Среда, 29 Јули 2020    PDF Печати Е-пошта
НОВА КНИГА ОД ДУШАН РИСТЕВСКИ: „ПРАЗНИ НАДЕЖИ (БАБА БЕГАЛКА)“

2.5.7

Александар ДОНСКИ

Деновите во издание на Македонското Литературно Друштво „Григор Прличев“ од Сиднеј излезе од печат драмското дело „Празни надежи (Баба бегалка)“ од Душан Ристевски.

Драмата од плодниот и докажано квалитетен драмски писател и поет Душан Ристевски под наслов „Празни надежи (Баба бегалка)“ ни осветлува уште еден сегмент од животот на Македонците во Австралија, кој освен етнокултурниот аспект (мешаното зборување на македонски и англиски во рамките на едно исто семејство, животната филозофија зачинета со примеси од обете материјално-духовни култури и сл.), нуди и универзална повеќеслојна димензија релевантна за припадниците на сите народи, а тоа е судирот на генерации и карактери во семејната заедница и животните премрежја на лицата во трето доба. Драмата е поделена на четири чина од кои четвртиот е само дополнување на третиот, додека трите чина се дијаметрално различни според суштината  и амбиентот.

Ако треба само со еден збор да се опише содржината на првиот чин од драмата, тогаш тој збор би бил „судир“. Судирот во рамките на едно семејство овде е повеќедимензионален: жената Сузана е во судир со својот сопруг Миле, пијаница, кој изгледа одамна кренал раце од сѐ, препуштајќи им се на физичките задоволства што ги носи пиењето во друштво на својот другар и сосед Ѓорѓи (кој не е поразличен од него и затоа си одговараат еден со друг). Сузана е средовечна жена, жртва за семејството, но и полна со мечти за посреќен живот, како што се впрочем и повеќето мажени жени. Таа посветено работи во служба на сопругот и децата, но за возврат очекува барем некои ситни задоволства (излегување во ресторан, одење на концерт, патувања...), кои сопругот  не сака да ѝ ги пружи и затоа доаѓа до судир. Потоа овде е судирот помеѓу Марија (мајка на Сузана на возраст од над седумдесет години) со зетот Миле. Овој (според мнозина) „традиционален судир“ помеѓу зетот и бабата (мајката на сопругата) во првиот чин е доведен до крајна граница. Марија ја потсетува Сузана дека не требало да се омажи со таков човек, а Миле од своја страна не може ни да ја смисли Марија, која доаѓа да живее кај нив со што ќе му го наруши спокојното секојдневие. Конечно, овде се децата Мајкл и Ема, кои како да претставуваат „тампон зона“ во овие судири и кои, повеќе или помалку отворено, застануваат на страната на мајка им и баба им, но истовремено и си ги гледаат и своите младешки потреби за забава. Климаксот на овој судир се случува кога Сузана (сама) оди на крстарење, а во домот остануваат Миле и Марија (која згора на сѐ, се повредува и мора извесно време да помине во инвалидска количка). Чувствувајќи се слободен тие неколку дена Миле (со својот неразделен Ѓорѓи) повикуваат стриптизерка, но токму кога таа доаѓа, влегува Марија и настанува вистинска „војна“ со викање и меѓусебни навреди. Стриптизерката, која уште и не почнала, бега без да им ги врати парите. Миле е бесен на бабата и ѝ се заканува. Таа повикува полиција (под лажен изговор дека физички ја нападнал), која го апси и води во притвор, но и неа ја водат во старечки дом. Во таква мрачна атмосфера завршува првиот чин, во кој секој од главните актери е губитник...  со исклучок на децата Мајкл и Ема кои конечно остануваат сами во станот и радосно почнуваат со организирањето журка со своите друштва.

Вториот чин нуди порелаксирана атмосфера. Марија е во старечки дом окружена со разни карактери: од забегани и сенилни стари, па сѐ до љубезните и секогаш трпеливи негувателки. И секој од нив си има своја животна приказна и, иако сите постојано се на куп и секојдневно се дружат, сепак истовремено сите се и осамени, доброволно заробени во своите спомени. Марија  се обидува да се прилагоди на новонастанатите услови. Се појавува Трифун, кој отприлика е на нејзина возраст и кој (мисли дека) се вљубил во неа, па почнува да ѝ се додворува, пеејќи ѝ македонски народни песни. По извесно време во посета на Марија доаѓаат внуците Ема и Мајкл, кои ѝ предлагаат кришум да ја изнесат од старечкиот дом и да ја вратат дома. Полусвесниот Трифун им помага во тоа. Марија е маскирана со чаршав врз главата со две дупки кај очите – наликува на „дух“ од филмовите  и така (сосе количката) ја враќаат  во домот на својата ќерка.

Во третиот чин, Сузана весело се враќа од крстарење, гледа дека мајка ѝ не е дома, а  Миле  и натаму пие со својот другар Ѓорѓи.  Сузана е сериозно загрижена за судбината на својата мајка и почнува кавга со Миле, кој тврди дека не знае каде е мајка ѝ. Во тој миг упаѓаат и внуците со бабата Марија во количка,  покриена како „дух“ со чаршав преку главата... И токму кога читателот очекува уште поголема и беспоштедна војна помеѓу спротивставените страни, авторот Душан Ристевски мајсторски го преобликува дејствието во – комедија! Бабата Марија и Миле се помируваат, се извинуваат еден на друг и си простуваат, сфаќајќи дека сепак се едно и единствено семејство. Сузана, иако отпрвин е лута, го прифаќа извинувањето од сопругот. Дури и Марија станува од количката целосно оздравена. Врв на оваа позитивна амбиентална трансформација е доаѓањето на Трифун кој ја бара Марија за жена и ѝ нуди да си се вратат во старечкиот дом! Таа, веројатно сфаќајќи дека тој дом и не е така лош, по извесно колебање, се согласува. Следуваат добронамерни шеги на сметка на целата оваа ситуација, во кои сите се весели и среќни, а во четвртиот чин сме сведоци на свадбената веселба во старечкиот дом со актерите од сите претходни чинови.

Практично Душан Ристевски го опишал реалниот живот во семејство со три различни генерации и семејство во кое, иако меѓусебните судири однадвор гледано, изгледаат непомирливо, сепак на крајот сѐ добро се завршува, сѐ до некоја следна закачка... Но, зарем и животот не е таков, полн со пресврти? Трите чина наликуваат на намуртено и облачно време (првиот чин), постепено разведрување (вториот чин) и целосно разведрување и сонце (третиот и четвртиот чин).  Во секој случај се работи за уште една успешна драмска артикулација на искусниот драматург Душан Ристевски, во која психолошките карактери на ликовите се издржани, а фабулата е динамично конструирана со неочекуван пресврт и среќен крај. Изгледа дека сепак празната надеж на бабата бегалка на крајот се исполнила...

На крајот да кажеме и дека оваа драма минатата (2019)  година успешно беше  прикажана во Сиднеј од страна на Австралиско-македонскиот театар, во режија на авторот Душан Ристевски (кому тоа беше прв самостоен режисерски проект). Во претставата (во која беа прикажани последните три чина и која доживеа голем успех во тамошната јавност) Ристевски воведе иновации со тоа што го вклучи австралискиот хор „Georges River Voices“ , кои настапија со хорска изведба на македонски народни песни како дел од самата претстава. Со ова значењето на оваа претстава стана повеќеслојно. Македонски народни песни беа исполнети од австралиски хор во претстава во која  заеднички глумеа македонски и австралиски актери. Сето ова придонесе за уште поуспешно промовирање на македонската култура и театарска уметност во мултикултурното австралиско општество. Практично ова е првата претстава со елементи на мјузикл, создадена во дијаспората.

 1DR

Душан Ристевски

 

На прво место

News image

Мане Јаковлески: Мојот пат по стапките на месијата 2011 година (8)

Петта станица-десно кон улицата Францис, од каде патот нагло, остро се издига кон Голгота (Калварија...

Историја

News image

Границите на Македонија се таму, до каде што допира римскиот меч

Македонија станува римска провинција во 146 година п.н.е., откако римскиот војсководец Квинт Цецилие...

Иселеници

Култура и туризам

News image

ВО АНКАРА– ГРАДОТ НА АТАТУРК И ПРЕСТОЛНИНАНА ТУРЦИЈА(10)

ДЕЛ ОД ПОСЕТИТЕ НА ГРАДОВИ ВО СВЕТОТ ВО ПУБЛИКАЦИЈАТА „СВЕТОТ НА ДЛАНКА“ НА СЛАВЕ КАТИН 

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.