|
||||
СУДБИНАТА НА ПРВИТЕ УЧИЛИШТА НА МАКЕДОНСКИ ЈАЗИК ВО ПОДВИС И ЉУБОЈНО |
Ние Македонците треба да се гордеме со Македонија – библиската земја на убавини, на мистерии и опстојувања, каде што нашите претци преживеале војни, глад, освојувачи, империи, а притоа ја зачувале волшебноста на својата татковина. Во исто време ние Македонците треба да се запрашаме за некои работи што не сме ги направиле за идните македонски генерации Затоа, овој пат ќе се посветиме на првите училишта по македонски јазик во Македонија, во селата Подвис, Кичевско и во Љубојно, Ресенско, кои се оставени на забот на времето. Овие први образовни центри на македонски јазик со право очекуваат посветеност на нивните општини, со цел да се зачуваат за историскиот развој на македонскиот литературен јазик на идните генерации. За таа цел ние појдовме за Кичево каде стасавме на пладне кога и бројот на населението по улиците беше многу мал. Веројатно тоа беше сликата од жешкото време, од политичките (не)прилики, а повеќе од раширениот корона вирусот - Ковид 19. Тоа не натера со автомобилот да се прошетавме само до центарот на градот и, без застанување да се упативме кон делницата која води кон Охрид. Како вљубеници во нашата убава земја Македонија, која е гордост, радост и тага, сон и јаве за секој патеписец, од Кичево кон Охрид се насладувавме на се’ она што го дарувала мајката Природа на овој убав македонски крај. Таму реката Треска безшумно ја дели областа Копачка и заминува кон централниот дел на Македонија, а убавите планиски венци натежнале со своето минато, сегашнот и иднина. Брзо стасавме до патот кој води кон селото Подвис, во кое за време на Втората светска војна, на 23 септември 1943 година, само шест дена по ослободувањето на Кичево од фашистичките окупаторски сили, во селското училиште за првпат се одржала настава на македонски јазик на слободната територија. Таму се постави темелот за македонскиот литературен јазик, кој e дел од групата на словенските јазици од јазичното семејство на индоевропски јазици. Во период од 76 години македонскиот е службен и национален јазик во Македонија, а воедно е и официјално признат како регионален службен јазик во Горица и Пустец во Албанија, каде што живее бројно македонско население, но и во Србија како официјален во општините Јабука и Пландиште, потоа во Хрватска, Црна Гора, Босна и Херцеговина и Словенија, во Романија и Косово. Македонски јазик се зборува и во Австралија, Бугарија, Грција, Канада и Соединетите Американски Држави, во Турција, во Русија, во повеќе земји−членки на Европската Унија и во останатата македонска дијаспора. Вкупниот број на македонски говорници е тешко да се утврди поради несоодветни пописи, но бројката се движи од околу 2,5 до 3 милиони луѓе кои го зборуваат македонскиот јазик. Денес старата трошна училишна зграда на првото основно училиште во кое се изведувала настава на современ македонски јазик во селото Подвис е прогласена за споменик на културата на Македонија. Таа е напуштената градба сместено во старото село Подвис, над последните куќи во селото и главната селска црква „Свети Атанасиј“. Првото училиште на македонски јазик во селото Подвис, Кичевско Несмее а да не се спомене дека до старото село води полски пат, а до самата зграда на училиштето постои само козја патека и никаде не е јасно посочено каде се наоѓа училиштето. Трошната конструкција на училиштето е оставена на забот на времето, во трње и грмушки, а дотаму може да се стигне единствено со теренско возило. Затоа и спомен-плочата, која била поставена на зградата, мештаните ја извадиле и истата ја преместиле во новиот дел на селото Подвис. Инаку, во пишаните документи е забележано дека селото Подвис се наоѓа во областа Копачка, во јужниот дел на територијата на Општина Кичево, во горното сливно подрачје на реката Треска, недалеку од левата страна на регионалниот пат Кичево-Охрид. Селото е ридско, на надморска височина од 840 метри, а од Кичево е оддалечено 10 километри. Селото Подвис е сместено десно од реката Треска, на западната падина на масивот Планиница и се граничи со селата Видрани, Пополжани, Другово и Лавчани. Селото е од збиен тип во кое постојат две маала, Горно и Долно Маало. Денес, Горното Маало, или старото село Подвис, е целосно напуштено и во него се наоѓаат останати стари руини на куќи, главната селска црква „Свети Атанасиј“ и спомените за создавањето Првиот околиски комитет во 1943 година. Најмногу овој напуштен македонски крај е познат по старото селско училиште, во кое се изведувала првата настава на современ македонски јазик. Во текот на изминатите 76 години во нашата слободна држава Македонија, за жал, бројни македонски институции имале најави за обнова на зградата на првото училиште во селото Подвис, но останале само празните ветувања. Затоа, упатуваме апел до надлежните ова прашање да се реши што поскори, со цел да ја изразиме и покажеме љубовта кон Македонија и македонскиот јазик, со што ќе се гордеат идните македонски генерации. Често се вели дека во ова време на светска глобализација прекрасно е чувството кога ќе се најде на едно место дел од една историска вистина за настаните, за минатото, сегашноста и иднината на еден убав македонски крај од незаборавот, како што е Преспа. А, во Преспа е сместено Љубојно кое е едно од од најубавите села. Тоа пленува со своите архитектонски градби, со стилот на старите куќи, сокаците и дворовите, како и со иновациите во начинот на живеење што бројните печалбари ги пренеле од светот во својот роден крај. Сите страдања, бруталности и лоши односи кон македонското население се окончале на 5 ноември 1944 година, со ослободувањето на Преспа од окупаторската чизма. Престанале асимилаторските односи кон македонскиот народ од овој крај на Преспа, кон народот кој со векови трпел ропство, понижувања ... Но, тој народ го зачувал македонскиот јазик, културата, обичаите, верата и македонскиот дух. По ослободувањето на Македонија од фашистичката чизма, на 15 ноември 1944 година, во Љубојно се отвори училиште во кое се одржал првиот час на македонски јазик во Преспа. Тоа е второ училиште во Македонија, по она во кичевското село Подвис, каде се држела настава на мајчин јазик. Денес, 76 години подоцна и ова училиште стои распаднато, обраснато со треви и непознато за пошироката јавност и покрај тоа што тоа беше гордост на плеада интелектуалци кои го започнаа своето школување на мајчин македонски јазик. Затоа треба да се спомене дека од Љубојно потекнуваат околу 150 академски граѓани, од кои околу 50 се лекари, потоа има голем број професори, правници, инженери, писатели, новинари, агрономи, културолози и со други професии, меѓу кои и авторот на овој текст, Славе Катин. Затоа, често се вели дека Љубојно е расадник на интелектуалци. Има голем број љубанци кои заради своите постигнувања на национално и општествено поле, потоа во политиката, образованието, науката, дипломатијата, културата, публицистиката, спортот и други гранки имаат пошироки општествени и други заслуги. Сите тие своето образование го добиле во старото училиште „Димитар Влахов“. Во летописната книга на училиштето „Димитар Влахов“ од Љубојно се вели дека со доброволна работа на селаните во 1907 година, изградено е новото и просторно училиште. Тоа било на два ката со 8 училници, канцеларија и два ходника, во дворот на старото училиште, а во близина на центарот на селото. Првата настава во новото училиште започнала во 1908 година, а за први учители биле назначени: Климе, Каролина и Лена, сите Македонци по потекло од Охрид. Врото училиште по македонски јазик во Македонија во Љубојно-Ресенски До учебната 1971/72 година, училиштето во Љубојно работеше како осмолетка во старата училишна зграда, а оттогаш до денес работи во новата училишна зграда во Чифлиг. Тоа полни 76 години од своето постоење и развој под истото име „Димитар Влахов“. Во него раководеле и предавале повеќе од десетина директори, а наставата ја воделе стотина учители, наставници и професори за околу 6.000 ученици од Љубојно, Брајчино, Долно Дупени, Наколец, Штрбово, Крани и Арвати. За жал, од училишната зграда сега се останати само делови од влезот и надворешните ѕидови од некогашниот масивен објект со специфична архитектура. Училиштето е без таван, врати и прозорци, а наместо училници, внатрешноста е обрасната. Ги нема ниту дрвените скали кои од приземјето воделе кон училниците на првиот кат. Дека тука пред 76 години се одржал првиот час по мајчин јазик сведочи само спомен плочата која е поставена на некогашниот влез на училиштето. Благодарение на спомен плочата, што во 2004 ја поставија просветни работници во чест на 60-годишнината од наставата по македонски јазик, денес минувачите дознаваат дека ова училиште е со значајна историја за македонскиот јазик и образование. Оваа година се покрена иницијативата заборавеното и разурнато училиште „Димитар Влахов“ во Љубојно да се обнови и да стане Центар за промоција на македонскиот јазик. Ваквата реализација ќе обезбеди Љубојно да биде место на кое ќе се собираат лингвисти, педагози и наставници и професори по македонски јазик, со што ќе продолжи оддолжувањето на плејадата македонски дејци кои се вградија во историските процеси за признавање и афирмација на македонскиот јазик. Иницијативата за основање на центар за грижа и промоција на македонскиот јазик во старото училиште во Љубојно е од аспект на проектот наменет за поддршка и развој на регионот на Преспа, со финансиска поддршка од Европската Унија. Во проектот се вклучени владите на трите соседни држави – Македонија, Албанија и Грција. Исто така, еден од проектите е изградба на мултимедијален центар за млади, кој соодветно на самата симболика на Преспа ќе биде место каде што би се организирал меѓународен форум за дијалог и соработка. На нас од Љубојно и од Преспа ни останува само да се надеваме на разумност и да веруваме дека оваа благородна идеја ќе се оствари за заживуванје на овој убав печалбарски крај, за афирмација на македонскиот јазик, како и за доброто на македонскиот народ и Македонија. Пишува: СЛАВЕ КАТИН |