголемата во тоа време антинацистичка организација (ЕЛАС), поддржувана од самата Комунистичка партија на Грција. Првата фаза од граѓанската војна се одвивала помеѓу 1942 и 1944 година. Левите и десните ориентации на партиите се спротивставувале помеѓу себеси, кое доведувало и до братоубиствена војна. Втората фаза која започнала во 1944 година, социјалистите кои контролирале голем дел од територијата на Грција, се спротивставиле на грчката влада која дотогаш била во бегство, надвор од Грција, поточно во Каиро. Во третата фаза која започнала и завршила во 1946 година, била избрана десно ориентираната влада, под доста напрегнати услови, борејќи се против вооружените територии на комунистите. КПГ останала како легална сé до 1948 година, кога и била забранета од страна на Атина. Поразот на комунистите во Граѓанската војна во Грција, поддржувани од Југославија и Албанија, довело до пристапување на Грција во НАТО и зацврстување на влијанието на Соединетите Американски Држави во Егејско Море до самиот крај на Студената војна. Еден од тие страдалници и протерани Македонци од својот роден праг е и Паскал Гилевски. Така, тој по Граѓанската војна во Грција, од 1948 до 1956 година живеел во Унгарија, а потоа се преселил во Скопје. Завршил прв степен на Академијата за ликовни уметности во Белград, како и Филозофски факултет во Скопје. Работел како ликовен рецензент во весниците „Нова Македонија“ и „Вечер“. Од 1999 до 2002 година бил директор на Националната библиотека „Свети Климент Охридски“ - Скопје, а бил и претседател на Советот на Струшките вечери на поезијата. Некое време живеел во Париз, а престојувал и во Италија, Англија, Холандија, СССР, Чехословачка, Египет, Сирија и Јордан. Гилевски е член на Унгарската академија на науките и уметностите, Македонскиот ПЕН-центар и на Друштвото на писателите на Македонија (од 1970 година). Тој активно се занимава со книжевно-преведувачка дејност. Притоа, тој има преведено шеесетина книги од унгарската, грчката и француската литература. Така, Гилевски има направено препев на поезијата на Шандор Петефи, Ендре Ади, Атила Јожеф, Ѓула Илјеш, Ласло Наѓ, Шандор Вереш, Ференц Фехер, Золтан Чука, Јожеф Пап, Карој Ач, Јоргос Сеферис, Одисеас Елитис, Јанис Рицос, Јанис Гуделис, Рита Буми Папа, Викторија Теодору, Виктор Иго, Пол Верлен, Жан де Лафонтен, Морис Карем, Вилем Рогеман, Мирко Андриќ-Гуџулиќ, Љубиша Ѓидиќ, Антон Густав Матош, Владимир Назор, Тин Ујевиќ, Мирослав Крлежа итн. Освен тоа, Гилевски има преведено повеќе прозни дела, како: Никос Казанѕакис, „Алексис Зорбас“ (1966) Виктор Иго, „Ѕвонарот на Богородичната црква во Париз“,Јожеф Дарваш, „Пијан дожд“,Платон, „Гозба“ и „Федар“ итн. Инаку, јунакот на Никос Казанѕакис, Алексис Зорба, или Јеоргиос Зорбас, како што му беше правото име, трансформиран преку вистинските уметнички квалитети на артистот Ентони Квин, беше еден од интернационалните и меѓу најславните личности на грчката пропагандна машинерија во XX век. Веројатно, неговиот лик во романот на Казанѕакис, а тоа го направи Паскал Гилевски со своите високи литературни квалитети во преводот на македонски јазик на оваа значајна книга, особено во филмот „Зорба“, ќе остане вечен во сеќавањата на голем број читатели и вљубеници на филмот во светот. Меѓутоа, дали „Гркот“ Зорба е вистински Грк? Прашање што многумина го поставуваат и ги тера на сомнение и дилеми. Едни од тое се авторот на овие редови Славе Катин, а особено ликовниот уметник и научник Александар Џигеров, Македонец од Канада, кој има видувања и аргументи да посочи дека Зорба не бил Грк, туку Македонец. Во текот на работниот век, заедно со Ташко Ширилов, во текот на 1971/1972 година, Паскал Гилевски бил основач и уредник на весникот „За македонцките работи“, а потоа и на ревијата „Огледало“. Според неговиот расказ „Глава“, снимен е краткометражен филм, во продукција на „Вардар Филм“. Неговите песни и раскази се преведени на повеќе јазици, и тоа: српскохрватски, унгарски, грчки, италијански, француски, турски, словенечки, полски, англиски, украински јазик итн. Гилевски учествувал во подготовката на повеќе книги со македонска литература, објавени во Унгарија, Грција и Франција, а бил уредник на повеќе антологии и збирки, како: На минатото време гранката златна, (Антологија на современата унгарска поезија, „Факел“, ДПМ, 1972) Антологија на новогрчката поезија („Македонска книга“, 1977) Богови и херои (старогрчки митови и легенди, „Детска радост“, 1978). Будимпешта Паскал Гилевски е автор на книгите: „Брегум – брегум“ (поезија, „Современост“, 1972), „Толкување на уметноста“ (есеи, „Македонска книга“, 1977), „Бегство“ (поезија, „Култура“, 1983), „Глава“ (раскази, „Македонска книга“, 1984), „Знаме во пазувите“ (поезија, „Наша книга“, 1985), „Животот на песната“ (поезија во препев на унгарски јазик, „Форум“, Нови Сад, 1985), „Зоја“ (роман, „Македонска книга“, 1986 и 1988), Стража (раскази, превод на српскохрватски јазик, „Багдала“, Крушевац, 1987), „Небесна и земна љубов“ (роман, „Мисла“, 1988), „Бездомници“ (раскази, 1989), „Ангели на прогонството“ (роман, 1993), „Ќорсокак“ (роман, 1993), „Поетика на два брега“ (есеи, 1995), „Двајца црнци зборуваат македонски“ (лирска монодрама, 1996), „Скомраз“ (роман, 1997), „Расчекор“ (раскази, 1999), Избрани дела во пет тома (1999), „Меланхолија“ (поезија, 2000)., „Нежниот бунтовник“ (роман, 2012), „Посмртна венчавка“ (роман, 2014). Новиот романот „Посмртна венчавка“ на Паскал Гилевски е издание на „Матица македонска“ од Скопје, а се појави на 15 јануари 2014 година. Во ова дело е пресликана семејната драма на авторот, доживеана по погромот на Граѓанската војна во Грција.Ова дело е трогателна приказна за необичната судбина на двајца бегалци од родниот крај, маж и жена, кои минуваат низ пеколот на егејската епопеја, чувствувајќи ги врз своја кожа ужасите на војната. Нивната семејна драма ќе кулминира откако ќе почине сопругот, со што ќе се отвори уште еден јаз, уште една драма во драмата. За своето творештво, Паскал Гилевски е добитник на повеќе награди, како што се: „Григор Прличев“ (1978), „11 Октомври“ (1987), „Стале Попов“ (1987), „Кирил Пејчиновиќ“, Наградата на војводинските писатели „Корнел Сентелеки“ (1979), Одликување на унгарската влада - „За социјалистичката култура“ (1984), Одликување на француската влада, „Витез на уметноста и литературата“ и „Златно перо“ (1975). како и на повеќе награди за расказ на конкурсите на весниците „Нова Македонија“ и „Трудбеник“. Исто така, тој е добитиник на наградата за сликарство „Лазар Личеноски“ (1985). Инаку, на свечената академија што се одржа на 24 октомври 2011 година, кога се заокружи тогашното петто одбележување на 23 Октомври - Денот на македонската револуционерна борба, државната награда „23 Октомври“ им беше доделена на д-р Томе Неновски, писателот Паскал Гилевски и на ликовниот уметник Коле Манев. Продолжува
Пишува: СЛАВЕ КАТИН |