Среда, 12 Август 2020    PDF Печати Е-пошта
ОД ВОЗЉУБЕНИОТ ДАВИД ДО ТЕРМИНОТ ЃАКОН - ПОМАГАТЕЛОТ ВО ЦРКОВНАТА ДЕЈНОСТ(10)

3.1.1

Во ова продолжение за читателите на  порталот „Македонска нација“ ќе ги претставиме имињата, зборовите, изразите, називите,  термините... кои се во „Библискиот речник“: од името Давид – возљубен, или според вавилонскиот јазик главатар, до терминот Ѓакон - помагатели во црковната дејност кои во раната црква биле седум на број 

Давид- возљубен, или според вавилонскиот јазик главатар. Припадник на Јудиното племе, кој како младо момче ги пасел татковите овци, додека браќата негови се бореле против Филистејците. Го убил Голијат, филистејскиот џин. Станал цар на Јудеја и Израел околу 1000 г.пр.И.Х. Бил помазан од Самуил за наследник на царот Саул. Водел големибитки за својот народ, бил познат по храбростаи великодушноста кон поразените непријатели, а посебно по дарбата за пеење и свирење. Пред да стане цар, му свирел и го забавувал царот Саул. Најголемиот дел од Книгата на псалмите се негово дело. Го презел Ерусалим од Евусејците. Имал многу деца и жени, а го наследил неговиот син Соломон. Во времето на Христос се очекувало дека Месијата ќе биде потомок на Давид, па изразот „Давидов син" станал една од Христовите титули (Мт 15,22; 20,30; Мк 10,47; Лк 18,38; Мт 21,9).

Дагон - Даг на еврејски риба, 1) бог почитуван од Филистејците по населувањето во Ханаан (Суд 16,23; 1 Царб, 1-5; 1Лт10,10).2) змија, ламја - чудовиште во еврејските митови (Откр 20,2).

Далида - разбранети кадрици , убава Филистејка, која го издала својот љубовник Самсон Израелецот. Им ја открила на неговите непријатели тајната дека неговата снага се крие во неговата коса и така бил поразен (Суд 16).

Далмација - римска покраина од 10 г.пр.И.Х. Според 2 Тим 4,10 таму патувал Тит. Неизвесно е дали Илирик во Рим 15,19, исто така, ја означува Далмација. Ако се прифати тоа гледиште, тогаш апостолот Павле и таму проповедал.

Дамаск - еден од најстарите градови на светот, основан пред 6000 години, на плодно земјиште во Сирија, меѓу големите планини и пустината. Веројатно Аврам го посетил. Давид ги поразил неговите жители. Асирците го освоиле во 732 г.пр.И.Х., а подоцна преминал во рацете на Римјаните (64.г.пр.ИХ), за конечно да падне во рацете на Арапите. Апостол Павле кога одел за Дамаск во визија го видел Христос и потоа престојувал во тој град во домот на Ананија (Дап 9,1-25), што укажува на постоењето на силна христијанска заедница.

3.1.2

Дамаск

Дан - град во Палестина, на северната граница, каде жителите му подигнале кип на својот бог, во времето на царот Јеровоам I (3 Цар 12,29;4Цар10,29). Го освоил Вен-Адад Дамаски, и оттогаш повеќе не се спомнува (3 Цар 15,10). Дан била најсеверната точка на подрачјата населени со Евреи.

Дан - судија, израелско племе, чиј зачетник е Дан, еден од синовите на Јаков. Дананците се свртеле кон лажните богови, го обожувале бикот и станале познати по злоделата што ги вршеле (3 Цар 12,28-30). Се смета дека во целина  им се губи трагот, но има тврдења дека нивни потомци се Етиопјаните од еврејско потекло - Фалашите.

Даниил (Даниел) - Бог суди, пророк и главен лик во книгата што го носи неговото име. Содржи приказни за луѓето што останале цврсти во својата вера, и покрај маките што ги претрпеле во вавилонското ролство. Конечниот облик книгата го добила во 165г.пр.И.Х.

Даниил (Даниел) - додатоци -додадени делови на Книгата на пророкот Даниил, спаѓаат во девтероканонските книги. Ја содржат Песната на тројцата младичи и приказната за Сузана, која се смета за дел од еврејскиот фолклор, а пишувана е во 1в.пр.И.Х.Третиот дел е народна приказна во која се исмејуваат идолопоклониците.

Деверски брак - в. Левиратски брак.

Девора - пчела, 1) по мајка или дадилка на Ревека, жената на Исак (1 Мој 24,59; 35,8); 2) израелска пророчица и судија, го подигнала народот под водство на Варак (Суд4), во битка против Ха-нанитите и нивниот водач Сисара. Настаните се опишани во Книгата за судиите, во 4 глава во прозна форма, а во 5 глава во стих (околу 1120г.пр.И.Х.).

Девтерономиј (Повторсни закони) - Петтата книга од СЗ, односно Мојсеева. Содржи три Мојсееви говори пред Израелците во моавските рамници, пред влегувањето во Ветената земја. Претставува потврда на законот што Бог го дал на Синај, а е забележан во 2, 3 и 4 книга Мојсеева, прилагоден на условите во Ханаан. Мојсеј повторно зборува за големите настани во последните четириесет години, го одредува Исус Навин за свој наследник и предводник на Евреите. Господ Исус Христос ја нарекува најголема заповедта спомната во оваа книга (5 Мој 6,4-5), {Мт 22,37).

Де калог - Десетте Божји заповеди, кои Бог му ги дал на Мојсеј на Синај (2 Мој 34,28). Содржани се во 2Мој 20,1-7;5Мој 5,6-21.

Декаполис - десет градови, територијата во Васан и Галад, источно од горниот тек на реката Јордан, со која управувале десет антички градови, меѓу кои и Дамаск (Мт 4,25; Мк 5,1-20; 7,31 -27). Меѓу жителите имало и Евреи.

Дела апостолски - книга од НЗ, претставува продолжение на кажувањата за Христос во Евангелието на Лука, напишано повторно од Лука, веројатно во времето на престојот во Рим заедно со апостолот Павле. Ги опишува и мисионерските патувања на Павле, развојот на Црквата и прогонот на христијаните. Пишувана е веројатно во периодот од 80-85г.

Ден - се сметал од еден до друг залез на сонцето. Ноќта и денот се делеле на 12 часа.

Ден Господов - (Откр 1,10), според некои првиот ден во неделата. Во недела Христос воскреснал од мртвите (Лк 24,30; Јв 20,19). Ден на очистување - ден на пост, паѓа во десеттиот ден од седмиот месец тишри (септември-октомври), кога Евреите ги спомнуваат своите гревови и се молат за простување. До денешен ден Евреите го празнуваат овој празник насекаде во светот. Во Дап се спомнува како Празник (Дап 27,9). Познат е како празникот Јом Кипур (3 Мој 23,27-32).в. Празници.

Дерва - град во Ликаонија, јужна Мала Азија, каде апостолот Павле проповедал на првото и второто мисионерско патување. Денес тоа е територија на Турција (Дап 14,20-21; 16,1).

Десеток - десетти дел од вкупните приходи, посветени на Господ. Во Египет бил порез, а Евреите го давале за верски потреби (5 Мој 12,5-6.11). Се праќал во светилиштето, од каде левитите го примале секоја трета година. Тие за возврат не поседувале земјиште и ги вршеле службите во светилиштето. Се давал десеток од секој производ, земјоделски, сточарски, занаетчиски. Во времето на ослабувањето на верата кај Евреите, се занемарувал (2 Лт31,4-12; Мал 37-12). Левитите во подоцнежната историја оделе по населените места и го собирале десетокот (Нем 13,10-14), Во време на римската окупација се плаќал и понатаму. Христос го кажува Своето мислење за десетокот во Мт 23,23 и Лк 11,42.

Дидрахма – античка грчка сребрена пара. секоја година секој Евреин на празникот Пасха бил должен да приложи во Храмот половина шекел сребро, како храмски данок (2 Мој 30,11-16). И Христос се покорувал на тој закон. Во НЗ е запишано дека за Себе и за ап. Петар приложил антички грчки статир (во некои преводи, четири драхми'). Во храмот имало и менувачи на парите, зашто во оптек биле и фенмкијски пари (Мт 17,24-27).

3.1.3                            

Динар - сребрена римска пара, обично дневната заработувачка на работниците (Мт20,2), а воедно и данок што секој Евреин го плаќал. Вообичаена парична единица во времето на Исус.

Дојденец - туѓинец, слуга (4 МОЈ15.15).

Долготрпение - особина која ја поседува Бог, зашто не брза да ги казни грешниците, пружајќи им шанса да се покајат. Ако луѓето ја поседуваат таа особина, тогаш е плод на Светиот Дух (Гал 5,22; Еф 4,2-3).

Дотан - рамница низ која минува караванскиот пат од Египет за Дамаск. Таму браќата го фрлиле Јосиф во јама, за подоцна да го продадат на трговците кои го одвеле во Египет (1 Мој 37,12-36).

Драхма-сребрена паричка кована од Антиох, а одговарала според вредноста на римскиот динар (Лк 15,8); в. Пари.

Духот Свети - Третото Лице од троединиот Бог. Слегува врз Христос во вид на гулаб, во моментот на Неговото крштевање во водите на Јордан (МтЗ,11;Мк 1,8; Јв 1,33). Хулата на него е неопростива, зборува низ устите на апостолите (Мт 10,19-20). Слугите Божји добиваат дарови од Светиот Дух, за да можат да Му служат на Бога. Тој го продолжува спасителното дело на Господ Исус Христос. Се спомнува и во СЗ, но не со прецизна дефиниција или опис.

Духови во темница - ангелите кои грешеле со жени, според јудејското предание биле затворани во длабочините на земјата (1 Мој 6,4).

Душа - за човекот подрагоцена од се’ друго (Мт 16,26; Мк 8,36; Лк 9,25). Според СП човечкото битие е целина, а изразот ,душа“ во СЗ го означува целиот човек, односно неговата личност (Пс 103,1). Во НЗ слично, кога се спомнуваат души, се мисли на луѓе. Душата е бесмрт-на и оди во вечноста, затоа не ја уништуваат силите на овој свет.

Ѓавол - а на еврајски сатана, со значење на непријател; противник на Бог и на човекот. Во СЗ. Се напоменува дека гаволот е паднатиот Божји ангел - Луцифер - Светлоносец. Во НЗ ѓаволот е отелотворување на злото (Мт 13,19), непријател (Мт 13,25:28; Лк 10,19), татко на лагата (Јв 8,44), кнез на овој свет доаѓање (2 Сол 2,8; Откр 20,7-10). Со него ќе биде победен и Антихристот, како негов слуга (1 Јв 2,18; 2Сол 2,8). Луѓето се повикуваат на борба против ѓаволот исклучиво со Божја помош: со молитва и Божји збор (Еф 6,11-18).

Ѓакон - помагатели во црковната дејност.Во раната црква биле седум на број (Дап 6,1-6). Во НЗ се опишани одликите за таа служба, но не и точната дејност (Тим 3,8-13). Попрецизно дефинирање на ѓаконската служба, настанало после новозаветното време. И жените имале посебна служба во раната црква, во Рим 16,1 се споменува израз што многумина го преведуваат како ѓаконица, или службеничка. Во 1 Тим 3,11 можно е да се мисли на ѓаконици, а не на сопругите на ѓаконите.

Продолжува

 0.0.0  6G   

Пишуваат: ПЕТКО ЗЛАТЕСКИ И СЛАВЕ КАТИН

 

На прво место

News image

Мане Јаковлески: Мојот пат по стапките на месијата 2011 година (8)

Петта станица-десно кон улицата Францис, од каде патот нагло, остро се издига кон Голгота (Калварија...

Историја

News image

Границите на Македонија се таму, до каде што допира римскиот меч

Македонија станува римска провинција во 146 година п.н.е., откако римскиот војсководец Квинт Цецилие...

Иселеници

Култура и туризам

News image

ВО АНКАРА– ГРАДОТ НА АТАТУРК И ПРЕСТОЛНИНАНА ТУРЦИЈА(10)

ДЕЛ ОД ПОСЕТИТЕ НА ГРАДОВИ ВО СВЕТОТ ВО ПУБЛИКАЦИЈАТА „СВЕТОТ НА ДЛАНКА“ НА СЛАВЕ КАТИН 

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.