|
||||
АРХИЕПИСКОПОТ ГАВРИЛ – ТРЕТИОТПОГЛАВАР НА МПЦ-ОА |
Архиепископот охридски и македонски г.г. Гаврил (Ѓорѓи Милошев) беше трет поглавар на Македонската православна црква, учител, преведувач (прв ја преведе Библијата на македонски јазик), уредник во Државното книгоиздателство на Македонија и прв декан на Богословскиот факултет во Скопје. Според историските податоци христијанството во етничка Македонија, па и пошироко на Балканот, прв го проповедал и ширел апостол Павле при своите мисионерски патувања, за што сведочи и библиската книга „Дела на светите апостоли“. На тие негови патувања го придружувале и апостолите Лука, Тимотеј, Сила и Тихик кои и самите независно од апостол Павле работеле на христијанизација на тогашна Македонија и пошироко. Нивната мисија да се шири христијанството на овие македонски простори ја продолжиле бројни познати и признати, знајни и незнајни посветувачи на христијанството како религија. Во слободна Македонија, пак, христијанството го продолжиле да го шират свештенослужители и архиерејте на обновената Охридска архиепископија во лицето на Македонската православна црква. Еден од влубениците во ширењето на христијанството во Република Македонија беше Гаврил, чие световно име му беше Ѓорѓи Милошев кој беше еден од највисоките црковни великодостојници. Тоа се потврдува со неговото име и дело како трет поглавар на Македонската православна црква. Имено, како брилјанти на Архиепископската круна на третиот поглавар на МПЦ-ОА г.г. Гаврил ќе останат: издавањето на Новиот Завет во негов нов превод, формирањето на Богословскиот факултет, доизградбата и осветувањето на Соборниот храм „Св. Климент Охридски“ во Скопје, издавањето на Библијата на македонски литературен јазик, како и возобновувањето на црквите и манастирите во Република Македонија. Тие ќе останат како брилјанти. Во биографските податоци е забележано дека поглаварот Гаврил се родил во еден тежок и пресвртен период за македонскиот народ. Роден е во Скопје во 1912 година, како Ѓорѓи Милошев. Младоста ја минал во молитви и божји богослуженија во скопските цркви „Св. Петка“, „Св. Богородица“ и „Св. Мина“. Бил работлив и кроток човек кој животот го посветил на Бога. Согледуваќи ги неговите квалитети, како одличен студент скопската општина му доделила едногодишна стипендија по веронаука, а наставниците му биле Руси. Смрта на неговиот татко била причина да не може да ја оствари својата желба и се посветил на изучување на јазици. Во 1936 година дипломирал на Филозовскиот факултет во Скопје, отсек Германистика и славистика. Неговиот свештенички живот започнал во Скопје каде бил ракоположен за свештеник, а потоа поставен за парох во Велес во 1942 година. Му била доделена сиромашна епарпхија и набрзо младиот свештеник ќе сфати дека само преку образованието ќе може да се подготви плодна почва за духовно и интелектуално да се воздигне македонскиот народ. Веднаш по ослободувањето на Македонија, во 1945 година, отецот Ѓорѓи Милоѓев бил еден од првите професори во велешката гимназија. По кратко време учителствување, од свештенството на Велес и велешката околија бил избран за претседател на Духовниот одбор, и во таа улога учествувал како делегат на Првиот црковно народен собир во Скопје во 1945 година, на кој е донесена Одлука за обнова на Охридската архиепископија во лицето на Македонската православна црква. Старо Скопје Со оглед на општестевно-политичките прилики во земјата во повоениот период и потребата од високообразовани кадри, принуден е на неодредено време да престане активно да се бави со свештеничката дејност и целосно да и се посвети на просветата. Меѓутоа отец Ѓорѓи Милошев со голема љубов кон Христа и кон својот народ, достојно и успешно ќе го понесе и овој терет. Од 1949 година бил на служба во Државното книгоиздателство на Македонија – Скопје (подоцна „Просветно дело“). Оттогаш па се до смрта, скоро цели триесет години тој се посвети на учебникарството и на просветителството, поточно на литературата и на усовршување и стандардизирање на македонскиот литературен јазик. Неговата самопрегорна работа бележи огромни достигнувања во создавањето на првите учебници за новото време.. Во овој период тој составил и издал прирачници, учебници, речници и училишна литература, па дури и периодика. Посебно за истакнување е неговиот научен пристап кон делата на Кочо Рацин и Војдан Чернодрински. Тој е еден од првите истражувачи од македонскиот научен свет кој се појавил со написи и анализи за опусот на поетот Кочо Рацин. Карактеристика за тој повоен период е и тоа што полека почнува да се создава и развива и црковно-просветната дејност, во која отецот Ѓорѓи Милошев ќе земе активно учество. Како плод на неговата неуморната работа, за првпат во овој период за потребите на богослужбата, ќе се преведат и издадат на македонски јазик Евангелијата и Апостолот. Издавач на ова дело бил Иницијативниот одбор за организирање на МПЦ. Исто така во далечната 1949 година, отецот започнал со подготвувањето за издавање на Новиот завет, кој излегол од печат во 1967 година како едно од првите црковни дела во Република Македонија. Љубовта кон преведувачката дејност на Ѓорѓи Милошев била голема. Така, процесот на преводот на Библијата, која му била животна желба, започнал да се одвива веднаш по ослободувањето со печатењето на Апостолот. Тогаш тој ќе ги направи и првите чекори во големиот капитален проект кој значи целосен превод на Библијата на современ македонски јазик. Ова капитално дело е завршено и излезе од печат во 1990 година. По триесетгодишна плодотворна дејност, откако ќе остави траен печат во историскиот развој на македонското учебникарство и просветителство, тивко без никаква помпезност, отец Ѓорѓи Милошев ќе се повлече во пензија. Но по смрта на сопругата, кон крајот на 1977 година. тој бил повикан од неговото блаженство г.г. Доситеј, возобновителот на Охридската архиепископија во лицето на Македонската православна црква, да прими епископски чин. Како просветител кој ја знаел потребата и важноста за Црквата од формирање на кадар со високо црковно образование, кој ќе се образува во земјата, а не како дотогаш надвор од Македонија, отецот Ѓорѓи Милошев, побарал („го условил“) стапувањето во архијерејскиот ред со отворање Богословски факултет, кој ќе значи образовна институција за свештенството во Македонија. Негова иницијатива, дека неможе МПЦ да бара автокефалност доколку нема своја високообразовна институција во која, идните кадри на Црквата ќе добиваат квалитетна академска наобразба беше подржана од неговото блажество г.г. Доситеј и Светиот архиерејски синод на Македонската православна црква. Така, кон крајот на декември 1977 година, по десетгодишно афтокефално дејствување на Македонската православна црква (1967 – 1977) или по дваесетгодишно возобновено живеење на Охридската Аехиепископија во лицето на МПЦ (1958 – 1977) беше формиран Богословскиот факултет, со седиште во манастирот "Св. Јован Крстител" во Капиштец, во Скопје.
Црквата „Св. Климент Охридски“ во Скопје Инаку, Православниот богословски факултет „Свети Климент Охридски“ во Скопје е всушност возобновител на Светиклиментовиот универзитет од пред 1122 години како негов директен наследник. Денес, по своето четири децениско постоење, функционира со статус на најмлада придружна членка на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (Статут на УКиМ, член број 58. Од тогаш до денес од Богословскиот факултет „Свети Климент Охридски“ чиј прв и долгогодишен декан беше г.г.Гаврил излегле бројни дипломирани теолози. Исто така, неговото високопреосвештенство г.г. Гаврил беше назначен од Светиот архиерејски синод на МПЦ за прв архиереј на новата Повардарска епархија која беше формирана на 18. 11. 1977 година. Потоа, на 29 јануари 1978 година Гаврил беше интронизиран во Повардарски митрополит. во соборниот храм „Св. Пантелејмон” во Велес. Доаѓајќи на служба во оваа епархија се соочил со извесни тешкотии како, на пример, недостиг на свештеници, разурнати храмови, како и потребата за возобновување на православната религија во некои црковни општини каде што навлегувале други верски заедници. Тој најнапред ја осветил новоизградената црква „Св. Кирил и Методиј” во селото Еднокуќево, Струмичко (10.5.1981), потоа ја осветил управната зграда со крстилница при црквата „Св. Богородица” во Велес (21.9 .1981), црквата „Св. Кирил и Методиј” во селото Борисово итн. Неговото Блаженство Г.Г. Гаврил го востоличил сегашниот Архиепископ Стефан во Брегалнички епископ. За одбележување е тоа што Гаврил е седмиот по ред архиереј хиротонисан епископ по обновувањето на Охридската Епископија. Бројот седум е симбол на таинственоста на Црквата, број кој овозможува понатамошно опстојување на МПЦ. Претходно хиротонисани епископи од возобнувањето на Охридската архиепископија биле Доситеј, Наум, Климент, Методи, Кирил и Горазд. По трагичната смрт на архиепископот г.г. Ангелариј, во катедралниот храм “Света Софија” во Охрид, претставниците на Изборниот црковно-народен собир со тајно гласање го избрале Гаврил за трет поглавар на МПЦ и е востоличен како нов поглавар на Македонската православна црква од 4 октомври 1986 година. Во својство на Архиепископ, г.г. Гаврил самопрегорно работеше оставајќи зад себе возвишени дела и благочестиви традиции. Архиепископот Гаврил е првиот црковен великодостојник кој преку јавните медиуми на македонските православни верници им ги честиташе Божиќните празници и тој е првиот македонски архиепископ кој ја обновил древната традиција на празникот Водици, во реката Вардар, да се фрла Богојавленскиот крст. Исто така, по повод големиот национален празник Илинден, исто така за првпат почна традицијата редовно да се испраќа Соборна Синодска посланица до верниците, а за првпат новото време г.г. Гаврил го нарече “време на третиот Илинден”. Архиепископот Гаврил активно учествуваше во доизградбата на Соборниот храм. На 12 август 1990 г., во сослужение на сите членови на Светиот Синод на МПЦ, бројното свештенство и пред многубројниот македонски народ, свечено беше осветен Светиклиментовиот Соборен храм на МПЦ во Скопје, како вечно светилиште на македонскиот народ, симбол на неговото национално и духовно единство. Во однос на прашањто поврзано со признавањето на афтокефалноста на МПЦ, кое и’ било наметнато од страна на другите православни сестрински цркви архиепископот Гаврил се залагаше за решавање на проблемот, но по пат на братољубив дијалог. На 18 октомври 1990 година Г.Г. Гаврил ќе го промовира капиталното дело македонскиот превод од Библијата, издадено од печатницата на „Љубљанско дело“ во Љубљана- Словенија. На промоцијата на македонската Библија г.г. Гаврил ќе истакне дека овој историски чин нема само религиско значење, туку во исто време има и општествено значење, па затоа е огромна неговата големина. Врз овој труд од непроценливо значење за Македонците дедо Гаврил ќе работи околу педесетина години, повеќе пати прегледувајќи го сопствениот превод, трудејќи се во него да нема странски зборови, туку да биде присутен само македонскиот стил и јазик. Преводот на Библијата е круната на творечкиот опус на овој исклучително надарен Македонец. Значајно е да се одбечежи дека во 1988 година кога беше издаден Новиот Завет во нов превод на архиепископот Гаврил. Потоа целата Библија беше издадена од United Bible Societies (UBS) во 1990 година, која е позната како „Гаврилова“ Библија. Новото ревидирано издание, познато како Македонска стандардна Библија, беше издадено во 2006 година од Библиското здружение на Република Македонија. Оваа Библија е одобрена и со благослов на Светиот Архиерејски Синод на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, а ја користат голем број македонски христијани нашироко во светот. Третиот поглавар на Македонската православна црква г.г. Гаврил, за жал, заради старост и кревкото здравје, се повлече од функцијата и поднесе оставка (што не е случај во православието) во октомври 1993 година и до неговата смрт живееше во осамување. Почина на 4 март 1996 година. Наместо да биде погребан до Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во Скопје, тој е погребан во манастирот „Св. Наум Охридски“ во Радишани крај Скопје Инаку, авторот на овој текст Славе Катин го познаваше и имаше контакти и соработка со митрополитот Гаврил од 1986 година, кога тој беше избран за поглавар на МПЦ, а Катин беше секретар на Одборот за остварување на улогата на ССРНМ во сферата на религијата и верските заедници. Тогаш се продолжија добрите и конструктивни односи меѓу државата и Црквата. Особена соработка на поглаварот Гаврил и Катин беше остварена при заеднички патувања во Република Македонија, Канада, САД и Германија, заедничките разговори и присуството на празничните прослави и други активности во периодот после 1991 година кога г.г. Гаврил беше поглавар на Македонската православна црква, а Катин беше именуван од Собранието на самостојна Република Македонија да ја врши функцијата потпретседател на Комисија за односи со верските заедници на Републичката Македонија. Пишува: СЛАВЕ КАТИН |