|
||||
ИЗЛЕЗЕ ОД ПЕЧАТ МОНОДРАМАТА „Т’ГА ЗА ЈУГ“ ОД ДУШАН РИСТЕВСКИ |
Александар ДОНСКИ Деновиве во издание на Македонското литературно друштво од Сиднеј, а во соработка со Австралиско-македонскиот театар исто така од Сиднеј, излезе од печат мондрамата „Т’га за југ“ од најпознатиот македонски драмски писател во дијаспората Душан Ристевски. Монодрамата е објавена двојазично на македонски и на англиски и истата е илустрирана со фотографии во боја од истоимената претстава која во 2019 година предизвика голем интерес среде Македонците во Австралија. Во монодрамата Душан Ристевски ги опишува последните мигови од животот на големиот македонски преродбеник и фолклорист Димитар Миладинов во затворот во Истанбул. Како борци против грчката пропаганда и обиди за денационализација на Македонците, Димитар и неговиот помлад брат Конснантин, биле наклеветени пред отоманската власт од страна на грчкиот владика дека божем се „шпиони на Русија“ кои тајно работат против Отоманската империја. Заради тоа обајцата биле заточени во Истанбул каде починале по неразјаснети околности во јануари 1862 година. Искусниот драматург Душан Ристевски успеал да продре во психата на Димитар Миладинов претставувајќи го ем како борец за заштита на народот од погрчувањето што го спроведувала грчката православна Црква и пропаганда, ем како обичен човек – постар брат, загрижен за судбината на помалиот брат. Како пандан на Димитар во монодрамата е поставен и ликот на затворскиот чувар Рашид, кој и самиот е по потекло од Македонија, но уште како мало дете бил потурчен, па не се сеќава на речиси ништо од своето поднебје, освен на една мелодија која постојано ја свири со својот кавал додека чува стража. Рашид професионално се однесува кон својата работа строго да ги чува затворениците кои се огрешиле пред законот и султанот, но истовремено и кај него се наѕира човечка димензија и извесен степен на разбирање за состојбата на Димитар. Како трет лик е прикажан уште еден затвореник осуден на 101 година затвор кому стражарот не смее ни вода да му даде затоа што му ја опцул мајката на султанот. Во последните мигови од својот живот Димитар добива писмо од Константин (кое му го предава Рашид) и внатре ја наоѓа песната „Т’га за југ“, која гласно почнува да ја чита. Песната го трогнува и Рашид и му буди дамнешни заборавени и потиснати сеќавања на својот роден крај. Потоа Димитар дознава за смртта на својот помлад брат Константин. Плаче и низ солзи останува да ја чита песната на глас. Но, не ја дочитува до крај. Се фаќа за градите, паѓа и умира. Последните стихови од песната со тешки маки ги изговара измачениот затвореник во окови, додека однадвор се слуша кавалот на Рашид... Сведоци сме на уште едно извонредно дело од Душан Ристевски кој на овој начин, низ уметничката призма и преку својот талент, продолжува да ни осветлува значајни мигови од македонската историја. |