|
||||
КОЈ Е АВТОРОТ НА ПЕСНАТА „КОГА ПАДНА НА ПИРИНА РАНЕТ ЈАНЕ САНДАНСКИ“? |
Речиси нема кој во Македонија не ја знае патриотската песна „Кога падна на Пирина ранет Јане Сандански“ посветена на последните мигови од животот на пиринскиот цар Јане Сандански. Меѓутоа малкумина знаат дека тоа не е народна песна, туку е авторска композиција од извесен Венко Темеќаров од пиринскиот дел на Македонија, како и дека песната е од релативно понов датум (најверојатно од 1960-те години на ХХ век). Децидни податоци за ова за првпат се објавени во книгата „Жестокоста на бугарскиот национализам и неговите слуги против Македонците“ од неодамна починатиот Јордан Костадинов (1932 – 2019), кој беше еден од основачите на ОМО „Илинден“ и кој своевремено трипати бил затворан заради Македонија од страна на бугарскиот комунистички режим. Неговата книга е објавена во 2018 година и истата е подготвена и преведена од бугарски од А. Донски. Во книгата се опишани членувањето на Јордан Костадинов во илегалните македонски организации во пиринскиот дел на Македонија, како и неговото апсење, судење и затворање од страна на режимот на диктаторот Тодор Живков за време на кој Македонците во пиринскиот дел го живееја својот најтежок период. Книгата од Јордан изобилува со голем број документи од неговото полициско досие, како и со толкувања на истите од негова страна, а секако и со описи на сето она што го доживувал додека во три наврати лежел по бугарските затвори заради неговите заложби за признавање на националните права на Македонците во Бугарија во тој мрачен период. Би било добро секој да ја прочита оваа исклучително интересна книга, а од бројните имиња, настани, автентични записници од сослушувања, пресуди и сл., овде ќе ја издвоиме само епизодата поврзана со насловот на овој текст. Авторот на песната „Кога падна на Пирина ранет Јане Сандански“ Венко Темеќаров се родил во 1942 година во село Мусомиште во Благоевградскиот округ во пиринскиот дел на Македонија. Бил извонреден хармоникаш, свирел во свадби, но и самиот компонирал песни. Една од овие песни е и „Кога падна на Пирина...“, која подоцна некако стигнала до тогашната Радио Скопје, каде наскоро била снимена и емитувана на радио брановите во СР Македонија. Венко и самиот отпрвин членувал во македонска илегална организација, но бил уапсен од бугарската комунистичка милиција, поради што лежел затвор. Во јули 2020 година од страна на македонски активист од пиринскиот дел на Македонија, добив податоци за илегалната македонска група во која членувал Венко Темеќаров. Според овие податоци, групата била илегално вооружена, но на крајот о 1950-те години била откриена од бугарската милиција. За време на распитот неколку дена биле држани без храна, а потоа им биле дадени солена риба, леб и алва. Гладните членови на групата се нафрлиле врз храната, но потоа сфатиле дека не им била дадена вода. Милиционерите им рекле дека ќе добијат вода само ако кажат сѐ што знаат за илегалната група. На тој начин, во затворот некои биле „превоспитани“ и подложени на голем притисок, мачења и уцени, па по излегувањето тие станале соработници на милицијата. Што се однесува до самиот Венко, еве неколку сведоштва за него објавени во книгата на Јордан Костадинов. Од Записникот за распит на обвинетиот македонски активист и член на групата на Јордан Костадинов, по име Иван Василев Ѓуџанов, од септември 1974 година, во врска со Венко читаме: „За Венко можам да го кажам следното. Го познавам од 1958 – 1959 година, кога доаѓаше во нашето село да свири на младинските забави. Венко е добар хармоникаш и е познат во речиси целиот Гоцеделчевски крај. За него знаев дека учествувал во некаква организација која се залагала за создавање самостојна македонска република и дека самиот компонирал песни кои и денес се емитувале на Радио Скопје“. Во продолжение истиот македонски активист, во истиот Записник (од септември 1974 година), Иван Василев Ѓуџанов, сведочи: „Како што спомнав претходно, целта ни беше да се обедини Македонија и да биде независна република. За постигнување на оваа цел требаше да се соберат здрави момчиња, кои ќе бидат целосно посветени на реализирањето на оваа цел. Оваа насока и план ни беа посочени од Учителот (Јордан Костадинов, з.м.). Во моментот не можам да се сетам кој прв ги посочи: Учителот или Киро, но обајцата имаа исти ставови и го поддржуваа овој план. Откако ме прашаа дали познавам доверливи момчиња, подготвени за исполнување на оваа задача, јас за да се пофалам пред Учителот му реков дека го познавам Венко за кого сум слушал дека работел за македонската кауза. Му реков и дека Венко има напишано македонски песни, кои и денес се пеат. Една од тие песни е „Кога падна на Пирина Јане“, која се пушта и на скопското радио“. Во книгата на Јордан Костадинов е пренесен Записник и од сослушувањето на самиот Венко Темеќаров, но како сведок. Во врска со Венко, самиот Јордан Костадинов пишува: „Во периодот по 1950 година во Пиринска Македонија се одржани неколку политички процеси на малолетни младинци од 16-17 години, кои формирале македонски илегални организации. Венко Темеќаров во тој период и самиот учествувал во таква организација. Осудените младинци беа испраќани во воспитните домови во Бојчиновци. Некои од нив се: младите од село Катунци и село Јаново: Димитар Бундов и Благој Гуштеров, како и Венко Темеќаров од гимназијата „Гоце Делчев“. Од гимназијата во Сандански беа: Методи Григоров Божков, Младен Александров Глухарски, Стојко Василев Давчев и други. Некои од тие младинци, по отслужувањето на казните, останаа верни на македонската кауза, но некои беа врбувани од СДБ, каков што беше случајот со Венко. Во продолжение Костадинов нуди и други податоци во врска со авторот на песната Венко Темеќаров. Да заклучиме. И покрај својата превртлива активност (за која не знаеме реално каква штета нанела врз други македонски активисти и која без сомнение била резултат на жесток притисок, измачувања и уцени од комунистичката милиција во Бугарија, од кој страдале не само Македонци, туку и Бугари, Турци и припадници на други народи), Венко Темеќаров ќе остане овековечен преку бесмртната песна што ја создал. Според некои искази тој бил автор и на други песни кои денес кај нас се познати како народдни, но тоа треба дополнително да се истражува. Една од најдобрите испеани верзии на оваа песна е снимена неодамна од страна на младиот оперски пејач Давид Миладинов од Штип: https://www.youtube.com/watch?v=e1z7DB8IqLo Јордан Костадинов Иванов (1932 – 2019), еден од основачите на ОМО „Илинден“ и трипати осудуван за Македонија за време на бугарскиот комунистички режим. Прв во јавноста објави податоци околу авторството на песната „Кога падна на Пирина ранет Јане Сандански“.
Александар ДОНСКИ |