|
||||
Нова Книга:МАГИЧНИТЕ ЉУБОВНИ ЗБОРОВИ НА ОЛИВЕРА ЈОВАНОВСКА |
Неодамна во издание на Литературното друштво „Григор Прличев“ од Сиднеј излезе од печат најновото поетско дело „Магични љубовни зборови“ на поетесата Оливера Јовановска од Мелбурн, Австралија. Во збирката се објавени 56 песни поделени на три циклуси, а рецензент на истата е писателот Александар Донски. Како што рецензентот Донски забележува во предговорот на книгата, првиот циклус содржи осум песни наменети за вокална интерпретација, т.е. текстови за фолк композиции. Низ сите песни провејува македонскиот народен дух, а од мотивите доминира љубовта кон спротивниот пол и носталгијата на иселеникот кон родното место. Притоа Оливера Јовановска успешно (во склад со римата), покрај сегментите што асоцираат на старо време (срма, пенџерче, шеќерче...) вклопила и сегменти од современиот живот (мартини), а моќта на стиховите каде доминира носталгијата е засилена со спомнувањето на места поврзани со нејзиниот роден град Битола (Маџар маало, Довлеџик, Широк сокак, Саат кула, Пелистер...), кои како да го повикуваат иселеникот да им се врати и да се потсети на топлината на незаборавното детство кое таму го поминал. Вториот циклус содржи дваесет и осум песни и е посветен на љубовта што жената ја негува кон припадниците на посилниот пол. Во овие песни доминира невозвратената љубов од која јасно се потенцирани некои нејзини аспекти, како на пример влијанието на трети лица во растурањето на успешната љубовна врска, каењето на момчето кое подоцна сфатило дека погрешило што ја оставило саканата и сл. Овој циклус содржи и стихови посветени на исконскиот повик или, подобро речено, притаена желба, на жената кон заеднички живот со саканиот. Третиот циклус содржи дваесет песни и истиот е посветен на машките љубовни мотиви. Овде доминираат: воспевањето на женската убавина, тагата по невозвратената љубов, но и поуки како треба да се чува жената. Силните емоции што ги предизвикуваат стиховите на Оливера, посебно во овој циклус несомнено ќе допрат до душата на секој што се нашол во слична ситуација. Преку песните на нејзината прва збирка поезија „Неостварена љубов“ што се издаде минатата година како и од најновата збирка се гледа дека Оливера е лиричар која ги пребарува нашите лирски нагони што ечат од длабочината на душата. Инаку Оливера е родена во Битола и живее во Мелбурн од 1986 година. Свои песни има објавувано во весници и списанија од најмладите години. Нејзини песни и раскази се насградувани преку конкурсот за “Прличева награда“ а повеќе песни се интерпретирани од познати македонски интерпретатори. БЛАГОСЛОВИ МАЈКО Ајде мајко во чаршија Да купиме прстен бурмајлија, Вечер сватови да одиме Неа дома да ја водиме.
Без неа дома не се враќаме Ако треба три музики ќе праќаме, Срцето мое, само за неа бие Сиот град нека знае и чуе. Снага тенка, висока Убава како самовила, Усни како цреши зрели.
Болен сум мајко за нејзини бакнежи врели. Отвори мајко вратите Во домот наш да се всели, Да сме вечни, здрави и весели Од тебе и Бога благословени.
Со рожба Бог да не дарува Љубов, слога во домот да царува, Адети стари да негуваме Македонско име за век да чуваме. Честитки за Оливера за нејзинот најново поетско дело со благодарност што не полива со магични љубовни зборови. Душан Ристевски |