|
||||
„ПРЕСПАНСКА РАЗГЛЕДНИЦА“ – НОВО ДЕЛО НА СЛАВЕ КАТИН |
Публикацијата „Преспанска разгледница“ на Славе Катин е издание на Книгоиздателството „Македонска искра“ од Скопје, а рецензенти се: публицистот Свето Стефановски и примариус д-р Методија Томевски. Таа е отпечатена на 420 страници и содржи педесеттина репортажи од доживувањата, активнотите, историските податоци, посетите, бројните културно историски настани и други текстови кои се однесуваат на родната Преспа на авторот Во делото „Преспанска разгледница“ Славе Катин пишува за Преспа како значаен дел на Македонија, за Македонците од поделена Македонија, особено за минатото и сегашноста на етничка Преспа. Затоа тој вели дека да се пишува за Преспа е одговорна задача, но истовремено причинува големо задоволство. Во ова време на светска глобализација прекрасно е чувството кога ќе се најде на едно место дел од една историска вистина за настаните, личностите, за минатото, сегашноста и иднината на еден убав македонски крај од незаборавот кој се вика Преспа. Затоа, авторот на ова дело Славе Катин како публицист и новинар кој го прокрстарил светот и оставил траги за Македонците во дијаспората, со големо задоволство се зафати да пишува и да даде придонес за етничка Преспа, да пишува за неговата родна Преспа која ја носи во срцето и е чест посетител на тој убав македонски крај. Мајката природа на Преспа ѝ подарила богатство на убавини и атрактивности. Во исто време, историјата ѝ оставила непроценливи траги од значајни настани. Затоа преспанци каде и да се во родниот крај или надвор од него, се радуваат со сето тоа што го има во Преспа, се гордеат и го чуваат ваквото богатство за идните генерации. Она што на Преспа и на нејзината историја ѝ дава посебен белег е нејзиното богатство со културно-историските споменици, уште од времето кога била староримска крстосница и прва престолнина на цар Самуил, а денес е туристичка дестинација Борбата за национално ослободување од Отоманската Империја во овој крај организирано започнала многу одамна. Уште пред создавањето на Тајната македонска одринска револуционерна организација (ТМОРО) во 1893 година, Преспа била центар на многу настани од овој период. Куќата-музеј на Христо Татарчев во Ресен Така, на 15 август 1894 година во куќата на Татарчеви во Ресен, било одржано советување со кое непосредно раководеле Даме Груев и Пере Тошев. Тука биле донесени значајни одлуки за натамошниот развој на револуционерното движење во Македонија. Ова прво советување на ТМОРО, по своите историски одлуки се смета за „голема илинденска искра”. Во текот на Илинденското востание на овој терен дејствувале 12 комитски чети со над 2.000 востаници. Најжестоки битки се воделе во реонот на селата Крушје, Лева Река, Болно, Евла, Златари, Кривени, Љубојно, Брајчино, Долно Дупени, Герман и други песпански места. Меѓутоа, незаборавен е фактот дека првото слободно утро во Ресен и Преспа осамна на 5 ноември 1944 година, кога борците на Петтата и Седмата македонска народноослободителна ударна бригада победоносно влегоа во Ресен и го развеаја знамето на слободата. Co тоа се означи крајот на вековното ропство и почетокот на новиот слободен развој на Народна Република Македонија, а во тие рамки и на Ресен и Преспа во целина. Во годините по Втората светска војна овој крај, од изразито заостанато аграрно подрачје, доживеа значајна преродба, израснувајќи во модерен индустриски, земјоделски и туристички центар, со современа и развиена прехранбена и текстилна индустрија. Црквите и манастирите градени во времето на свети Климент и свети Наум Охридски (IX и X век) и во времето на Самуиловото Царство во X и XI век, биле разурнувани од разни антимакедонски завојувачи, многу од нив биле обновувани, но, пак, уништувани за време на владеењето на Турската Империја. Но, преспанци ги обновиле старите и изградиле нови цркви во сите населени места. Co тоа се потврдува дека во Преспа се создале дела од највисок уметнички дострел во своето време кои ја збогатуваат не само македонската, туку и светската ризница на уметноста и културата. Неговото христијанско население го негувало и го негува култот на Пресвета Богородица, на Исус Христос... Тоа се потврдува со фактот што во голем број преспански села се изградени цркви посветени на Дева Марија. Меѓу нив, црквите во селата Сливница, Брајчино, Јанковец, Евла, Љубојно, Арвати, Крани, Нивици, Курбиново, Долно Дупени, Бела Црква и други населени места. Треба да се нагласи дека не се памети кога населението ја има именувано котлината на Горна Преспа, Долна Преспа и Мала Преспа. Меѓутоа, запишано е дека Горна Преспа го зазема северниот дел, Долна Преспа јужниот, а Мала Преспа југозападниот дел на Преспа. Горна и Долна Преспа ги одделува ридот Веќе кај Претор, а Мала Преспа и Горна Преспа копнено се одделени со Пречна Планина. Делот на Долна Преспа, пак, со Малото Преспанско Езеро од Мала Преспа ги одделува планината Сува Гора. Еден од бисерите на македонската убава езерска земја на Балканот е Преспанското Езеро, познато по својот жив свет, крајбрежјето, изворите, природните убавини, геолошките, геоморфолошките,хидролошките, лимнолошките и други научни вредности. Тоа придонесува Преспа да биде позната со своите културни, естетски, воспитно-образовни, здравствени, туристички рекреативни и други стопански значења и вредности за општествена заедница. Преспанското Езеро е карактеристично и единствено по тоа што во него има два острова, Голем и Мал Град. Островот Големиот Град е единствен во Република Македонија. При посетата на овој остров се забележува дека тој е огромна карпа, која, веројатно, се откинала од соседните планини од големи земјотреси. Таквите тектонски промени во минатото направиле големи измени во Преспа и пошироко. Свети Ахил во Долна Преспа Како природна реткост островот Голем Град кој зафаќа површина од околу 2 километра квадратни, е заштитен со закон и спаѓа во рамките на Националниот парк „Галичица”. Островот е познат како омилено излетничко место за посетителите на Преспа, како и археолошки локалитет со остатоци од живеалишта, цркви и некрополи. Општината Ресен има 44 населени места. Долна Преспа, пак, со помал дел од Преспанското Езеро и Малото Езеро, влегува во составот на Грција и Албанија. Оваа положба, всушност, резултира од поделбата на Македонија по Балканските војни и Првата светска војна. Ресен се наоѓа на северниот дел од Преспанската котлина. Тој е овоштарски центар, познат по далеку прочуените преспански јаболка. Ресен е особено познат по грнчарството, заради што долги години во него успешно работи Керамичката колонија, на која секое лето престојуваат керамичари од разни држави и од Македонија. Во него посебно внимание привлекува зградата на Музејот на Преспа, односно некогашниот беговски дворец (Сарајот), изграден од Нијази бег уште за време на турското владеење. Често се вели дека Ресен е градот на јаболката. Тој е општински центар сместен на северниот дел од Преспанската Котлина. Ресен е овоштарски центар познат по далеку прочуените преспански јаболка. Но, овој крај од Преспа е познат и како туристички регион со убави летувалишта крај езерскиот брег. Меѓутоа, миграционите движења во етничка Македонија си го направија своето. Така, Преспа стана крај во кој почна рано да се оди на печалба. Денес Преспанции како печалбари можат да се најдат на работа и постојан престој во прекуокеанските земји Америка Канада и Австралија, во Европа (Европската Унија), како и во некои делови на Хрваска, Србија, Бугарија, Турција и други држави ширум светот. Пустец и Преспанското Езеро Публикацијата „Преспанска разгледница“ е 60. дело на Славе Катин почнувајќи од неговото прво издание „Англиско-македонски лимнолошки речник“, што го издаде Хидробиолошкиот завод од Охрид во 1986 година, па до денес. Инаку,Славе Николовски-Катин или како што е познат само како Славе Катин е голем вљубеник во својата родна Преспа, во Македонија и македонскиот народ како и во македонската дијаспора. Тој е познат на македонската и на меѓународната јавност по неговите бројни публикации, новинарски и научни трудови кои се посветени, главно на животот на Македонците во светот. Исто така, неговата работа се однесува и на низа други аспекти поврзани со македонската дијаспора, како и со културата, литературата, јазикот, историјата, журналистиката и посебно религијата. Славе Катин не припаѓа на политичка партија, бидејќи тој е припадник на етничка Македонија, на Македонците во дијаспората и на Македонската православна црква - Охридска архиепископија (МПЦ - ОА), која како институција игра значајна улога во опфаќањето и сплотеноста на Македонците надвор од Македонија, особено во прекуокеанските земји и насекаде во светот. Катин постојано патува, но секогаш се навраќа во неговото Љубојно, каде во неговиот македонски дом има и библиотека со 5.000 книги, За него Преспа е природен резерват, еден од позначајните на Балканот кој има отворен хоризонт. Раскошните планински визури на Пелистер, Галичица, Иван Планина и Преспанското Езеро, богатиот и редок растителен и животински свет и благородната клима од Преспа направиле вистинско чудо на природата во западниот дел на етничка Македонија. Македонска нација |