|
||||
Стојко Стојков – чувар и бранител на вистината за Македонците во Пирин (9) |
ДЕЛ ОД ВИСТИНАТА ЗА МАКЕДОНЦИ ОД ЕГЕЈСКА И ПИРИНСКА МАКЕДОНИЈА ВО ПУБЛИКАЦИЈАТА „МАКЕДОНСКИ ИСЕЛЕНИЧКИ МЕРИДИЈАНИ“ За жал, бугарската влада одбива да признае постоење на македонско малцинство во Пиринска Македонија и продолжува да ги крши основните човекови права. Членовите и симпатизерите на ОМО „Илинден– ПИРИН“, политичка партија и организација за човекови права и ОМО „Илинден“, организација за човекови и малцински права се малтретирани, тепани, казнувани, па дури и затворани, едноставно, за прогласување на својот македонски идентитет Причината за упорното негирање на Македонците во Бугарија доаѓа од бугарската националистичка догма дека нема, не може и не треба да има Македонци. Меѓутоа, вистината е друга не само со пописот, туку и со вистинското постоење на македонскиот народ во Бугарија. Инаку, ОМО „Илинден“ и ОМО „Илинден-ПИРИН“ се две од неколкуте македонски организации во Република Бугарија, во Пиринска Македонија. ОМО „Илинден“ е основана на 14 април 1990 година во градот Сандански, во пиринскиот дел на Македонија, преку обединување на други постојни македонски организации. Во нејзиниот состав тогаш влегле: „Илинден-ВМРО 89 – Независна“ од Благоевград, „Илинден - независна“ од Софија, „Комитетот за заштита на правата на Македонците“ од Благоевград, „Комитетот на репресирани Македонци од Бугарија“, „Независниот демократски сојуз“ и Културно-просветното друштво „Јане Сандански“ од село Микрево - Кресна. На обединувачкиот состанок било избрано првото раководство во состав: Стојан Георгиев Томовичин за претседател, Јордан Костадинов за потпретседател, и за членови на Координативниот совет биле избрани Красимир Илиев и Стојан Бербатов. Во однос на името на обединетата организација, било решено да се отфрли предлогот за употреба на името „ВМРО“ поради неговото негативно значење во одредени моменти од македонската историја. Мнозинството го прифатило името Обединета македонска организација „Илинден“. По падот на комунизмот, во Бугарија завладеала голема еуфорија, а кај Македонците се родила надеж дека конечно ќе можат да ги повратат националните права од времето на комунистичкиот режим на Георги Димитров. До 10 мај 1990 година, ОМО „Илинден“ во своите редови имал околу седум илјади членови, меѓу кои и познати активисти. Организацијата ги издавала весниците „Скорнување“ и „Независима Македонија“ (Независна Македонија), кои повеќе пати биле одземани од бугарската полиција, а сега нивното печатање е запрено поради недостиг на финансиско обезбедување.
На својата Петта национална конференција, одржана на 21 септември 2010 година во градот Сандански, во присуство на 98 делегати од Пиринска Македонија организацијата избрала нов управувачки совет од 9 лица. Било донесена одлука да се направи обид да биде регистрирана како невладина организација, како и да дејствува заедно со ОМО „Илинден-ПИРИН“ за остварување на човековите права на Македонците во Бугарија. Обединетата македонска организација „Илинден“ - Партија за економски развој и интеграција на населението (ОМО „Илинден-ПИРИН“) е организација со либерални и демократски принципи и политика изградена врз основа на бугарскиот Устав и законодавството, Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства и сите други меѓународни документи, чиј потписник е Република Бугарија, во согласност со Статутот на организацијата. ОМО „Илинден-–ПИРИН“ е политичка партија на Македонците во Република Бугарија. Како организација на Македонците е формирана веднаш по падот на комунизмот во Бугарија, во ноември 1989 година, а веќе наредната 1990 година на 22 април го одржала првиот масовен собир на гробот на Јане Сандански по повод 80 години од неговата смрт во Рожденскиот манастир на кој присуствувале неколку илјади Македонци. Во 1999 година партијата ги собра потребниот број на потписи и ги исполни сите услови за регистрирање и учествуваше на локалните избори каде освои 5 градоначалнички места. Нејзината регистрација беше поништена од Уставниот суд на Република Бугарија на 29 февруари 2000 година, под образложение дека „партија која се изјаснува дека дел од територијата на Бугарија е туѓа и се залага за нејзиното отцепување од бугарската држава е противуставна и не смее да постои“. По жалбата до Судот за човекови права во Стразбур и пресудата во корист на партијата, државата Бугарија на партијата и исплати отштета но нејзината регистрација не е вратена до ден-денес со што не е исправено кривичното дело. Во поново време повторно е актуелно нејзиното регистрирање кое повторно се оспорува од бугарските државни органи кои не признаваат дека постои македонско малцинство во државата и воопшто не признаваат дека постои македонскиот народ. Меѓутоа, Комитетот на министри при Советот на Европа има спротивно мислење и одлучи да í се наложи на Бугарија да ја регистрира партијата, која најмногу дејствува во Пиринска Македонија (Благоевградската област во југозападна Бугарија) каде што е сконцентриран најголемиот број Македонци во Бугарија. Така, според изјавите на еден од нејзините водачи Стојко Стојков, во Бугарија има 187.000 луѓе кои се декларират како Македонци, затоа ОМО „Илинден–ПИРИН“ покрај своите барања за признавање на малцински права на Македонците во Бугарија, активно учествува и во културниот и националниот живот на Македонците преку разни активности како одржување собири и чествувања во Рожденскиот манастир на гробот на Јане Сандански по повод годишнините од неговото раѓање и загинување, издавање на весникот „Народна волја“ на македонски јазик, организирање на разни фестивали и многубројни други културни манифестации. Инаку, Стојко Стојков е копретседател на ОМО „Илинден – ПИРИН“. Тој е роден во градот Сандански во Пиринска Македонија, на 15 април 1974 година,, и е државен службеник на македонското малцинство во Бугарија, член на колективното претседателство на Македонија „политички“ организација ОМО „Илинден – Пирин“. Стојко Стојков дипломирал на Филозофскиот факултет во Скопје, Република Македонија на групата историја,. Тој работи во македонскиот весник „Народната волја“, кој излегува во Благоевград. Во центарот на поголемо внимание на бугарската политичка сцена дојде во 2006 година, кога, по основачкото собрание на партијата ОМО „Илинден – ПИРИН“, рече дека прашањето за учење на мајчин јазик е основно право на секое човечко суштество. Оваа изјава се совпадна со изјавата на претседателот на бугарската парламентарна Комисија за заштита од дискриминација, Кемал Ејуп, кој изјави дека во Бугарија има македонско национално малцинство. Таквата изјава во бугарските медиуми предизвика жестока бура и предупредувања дека партијата ОМО „Илинден – ПИРИН“ бара Македонците во Бугарија да го учат својот мајчин јазик во училиштата. Инаку, копретседателот на ОМО „Илинден-ПИРИН“ Стојко Стојков вели дека се интензивирани репресивните мерки на бугарските безбедносни служби против припадниците и приврзаниците на нивната организација. Сите членови се повикувани еден по еден во полициските станици или се посетувани дома во доцните вечерни часови. Тој нема коментар за овој недемократски и нецивилизациски потег на државата и жали што не се најде политичка партија во Бугарија или каква било друг вид институција што го осуди тоа или да преземе мерки. Стојков вели дека по одбивањето на Софискиот градски суд да ја регистрира ОМО „Илинден – ПИРИН“ како политичка партија, презеле повеќе акции пред меѓународните, пред сè, пред институциите на Европската Унија, барајќи заштита од нив. Тоа го прават бидејќи тие имаа регистрирано партија која незаконски беше укината од Уставниот суд на Бугарија. Затоа, тие поднесоа жалба пред Судот во Стразбур и делумно го добија спорот. Имаат пресуда во нивна корист која бугарската држава не ја спроведува. Стојко Стоков истакна дека неговата партија за да ги заштити членовите и симпатизерите, меѓу другото, ја информирала јавноста со сите средства со кои располага, посебно Меѓународната заедница за тоа што се случува во Бугарија со македонското малцинство. Меѓу другото, членовите на ОМО „Илинден-ПИРИН“ собраа податоци за извршените нарушувања и ги презедоа сите други мерки кои им стојат на располагање. Така, преку весниците, преку билтени и писма ги известија и ги oхрабрија членовите да не подлегнуваат на притисоците и да не веруваат во лагите и во заканите од полицијата. Од тие причини тие му се обратија на Комитетот на министрите на Советот на Европа, кој е надлежен за исполнување на пресудите на Судот во Стразбур. Притоа на Комитетот му обрнале внимание дека Република Бугарија категорично одбива да ја спроведе пресудата и дека државниот став е оти пресудата се сведува само на исплаќање на мала сума пари. Исто така, тие се обратиле и до Европскиот парламент, со цел да ги известат европските пратеници за она што се случува со нивната партија и, воопшто, со проблемите што ги имаат малцинствата во Бугарија. Според зборовите на Стојко Стојков, тие немале доволно време да лобираат за да успее таа акција. Меѓутоа, и со тој кус рок со кој располагаа, сепак, успеаја да добијат поддршка на 141 пратеник и да ги информираат европските депутати дека во Бугарија постои и македонско малцинство, дека има проблеми со малцинствата, дека има и една партија на која, и покрај тоа што е демократска и ги исполнува сите законски услови, државата не í дозволува да дејствува легално. Затоа, според Стојко Стојков, ОМО „Илинден – ПИРИН“во наредниот период ќе преземе низа акции во врска со регистрирањето на политичката партија, и ќе продолжат да се борат за регистрација. Потоа, ќе се борат, исто така, за враќање на нивната регистрација преку Комитетот на министрите на Советот на Европа. Тие, всушност лобираат во меѓународните организации и во Европскиот парламент да добијат поддршка за заштита на нивните граѓански и малцински права. Инаку, македонскиот активист и основач на организацијата на Македонците во Бугарија, ОМО „Илинден-ПИРИН“, Стојко Стојков, е автор на книгата „Табу, време на страв и страдање, прогонувањето на Македонците во Бугарија во време на комунизмот (1944 -1989)“. Делото содржи спомени и документи на голем број Македонци репресирани поради својата македонска самосвест за време на комунистичкиот период во Бугарија. Продолжува
Пишува: СЛАВЕ КАТИН |