|
||||
ЗБИРКА ПОЕЗИЈА ОД ОЛИВЕРА ЈОВАНОВСКА |
Оливера Петрова-Јовановска Деновиве, во издание на МЛД „Григор Прличев“ од Сиднеј, излезе од печат првата зборка поезија под наслов „Неостварена љубов“ од Оливера Петрова-Јовановска. Оливера е родена во Битола на 21 јули 1970 година. Од 1986 година живее во Мелбурн, Австралија. Уште од најмладите години пројавува љубов кон пишаниот збор и на единаесетгодишна возраст ја објавува првата лична творба во „Битолски весник“, а потоа нејзини творби се објавуваат во разни детски списанија. Истовремено јавно настапува со свои творби на разни приредби. Пред завршување на средното образование се иселува во Австралија каде работи во администрација и се здобива со диплома за бизнис-менаџмент. Оливера е сопруга на познатиот интерпретатор и музичар Љупчо Јовановски – Бубе и е мајка на четири деца. Некои од нејзините објавени песни се интерпретирани од познати македонски музички интерпретатори. Збирката „Неостварена љубов“ содржи 46 песни во кои се третирани неколку мотиви. Еден од нив е носталгијата кон родниот крај со акцент на локал-патриотизмот (Битола е една, Пусти да се долари, Судбина клета и други). Овде носталгијата е артикулирана низ директен лирски говор, искрено и отворено. Мотив во песните на Оливера е и приврзаноста кон семејството (Внучиња мили, Деца мои), која е опеана како неприкосновена, безвременска и која продолжува дури и по заминувањето од овој свет. Моралните вредности се исто така тема во стиховите на Оливера. Овде би ја издвоиле првата песна Исповед пред Бога, во која се бара прошка од Господ за гревовите кои, патем, секој од нас ги има, но највозвишени се оние кои тоа го признаваат, иако во голем број случаи нивните гревови не се ништо во однос на гревовите од вистинските грешници...). Доминантен мотив во збирката „Неостварена љубов“ е и љубовта и тоа не која било љубов, туку онаа невозвратената, која впрочем е артикулирана и во самиот наслов на збирката. Низ песните на Оливера како да провејува тажна сторија, како да е раскажан невидлив љубовен роман за невозвратена љубов. Во стиховите се опеани сите позначајни можни причини и секвенци поврзани со феноменот на невозвратената љубов, кои авторката луцидно ги детектира и пластично ги елаборира. Од технички аспект Оливера умешно се користи со римата, која е во служба на создавањето емоции, кои пак се движечката сила во пренесувањето на нејзините пораки од стиховите. Посебен талент авторката пројавува во пишувањето текстови (песни) за музички фолк композиции, од кои некои веќе се снимени и интерпретирани од нејзиниот сопруг, познатиот фолк интерпретатор од дијаспората Љупчо Јовановски – Бубе (кој е познат и во Македонија), но и од Маријан Коцев и Милица Кузмановска. Овие песни се целосно во стилот на македонскиот народен дух, па доколку Оливера и нејзиниот сопруг Љупчо, живееле во XIX или на почетокот на XX век, сега веројатно нивните песни ќе ги пеевме како народни. Ова е и причината заради која некои песни се пишувани во машки род – нивното преточување во музика од страна на сопругот Љупчо, допрва ќе следува... Во секој случај пред нас се наоѓа вредна збирка поезија од авторката Оливера Петрова-Јовановска, збирка во која преку моќни пораки низ стиховите, ни ги соопштува сопствените длабоки согледувања и сознанија на мотивите што ги третира. На авторката ѝ посакуваме уште многу вакви литературно-поетски подвизи.
Александар ДОНСКИ |