|
||||
Д-р Танас Вражиновски – познат истражувач на македонското иселеништво (8) |
ДЕЛ ОД ВИСТИНАТА ЗА МАКЕДОНЦИ ОД ЕГЕЈСКА И ПИРИНСКА МАКЕДОНИЈА ВО ПУБЛИКАЦИЈАТА „МАКЕДОНСКИ ИСЕЛЕНИЧКИ МЕРИДИЈАНИ“ Д-р Танас Вражиновски е познат фолклорист, истражувач на македонскиот прозен фолклор, посебно на народните преданија и митологијата. Исто така, се занимава и со македонското иселеништво со посебна нагласка на Македонците кои потекнуваат од егејскиот дел на Македонија, а на кои Канада им е втората и вечна татковина Вражиновски е роден на 23 јули 1941 година во револуционерното село Смрдеш, Костурско. По Граѓанската војна во Грција (1948) како дете бил однесен во Тулгеш (Романија), каде што го започнал основното образование, а потоа се преселил во Крошченко (Полска), каде што го завршил основното образование (1955). Средно образование завршил во Јарослав (Полска, 1961), а студирал словенска филологија во Краков (Полска) и дипломирал на Филолошкиот факултет во Софија (1966). Потоа бил професор по руски јазик во Гимназијата во Сењава (Полска, 1966-1970). Танас Вражиновски го напуштил родното место, но тоа не го напуштило него. Тој постојано го носи во срцето и живо се сеќава на детските денови, а особено за историскиот развој на селото Смрдеш. Тоа е едно од поголемите патриотски македонски села во Костурско, кое дало бројни борци за слобода на Македонија. Смрдеш е планинско село и се наоѓа на педесетина километри југозападно од Лерин и на околу четириесет километри северозападно од Костур, во подножјето на планината Корбец во областа Корешта. Тоа е сместено на само три километри од грчко-албанската граница. Инаку, селото Смрдеш за првпат е споменато во османски дефтер од 1530 година под името Исмирдеш, кое тогаш броело 53 домаќинства. После 1900 година жителите на селото, заедно со жителите на соседното село Д’мбени играле водечка улога во тој дел на Македонија, во борбите за ослободување на македонскиот народ. Селото Смрдеш е познато како комитско село од кое потекнуваат бројни војводи, меѓу кои, Васил Чакаларов, Пандо Кљашев. Таму престојувале голем број познати борци со своите чети, меѓу кои и Борис Сарафов. Затоа, за одмазда кон македонското население во селото, вечерта на 8 спроти 9 мај 1903 година, редовна турска војска го нападнала селото. Притоа, биле убиени и ранети стотина жители, 300 куќи биле изгорени, заедно со двете училишта и дваесетина дуќани, а околу 1500 жители останале без покрив над главата. Селото Смрдеш некогаш Инаку, Васил Чакаларов е едно од најголемите и најсветли имиња во македонската историја од крајот на XIX и почетокот на XX век. Тој е еден од македонските револуционери и дејци кој најдолго го држел отворено македонското прашање во постилинденскиот период. Васил Чакаларов е човекот кој ја држеше најголемата слободна територија во Беломорска Македонија, и која беше под македонска управа сè до крајот на август 1903 година. Тој беше човекот кој многу добро знаеше дека вистинскиот непријател на Македонија не доаѓа од Цариград, туку од Атина, Софија и од Белград. Најголем дел од својата борба Чакаларов ќе ја насочи токму против соседните пропаганди кои се водеа во Македонија. Васил Чакаларов е роден во селото Смрдеш, Костурско, беломорскиот дел на Македонија во 1874 година. Чакаларов брзо се приклучил на македонското национално ослободително и револуционерно движење, станал член на Врховниот македонски комитет (ВМК) каде ги остварил првите контакти со видни македонски дејци и револуционери помеѓу кои бил и Борис Сарафов со кого имал цврсто пријателство и соработка. Во исто време Смрдеш е познато како печалбарски крај. Така, по Првата светска војна многу жители се преселиле во Бугарија, Канада и Австралија, а најмногу во градот Медисон во Соединетите Американски Држави. Како израз на големата љубов кон родниот крај, во 1906 година во Медисон, Илиноис доселениците од селото Смрдеш, го формирале благотворно-просветното друштво „Пандо Кљашев“. Исто така, доселениците од Смрдеш имале голем придонес во изградбата на црквата „Света Тројца“ во Медисон, формирана во 1910 година.И покрај тоа што таа била крстенаБугарско-македонска православна црква, таа била изградена со средства на Македонци од егејскиот дел на Македонија и неколку Бугари. Во 1919 година во црквата бил подметнат пожар и била многу оштетена. Но, по десет години храмот повторно бил обновен и реконструиран. Оваа црква е под раководство на МПО и денес е активна. Се чини дека селото Смрдеш најмногу настрадало за време на Втората светска војна, во текот на Граѓанската војна во Грција, кога во 1951 година сите жители се иселиле насекаде по светот, го оставиле празно селото, во кое потоа грчките власти населиле православни Турци (Просвиги) како номадско племе. Судбината на Танас Вражиновски била да се пресели од селото и да замине во Ромунија, па потоа во Полска, а потоа во 1970 година да се пресели во Република Македонија, во Скопје, каде и денес живее и работи. Својата кариера ја започнал токму во Скопје, каде што бил асистент, научен и виш научен соработник од 1970 до 1990 година, во Институтот за фолклор во Скопје, а една година бил и заменик-директор. Докторирал на Филолошкиот факултет во Скопје на тема „Социјално-класните односи во македонските народни приказни“ (1981). Бил главен и одговорен уредник на списанието „Македонски фолклор“ (1985-1988), вршел фолклористички теренски истражувања низ Република Македонија и сред македонското иселеништво во Канада и САД. Работниот век до пензионирањето го завршил како научен советник (1990), главен и одговорен уредник на списанието „Балканославика“ и директор (2001-2005) на Институтот за старословенска култура во Прилеп. Во неговата плодна научна кариера превел неколку книги од полски на македонски јазик и обратно. За одбележување се неговите дела, меѓу кои: „Разловечкото востание во современата усна прозна традиција на разловчани“, (1976) (со коавтор); „Македонски народни приказни за животни“, (1978); „Македонските преданија за места“, (1979); „Илинденскиот прозен револуционерен фолклор“, (1981); „Социјално-класните односи во македонските народни приказни“, (1982); „Гоце Делчев во македонскиот фолклор“, (1985) (со коредактор); „Македонски народни волшебни приказни“, (1986); „Македонски народни преданија“, (1986); „Богови и попови“, (1987) (со коредактор); „Вампирите во македонските верувања и преданија“, (1988) (со коредактор); „Споредбена монографија на македонското село Јабланица и полското село Пјентки Грензки“, (1992) (со коавтор); „Македонски историски преданија“, (1992); „Убавините на Македонија низ преданија и легенди“, (1995); „За националниот карактер на Македонците“, (1997); „Актерството на народниот раскажувач“, (2002); „Македонска народна митологија, кн. 1-5“, (2002) (со соработници). Потоа е автор на делата: „50. години Институт за фолклор“, „Библиографија на изданијата на Институтот за фолклор „Марко Цепенков“ како и на магистерските и докторските дисертации на соработниците од 1950 до 2000 година. Егејско оро Од делата кои се однесуваат на македонското иселеништво во Канада и Соединетите Американски Држави посебно место заслужуваат следните: „Народни приказни на Македонците иселеници во Канада“, (1990); „Македонски народни приказни од брегот на Преспанското Езеро раскажани од Славе Јанкуловски-Грпчевски“, (1990); „Македонското иселеништво во Канада“, (1991); „Македонско-канадскиот комитет за човекови права во Торонто“, (1993); „Организационата структура на македонското иселеништво во Канада“, (1994); „Организацијата Обединети Македонци“, (1998); „Македонското иселеништво во САД - организационата структура“,(2000). Инаку, негова најубава книга е монографијата „На пат за светото место“ што беше промовирана во мултимедијалниот културен центар „Матица ексклузив”, на 16 јуни во 2016 година, а во издание на издавачката куќа „Силсонс“ од Скопје. На страниците од ова најново дело познатиот научник, со јазикот на фактите пишува за историјата и трагичната судбина на селото Смрдеш, родното место на славните војводи Васил Чакаларов и Пандо Кљашев. Како и бројните места населени со македонско население во Егејска Македонија и ова село за време на Граѓанската војна во Грција ќе ја доживее трагичната судбина. Денес во селото е останата само селската црква која немо сведочи за злосторствата што ги доживеа македонскиот народ во безумната граѓанска војна. Во делото „Македонското иселеништво во Канада“ (1992), кое е издание на „Матица македонска“, авторот Танас Вражиновски ги дава основните претпоставки за проучување на македонското иселеништво во демократска и мултикултурна Канада. Тој ги истражува македонските селски социјално-културни братства во Канада, кои започнале да се формираат на почетокот на минатиот век, чии основачи биле претежно Македонци од Егејска Македонија. Како фолклорист, се разбира, авторот посветил посебно внимание на македонската народна проза, како и на спомагателните друштва во Торонто. Притоа, посебно внимание посветил на друштвата „Ошчима“, „Желево“, „Буф“, „Баница“ и „Преспа“, како и на Организацијата „Обединети Македонци“. Во книгата „Македонското иселеништво во Соединетите Американски Држави“ авторот ги дава причините за иселувањето на Македонците во Соединетите Американски Држави, нивното етничко организирање, како и иселеничките спомагателни друштва во оваа земја. Поголемиот дел од книгата е посветен на верското организирање на македонските иселеници во Соединетите Американски Држави, преку Американско-канадската македонска православна епархија. Имено, дадени се опширни текстови за осумнаесет македонски православни цркви и еден манастир. Сите овие македонски православни цркви се под јурисдикција на Македонската православна црква - Охридска архиепископија. Исто така, во книгата се поместени текстови за односот на МПО кон Македонија како суверена и независна држава и кон македонското национално прашање. Притоа, дадени се информации и за „Македонскиот народен сојуз“ во Соединетите Американски Држави. Продолжува
Пишува: СЛАВЕ КАТИН |