|
||||
АКАДЕМИКОТ РЕЏИНАЛ ДЕ БРЕЈ – СЛАВИСТ И ГОЛЕМ ПРИЈАТЕЛ НА МАКЕДОНИЈА |
Реџиналд Џорџ Артур де Бреј беше угледен славист, поет, македонист, научник, кој во своите трудови има пројавено интерес за изучување на области од повеќе словенски јазици и литератури, како што се српско-хрватскиот акцент, руската фонетика и фразеологија, стилистиката на словенските јазици, словенската поезија, македонскиот јазик и друго. Фотографијата е на Мартин Треневски Тој беше составувач на новиот „Македонско - англиски толковен речник“. При посета на главниот град на Австралија во 1992 година, авторот на овие редови Славе Кати го посети и домот на професорот д-р Реџиналд Артур де Бреј, член на Македонската академија на науките и уметностите надвор од работниот состав и професор на Австралискиот национален универзитет во Канбера. Професорот Де Бреј беше љубезен и со задоволство прифати да го посетиме и да разговараме во неговиот дом, сместен во еден од најубавите квартови на Канбера. Притоа, разговаравме за минатото, сегашноста, иднината, научниот интерес, македонскиот јазик и литература, подготовките на македонско-англискиот толковен речник и за сè она што овој угледен научник и врвен славист го поврзуваше со македонскиот народ и Македонија. Во разговорот што траеше неколку часа, а на кој присуствуваше и неговта асистентка Сунчица Мирчевска, дознавме дека тој студирал во Англија, каде и докторирал на Лондонскиот универзитет, на тема од областа на фонетиката на српско-хрватскиот јазик. Предавал компаративна граматика на словенските јазици на Лондонскиот универзитет. Потоа, предавал на Универзитетот во Мелбурн и на Австралискиот национален универзитет во Канбера. Од 1974 година бил член - соработник на Австралиската академија за хуманистички науки. Професорот Реџиналд де Бреј, покрај другото, е автор на познатата обемна публикација „Водич на словенски јазици“, отпечатена во Лондон во 1951 година, со која тој го заслужи епитетот славист од светски глас. Во ова познато дело, видно место му посветува на македонскиот јазик. Имено, околу осумдесет страници се посветени на развојниот пат на литературен јазик, на граматиката, а дава избор на македонски текстови, како и се осврнува на прашањата сврзани со (не) признавањето на македонскиот јазик, за причините и последиците. Исто така, професорот Де Бреј беше благороден како човек, хуман и со широки човечки и духовни хоризонти. Во неговиот дом, кој беше исполнет со многу книги од целиот свет, како и од Македонија, се запознавме и со неговата сопруга од италијанско потекло, а која нè послужи со англиско кафе. Неговиот дом за живеење и работа беше еден вид градина, сместен меѓу многубројни дрвја и зелен простор зад куќата и наликуваше на оттргната оаза. Во собата во која разговаравме, на централно место беше сместен постерот на ангелот во црквата „Свети Ѓорѓи“ од Курбиново,што мене како Преспанец ми беше посебно мило. Во разговорот дознавме дека професорот Де Бреј е вљубеник во културно-историските споменици на Македонија, особено во Курбиново, „Света Софија“ и „Свети Спас“, како и во македонскиот народ, неговиот јазик и литература. Во пријатниот разговор, покрај другото, професорот Де Бреј рече дека ја посетил Македонија, во триесеттите години уште кога бил студент, кога и дошол во Скопје. Во тој период, тој дел на Македонија се викаше Јужна Србија. Меѓутоа, при неговата посета се убедил во посебностите на македонскиот јазик, бидејќи слушнал различен јазик кој не бил ниту српски, ниту бугарски, ниту грчки, туку посебен јазик што за него претставувало откритие. Тој јазик што тој го слушнал пред војната, стана познат и признат како посебен јазик во новата Република Македонија. Многу се заинтересирал за јазикот во Македонија и направил опис на македонскиот јазик врз база на граматиката на Круме Кепески, а потоа тој материјал го приклучил во неговата книга „Водич на славјанските јазици“. Во публикацијата ги опишува сите посебни славјански јазици, а започнал со стариот црковен-словенски јазик па сè до сите јужнословенски, западно-словенски и источно-словенски јазици. Македонскиот јазик е еден од овие јазици кој ги има сите посебности на другите славјански јазици. Цели осум години професорот Реџиналд де Бреј работел врз еден опширен македонско- англиски толковен речник во соработка со Институтот за македонски јазик во Скопје, особено со македонските научници Трајко Стаматовски, Благоја Корубин и Тодор Димитровски. Ни покажа дел од изработениот речник кој го подготвувал во асистенција на д-р Питер Хил и други соработници од Австралија. Видовме седумстотини шеесет и пет готови страници, што навистина претставуваше обемно и капитално дело. Во врска со речникот, професорот рече дека за период од две години ќе ги завршат сите работи околу ова дело и додаде дека има желба што поскоро да биде готов македонско- англискиот речник и, живот и здравје, ќе дојде повторно во Македонија. Инаку, д-р Де Бреј нè информира дека проектот за македонско-англискиот речник го финансира австралиската влада, преку Австралиската програма за доделување стипендии за научни испитувања што претставува признание на македонскиот народ и неговата Македонија, која во тие моменти се бореше да си го добие своето место под сонцето како суверена и независна држава. Истакнатиот славист, македонист, поет, преведувач и интелектуалец со широки хуманитарни хоризонти, професорот Реџиналд де Бреј за своите заслуги на полето на науката ја имал добиено ласкавата титула заслужен професор (emeritus professor) од страна на Австралискиот универзитет. Исто така, тој се имал пројавено и на полето на преведувачката дејност од македонски автори на англиски јазик. Преведувал поезија од Радован Павловски и од Анте Поповски, а и самиот пишувал поезија. За своите заслуги кон македонистиката и кон македонскиот народ, професорот Де Бреј беше удостоен со изборот за член на Македонската академија на науките и уметностите надвор од работниот состав.
При неговата последна посета во 1988 година тој, меѓу другото, одржал беседа на тема „Проблемите во составувањето на еден нов македонско-англиски речник и во преводот од македонски на англиски“, што значеше уште еден прилог кон македонската наука. Го напуштивме домот на љубезниот домаќин, човекољубец и миротворец, професорот Реџиналд де Бреј, со желба, пак, да се видиме во Скопје или во Охрид и да држиме во рацете по еден примерок од македонско-англискиот толковен речник, кој ќе биде значаен прилог кон македонската книжнина и афирматор на македонскиот јазик и литература, како и на македонската нација пред светот и на Македонија. Инаку, според биографските податоци, професорот Реџиналд Џорџ Артур де Бреј беше роден во Сант Петерсбург, Русија во 1912 година. Неговата фамилија се преселила во Англија, каде тој го посетувал училиштето Хилстон во Грејт Малвен, а потоа специјализирал класични студии на колеџот Малборо. Отишол во Лозана да студира француски а ги продолжил студиите на колеџот Ориел во Оксфорд. Пред да наполни триесет години зборувал многу јазици, меѓу кои: француски, германски, италијански, шпански, руски, полски, српски, хрватски, чешки, словенечки, македонски, бугарски, словачки, украински, латински и грчки. Кога тој беше мало чудо во лингвистичката наука и тогаш се вработил во „Тhe Postal Censorship Service in the Uncommon Languages Department“. Подоцна за време на војната беше вработен во ББС Европски сервис. Во Лондон беше ангажиран за лектор на компаративна славистичка филологија на Славјанското училиште и за источно-европските студии на Универзитетот во Лондон. Во 1955 година тој прифатил да биде лектор во Русија во новоформираниот Оддел за руски јазик и литература под раководство на Нина Кристесен на Универзитетот во Мелбурн, каде се запознал со неговата идна сопруга Ахнеса. Таму, во Мелбурн им се родиле двете деца Сергеј и Хелен. Во 1963 година Региналд де Бреј станал основач - професор на универзитетот Монаш, а по три години бил назначен за прв предавач на руски јазик на универзитетот во Лондон. Потоа, во 1971 година прифатил да предава руски и да го отвори Одделот на словенски јазици на АНУ. Тој остана на оваа должност до неговото пензионирање како емеритус професор во 1977 година. Негово прво публикувано дело беше „Водич во славјанските јазици“ во 1951 година, а потоа преиздадено неколку пати. Тоа е едно големо дело и по форма и по содржина, со кое во овој долг период се служат голем број лингвисти ширум светот. Исто така, има објавено неколку антологии за поезија кои беа негови преводи од бројни славјански јазици. Меѓутоа, покрај лингвистиката, во Австралија живо се интересирал за австралискиот буш, особено за домашните дрва и птици. Во исто време тој беше посветен на музиката, особено ја сакал класичната музика. Кога Реџиналд де Бреј беше прифатен од Светата руска православна црква, тој го прими господовото име Кирил, со што на голем број Руси им беше познат како Кирил Георгиевич. Името на свети Кирил Солунски го прифатил бидејки Кирил е најпознатиот и универзалниот светец кај Словените, човекот кој ја напиша кирилицата и кој направи тој јазик да се зборува во многу земји. Често се вели дека Реџиналд де Бреј беше еден модерен св. Кирил, тој беше учен човек, паметен и безгранично со дух и инспирации. Тој го понесе товарот на компаративната филологија на славјанските јазици, како што беше неговиот „Опширен македонско-англиски речник“. Тој беше човекот кој знаеше дека секој учен човек има мисија во животот и дека тоа треба да го прави на свој начин во текот на целиот негов живот. Инаку, Емеритус Реџиналд Џорџ Артур де Бреј почина на 29 мај 1993 година во главниот град на Австралија – Канбера, каде му се наоѓа неговиот вечен дом. Тој ќе остане запаметен по неговата научна дејност, бидејќи тој беше меѓународно признат како еден од големите слависти во своето време, чии студии од славјанските јазици ја поставија основата на академските институции во целиот свет. Тој беше еден од неколкуте слависти кој беше познат и почитуван во Харвард, Оксфорд и Сорбона, како и во Москва, Белград, Софија и Скопје. Пишува: СЛАВЕ КАТИН |