|
||||
Нова книга: КАМЕЊАТА – ОД СТЕФО НАНЦУ И ТОМ ЛАЈКОС |
Деновиве во издание на Литературното друштво „Григор Прличев“ а во соработка со Австралиско македонскиот театар од Сиднеј се издаде драмата „Камењата“ од Стефо Нанцу и Том Лајкос. Рецензент на драмата е Александар Донски а преводот на македонски е од Бубе Донска. “Камењата“ прв пат беше изведена во Trinity College, во Мелбурн, на 13 јуни 1996 година со двајцата автори кои исто се и актери. Драмата се прикажа преку интернационално познатиот и наградуван театарот Zeal и досега успешно е прикажана повеќе од 1400 пати. Покрај многубројните изведби во Австралија истата е прикажана во Националниот Театар во Лондон, Театарот „Победа“ во Њујорк, „Де Краклинг“ во Амстердам, театарот „Каземодо“ во Токио и во „Зиан-Хорн“ на Дунав во Австрија. Претставата е преведена и продуцирана во над триесет држави, а режирана од самите автори за театарски компании во Германија, Канада, Велс, Холандија, Унгарија, Данска, Турција и Норвешка. „Камењата“ има добиено повеќе национални и интернационални награди, а театарот Zeal беше награден со престигиозната „ASSITEJ Интернационален избор на Режисери“ награда за „Извонредност во индустријата на театарот за млади личности“ во Монтреал, Канада во 2005. Драмата „Камењата“ беше инспирирана од вистинска приказна во која две момчиња на возраст од 13 и 15 години беа осудени за убиство откако шутирале камења од мост над автопат и убиле возач. Од самиот почеток во драмата кај консументот (читачот и гледачот) се јавува дилема, како што забележува рецензентот Донски, „Дилемата околу тоа дали и колку се виновни самите малолетници за ненамерното убиство што го сториле, а колку е виновна околината во која растеле и се воспитувале (не само семејната, туку и пошироката општествено-социјална) како фактор за оформувањето на нивниот карактер и нагон постојано да прават лоши дела заради сопствена забава.“
Несомнено, како што нагласува Донски, „авторите успеале и веродостојно да го прикажат психолошкиот лик на малолетните деликвенти во Австралија. Притоа, гледаме дека нивниот психолошки склоп по ништо не се разликува од психолошкиот склоп на деликвентите на нивна возраст од останатите народи и култури.“ Наспроти „борбата“ со ликовите и карактерите на малолетните деликвенти, во драмата „паралелно се одвива уште една психолошко-социјална конфронтација, овојпат помеѓу двајцата полициски инспектори ангажирани во нивниот случај“ кои нудат порака дека и инспекторите некогаш биле деца, склони кон правење детски пакости.
Стефо Нанцу е роден во Њукастел, Австралија од македонски родители. Во својата 40-годишна кариера има напишано, режирано и глумено во над 160 театарски претстави. Тој бил директор на Сиднејската театарска компанија 2009-2014 година, каде има напишано и режирано десет оригинални продукции, вклучувајќи ја „Левијатан“ со актерска екипа од над триста актери. Тој и денес управува со театарот ЗЕАЛ и создава нови дела во Центарот за уметности во Банкстаун. Том Лајкос е роден во Абериствит, Велс од грчки и англиски родители. Неговата кариера како актер, музичар, акробат, драмски писател и режисер се одвива неколку децении, а со Стефо и нивниот театар ЗЕАЛ имаат создадено 12 оргинални продукции. Инаку драмата „Камењата“ исто ја има објавено и Универзитетот „Јеил Прес“ - Yale University Press во САД и Издавачката куќа „Сакијекул“ - Sakyejul во Јужна Кореја. Ова е прво македонско издание кое се надеваме дека ќе ги поттикне македонските театри истата да ја стават на сцена и го промовираат делото од овие афирмирани автори, а посебно делото на Стефо Нанцу кој повеќе године е вклучен како режисер во Австралиско македонскиот театар во Сиднеј.
Душан Ристевски |