|
||||
Коле Манев – познат и признат македонски ликовен уметник и филмски творец (7) |
ДЕЛ ОД ВИСТИНАТА ЗА МАКЕДОНЦИ ОД ЕГЕЈСКА И ПИРИНСКА МАКЕДОНИЈА ВО ПУБЛИКАЦИЈАТА „МАКЕДОНСКИ ИСЕЛЕНИЧКИ МЕРИДИЈАНИ“ Сликарот Коле Манев е познат македонски ликовен уметник и филмски работник од областа на документаристиката. Со своите уметнички дела е познат и признат не само во Македонија, туку и на Балканот и пошироко. Коле Манев тргна од селото Бапчор, Костурско во егејскиот дел на Македонија и стаса до Париз. За своето ликовно творештво го доби одликувањето „Почесен витез на творештвото“ Ликовниот уметник Коле Манев досега имал на шест самостојни изложби, а учествувал и на неколку групни претставувања во Париз, во Франција, неговата трета татковина. Неговото име е поврзано со организирање на ликовни претставувања на македонски уметници во Франција и на француски уметници во Република Македонија. Од досегашните претставувања на македонската ликовна уметност во Париз, на Манев може да се издвои изложбата на ДЛУМ во 1996 година по повод 50 години од постоењето на друштвото и изложбата „Ликовни средби“, а во Амбасадата на Македонија во Париз, тој го има претставено својот богат опус, изложувајќи дваесетина дела. Коле Манев е роден на 5 април 1941година во селото Бапчор, во егејскиот дел на Македонија. Тој е сликар и филмски работник од областа на документаристиката. Како дете - протерано заминал во непознат правец заедно со дваесеттина илјади Македончиња протерани од Егејска Македонија. Од Бапчор има многу познати и признати Македонци ширум светот. Македонското револуционерно село Бапчор е планинско село со непрегледни пасишта во Општината Костур, во Егејска Македонија, денес во областа Западна Македонија, Грција. Селото се наоѓа на 15 километри североисточно од градот Костур (Касторија) и Костурското Езеро, во историско-географската област Пополе, во падините на Нередска Планина. Според локалните преданија, Бапчор настанало од жителите на населбите Ровици, Круша и Козјак - најверојатно во средниот век. Своето име тоа го добило од зборот бач, односно старешина на бачило. За време на османлиското владеење Бапчор било место каде се криеле ајдутите. Тоа е големо македонско село, во кое според пишаните документи во 1905 година во селото живееле 1360 Македонци и работело егзархиско училиште. Поради активното учество на локалното население во Илинденското востание, селото настрадало од страна на османлиските војски. Според писмото на водачите на востанието во Костурско, Васил Чакаларов, Лазар Поптрајков, Пандо Кљашев, Манол Розов и Михаил Розов, кое било испратено до сите странски конзулати во Битола на 30 август 1903 година, во селото на 22 август биле убиени дваесетина Македонци. Селото Бапчор По Балканските војни, селото Бапчор било вклучено во составот на Грција. На пописот од 1913 година биле евидентирани 1216 жители, додека на пописот од 1920 година, во селото биле евидентирани 959 жители. Миграцијата на жителите на селото во Соединетите Американски Држави била масовна по завршувањето на Илинденското востание. Миграцијата продолжила и во текот на двете светски војни. Една од најстарите колонии на Македонците во Соединетите Американски Држави е таа во Форт Вејн, Индијана, која била основана од доселеници од Костурско. Во 1912 година преселениците од Бапчор го основале во Форт Вејн своето благотворно друштво наречено „Вич“, кое ги помагало со значителни средства своите соселани во Бапчор. Во 1932 година дел од емигрантите создале и своја гранка на компанијата и во градот Рочестер, во државата Њујорк. Во меѓувреме, пак, во 1921 година емигрантите од Бапчор учествувале во формирањето на братството Костур во Форт Вејн, кое било домаќин при формирањето на Македонската патриотска организација (МПО) во октомври 1922 година. По Грчката граѓанска војна, Бапчор целосно се распаднало, за што сведочат растурените македонски куќи. Населението на селото било принудено да побегне кон Македонија, додека еден дел заминале кон социјалистичките земји од Источна Европа. По нормализацијата на состојбата грчките власти не го обновиле селото, додека пространите и богати пасишта кои биле во сопственост на македонските селани им биле доделен на грчки селани кои биле доселени од Епир. Во 1955 година името на вековното Бапчор било преименувано во Пименико, што во македонски превод значи сточарска населба. Еден од тие македонски страдалници од селото Бач е, секако, ликовниот уметник и филмски работник Коле Манев. Во неговата биографија е запишано дека повеќе години живеел во детски домови во Романија (1948–1956), каде што го завршил основното училиште, а потоа, се вратил во Република Македонија, каде го завршил Уметничкото училиште во Скопје (1956–1960) и студирал на Ликовната академија во Белград (1960–1964). Член е на ДЛУМ и на ДЛУПУМ. Приредил повеќе самостојни изложби (Париз, Скопје, Софија и други места). Неговиот филм „Баскавските извори“ ја освоил првата награда на ТВ фестивалот во Блед (1972), а со долгометражниот документарен филм „Тулгеш“ освоил Гран-при на Мартовскиот фестивал во Белград (1977). Бил претседател на ДЛУМ (2006). Од 1984 година, како самостоен уметник, интензивно му се посветил на сликарството со чести патувања во Париз каде ги реализирал првите самостојни изложби. Авторот е добитник и на голем број меѓународни награди и признанија за филм и за сликарство. Меѓу другото, добитник е на признанието „Почесен витез од областа на уметноста и науката“ на Министерството за култура на Република Франција, наградата „Нерешки мајстори“, четворократен добитник е на наградата „Мал-формат“, како и наградите за „Цртеж“ на ДЛУМ, „Наше историско минато“ и наградата на Ликовната манифестација во Цетиње. Член е на Друштвото на ликовни уметници на Македонија (ДЛУМ) од 1974 година. Има реализирано повеќе од дваесет самостојни изложби и учесник е на многубројни групни изложби. Живее и работи во Скопје и во Лазарополе. Често се вели дека Коле Манев е сликар на човечката болка и неспокој. Тоа е дел од животот на откорнатите, на луѓето раштркани низ светот, духовно осакатени, во кои копка немирот по детството и по згаснатото родно огниште. Оттука и нагласениот неспокој и тага во очите на неговите ликови, оставени на крстопатот во осамата на ноќта да водат дијалог со долгата и траорна тишина. Тој е македонски еминентен сликар, но во исто време и автор на филмското творештво. Манев работел и како режисер на анимирани и документарни филмови, а има напишано и повеќе сценарија. Инаку, Коле Манев го најде својот мир во Лазарополе, кое по многу нешта му наликува на неговото родно Бапчор. Тој е предводник на големата и значајна група на македонски сликари, прогонети од своите родни огништа во Егејската Македонија за време на Граѓанската војна во Грција во 1948 година. Тој е е ценет и како портретист и автор на пејзажи и мртва природа.
Коле Манев за неговото Лазарополе ќе рече: „Летниве денови ги минувам во мојата викендичка во Лазарополе, најубавото и најинспиративното место во државата. Овде сум, буквално, прероден, сликам, планинарам, јавам..., со еден збор, живеам здрав живот. Ги нема главоболките и нервозите од градот. Само енергија за подготовка на нови изложби. Во неколку мои писанија имам споменато дека Лазарополе го одбрав како место за духовно и физичко надополнување, во недостиг и замена за моето село Бапчор, кое, за жал, историската судбина го остави од другата страна на границата, во Егејска Македонија, Грција! Повеќе од триесет години одам или се враќам од Лазарополе. Во овој изминат период со ова село ги споделив сите годишни времиња, студените зими, прекрасните есенски и пролетни периоди, како и топлите лета! Во 1978 година, кога за првпат се најдов во Лазарополе, многу од селските куќи беа во незавидна состојба, напуштени и во процес на руинирање! Потоа дојде времето на враќање на локалните жители и масовно градење на сопствените живеалишта со сите удобности во нив. Се сеќавам кога во Лазарополе работеше земјоделската задруга „Кочо Рацин“ дружењето со Анте Поповски и Симон Дракул, или со Љубиша Георгиевски, кој не можеше да замисли прошетка без присуство на Анте! Од нив и од многу други соселани ја дознав историјата на селото, за улогата на Ѓурчин Кокале, кој ја изградил Горната чешма и црквата „Свети Ѓоргија“ во која е откриена новата фреска „Страшниот суд“, дело на Дичо Зографот, роден во соседното село Тресонче! Како и многу други села и Лазарополе ја доживеа современата транзиција!“ За неговото творештво, пак, академикот Анте Поповски од Лазарополе ќе го напише следното: „Коле Манев творештвото го восприема како веристички одраз на автономни и специфични духовни суштини. Нивниот веризам не е фотографски препис ниту, пак, фиктивно поимање на животот: подеднакво во овие цртежи има и традиционалистички, и романтичарски - и антитрадиционалистички и антиромантичарски тенденции. Неговиот веризам е конзистентна теза според која животот вон нас е само маргинален одраз на индивидуалните суштини. Нашиот внатрешен немир, соѕидан од блокови психоматерија, е во постојан довик со отуѓувањето и безизлезот“. Академикот Георги Старделов, пак, за Коле Манев ќе напише: „Според мое мислење, во односот на еден сликар кон човечкото тело е скриена, пред сè, една негова концепција за човекот. Не случајно актот го среќаваме како доминантен мотив во некои преломни временски раздобја кога се менува сликата за човекот, т.е. кога се случуваат рески мени во антрополошката парадигма на времето, кога човекот е исправен пред нови загатки за својата природа. Затоа, колку и да звучи парадоксално можеме да речеме дека сето сликарство, всушност, ги слика драматичните, загадочните, човекови прашања: Кој сум јас? Од каде доаѓам? Каде одам?“ Инаку, Коле Манев, заедно со авторот на овие редови и со поголема група познати македонски личности од етничка Македонија е член на Фондацијата „Браќа Џидрови“, трите браќа на д-р Лефтер Манче од Отава кои ги дадоа своите млади животи во Граѓанската војна во Грција во 1948 година. Продолжува
Пишува: СЛАВЕ КАТИН |