Среда, 12 Мај 2021    PDF Печати Е-пошта
ПИЈАНЕЦ - РОДНИОТ КРАЈ НА ВЕРА МЕХАНЏИСКА (5)

1pij

Потеклото на Вера Механџиска е од Пијанец, некогашната Царевоселска околија, односно општините Македонска Каменица и Делчево. Од таму потекнуваат нејзините родители кои ѝ ја всадија љубовта кон родниот крај, кон луѓето, кон, природата, кон сѐ она што тие ѝ го пренесувале во младоста. Јас како патеписец сум ја посетил Македонска Каменица повеќе пати и притоа се интересирав за историскиот развој на ова рударско место. 

Македонска Каменица,  е мала по површина но голема е по природните реткости, пејзажи и содржини кои може да ги понуди. Покрај другото, има археолошки наоѓалишта кои сведочат дека животот на овие простори егзистирал милениуми наназад. Како појдовна точка се зема локалитетот „Калата“ кој се наоѓа на утоката на Каменичка Река во Брегалница на местото каде денес се протега вештачката акумулација „Калиманци“.

Инаку, езерото „Калиманци“ и неговата изградба во 70-тите години на минатиот век од корен ја измени сликата на овие предели, потопувајќи одделни населби и плодни ниви, но, од друга страна, овозможи производство на електрична енергија за потребата на рудникот и населбата и наводнување на плодните полиња во Виничко, Кочанско и Овчеполието.

Македонска Каменица се наоѓа во подножјето на Осоговските Планини  на нивната јужна падина. Позната е како рударски град со најпознатиот македонски рудник за олово и цинк „Саса“, кој  се наоѓа во неговата непосредна близина. Како град е прогласена во 2004 година.  Според пишаните документи ова рударско место е седиште на истоимената општина, која зафаќа површина од 19.037 хектари, има 9 населени места со вкупно 8.110 жители. Според пописот од 2002 година, градот има 5.147 жители.

Според пишаните документи името Каменица потекнува од име на река, неговото значење е „вода што тече во каменито корито“. Во минатото името на селото е документирано во еден запис од 1566  година, како Камена Река, од која потекнува и првиот познат македонски печатар Јаков, кој во 1566 година своите книги ги печати во Венеција.

Во втората половина на XVI век  се јавува ајдуштвото како форма на отпор, поради поволниот планински  регион. Од подрачјето на Македонска Каменица позната е четата на војводата дедо Иљо Малешевски и Румена Војвода.

Во Каменица со гордост истакнуваат дека првиот печатар од Македонија, познатиот Јаков од Камена Река потекнува од овие краишта. Неговиот „Часослов“ отпечатен во далечната 1566 година во Венеција претставува непроценлив извор за опстојувањето на македонскиот народ на овие простори. Самиот факт што самиот тој (Јаков) ја нарекува земјата „Македонија, татковината моја“ е еден аргумент повеќе во прилог на македонските турбулентни времиња.

1pij2Црквата „Успение на Пресвета Богородица“ во Македонска Каменица

Во Македонска Каменица црквата „Успение на Пресвета Богородица“ е духовниот храм за населението. Меѓутоа, постои и прекрасен манастир кој се наоѓа во атарот на селото Горна Цера и кој се нарекува „Покров на Пресвета Богородица“. Манастирот е опкружен со прекрасна столетна дабова шума на надморска височина од над 1.000 метри и како таков претставува воздушна бања. Секоја година во оваа девствена природа, на полјаните околу манастирот на 14 октомври се одржува манастирски македонски собор. Особено, радува фактот што од година на година бројот на гости е сѐ поголем и тоа не само од општината туку и од цела Македонија.

Неизоставен дел од Македонска Каменица е новоизградениот Градски плоштад со фонтана која раскошно ги менува боите во вечерните часови. Таму, на денот посветен на солунските браќа свети Кирил и свети Методиј се одржува саем на општините на ЗЕЛС од Источниот планински регион, настан кој прераснува во традиционален. Тоа е собор на повеќеилјаден народ од Каменица, но и од соседните општини, Делчево, Пехчево, Берово, Виница Кочани...

Во оваа рударска населба, 28 август е денот на општината и денот на македонските рудари. Тогаш се случуваат и главните манифестации како и организирањето на Каменичкото културно лето на кое учество земаат еминентни естрадни уметници и групи од Република Македонија, се организираат ликовни изложби, драмски претстави, свечени концерти и слично.

Егзистирањето на малата Македонска Каменица би било незамисливо без работењето на Рудникот за олово и цинк „Саса“. Овој рудник егзистирал и во античкиот но и во средновековниот период. Овде работеле средновековните рудари Саси по кои останало името на истоименото денешно село Саса. Над рудникот се протегаат живописни расфрлани селски маала како и прекрасни планински ледини.

Во есенскиот период се преполни со луѓе кои собираат лековити билки и чаеви како и малини, боровинки и други типови на шумско овошје. Затоа Македонска Каменица е посетувана од голем број вљубеници во природните убавини и многу чистиот планински воздух.

Делчево, пак, родното место на Вера Механџиска е град сместен во котлината Пијанец, во подножјето на планината Голак,  распослан на двата брега на реката Брегалница. Тоа е најголемо населено место во областа Пијанец, сместено помеѓу Осоговските Планини (на север) и Малешевските Планини  (на југ).

Според едно предание ова населено место во византиско време се викало Василево, што значи Царево Село. За првпат како населба Царево Село се споменува во една повелба на  цар Душан од 1347 до 1350 година,  со која тој му подарил повеќе места и ниви од Пијанец  на манастирот од Лесново.

Исто така, во пишаните документи е забележано дека во турско време Делчево се викало и Султанија и како населба лежела на десната страна на реката Брегалница, во локалитетот Селиште, близу до патот што води кон Пиринска Македонија. Се претпоставува дека подоцна како Султанија населбата е преместена на денешното место на левата страна на реката Брегалница. Но според народното предание кое вели дека населбата под ридот Острец се запустила кога владеела болеста чума  и преживеаното население се населило на местото каде што денес е Делчево.

Ова македонско гратче во источниот дел на етничка Македонија има богата историја, почнувајќи од Отоманскиот период па сè до ослободувањето на Македонија во 1944 година. По ослободувањето, на 23 април 1950 година, Президиумот на Народното собрание на Народна Република Македонија донесе одлука Царево Село да биде преименувано во Делчево, во чест на големиот македонски син Гоце Делчев.

Ние  тргнавме од Виница и преку Македонска Каменица го посетивме Делчево каде се запознавме со минатото и сегашноста на градот што го носи името на војводата Гоце Делчев. Од таму заминеме за Пехчево, за Берово уи Русиново, каде  го почувствувавме чистиот планински воздух.

Во шеесеттите години Делчево се проширило на десната страна на реката Брегалница, а во седумдесеттите и на ридот Милково Брдо. Со порастот на вработените во работни организации во Делчево, растеше и бројот на населението во него. Денес, Делчево е модерна градска населба со широки асфалтирани улици и булевари, со паркови и зеленило.

  Често се вели дека Делчево е град на културни споменици, особено на духовни светилишта. Така, црквата „Успение на Пресвета Богородица“ е во повисокиот дел на градот; „Свети Кирил и Методиј“ е нова црква во долниот дел на градот; додека, пак,  црквата „Свети Климент Охридски“ е, исто така, нова црква и е сместена на локацијата на која во 1961  година, со одлука на тогашната власт била срушена.

Црквата „Свети Наум Охридски“ е црква кршталница, која е осветена на 4 август 2013 година; „Света Богородица“ е гробјанска црква ; црквата „Света Богородица Балаклија“ е главна манастирска црква на Делчевскиот манастир, а црквата „Покров на Пресвета Богородица“ е манастирска црква во Делчевскиот манастир. Потоа, во Делчево е изграден Културниот дом АСНОМ, Споменик на паднатите борци од НОБ.

Најзначајна културно-научна манифестација во Делчево е  „Гоцеви денови“ која традиционално се одржува секоја година, во почетокот на месец јуни.  Манифестацијата првпат започна да се одржува во Делчево во 1966  година и набргу од локален преку државен доби и меѓународен карактер. Исто така, значајни за Делчево се и чествувањата по повод годишнините од Разловечкото востание,  прво од повеќето востанија во македонската историја, како и традиционалните „Голачки фолклорни средби“,  кои се одржуваат секоја година на 8 и 9 август, на кои културно-уметничките друштва од Делчево и соседните општини презентираат дел од македонскиот богат фолклор.

1pij3

Исто така, за одбележување за Пијанец е и тоа што изобилува со волна, коноп и памук што во минатото давало, а и денес дава поволни можности за развој на текстилното творештво во кое се вткаени умешноста, досетливоста и духот на живеењето на жената како народен творец. Така, текстилните суровини ги обработувале со самоделски алатки, изработени со многу чувства. Во овој долготраен процес користеле: фурка со вретено за предење, гребени за влачење, мотовило, сукало и родан за мотање цевки и калеми и разбој за ткаење.

Основен елемент на женската носија во Пијанец, која е многу карактеристична, е памучната кошула со долги ракави врз која се облекуваат волнени облеки „саја“ и „антерија“ долги до под колена, со и без ракави, однапред отворени и по целата должина, украсени со гајтани и ширити. Во склоп на секојдневната женска носија се и волнената скутина „фута“, појас, волнени плетени чорапи и покривка за глава, кои претставуваат богатство и дел од македонскиот народен фолклор.

Го напуштивме Делчево во попладневните часови и се упативме кон револуционерното село Тработивиште, а потоа кон Пехчево и Берово, нашата дестинација, градот на Благој Механџиски.

Продолжува

1slave 1 Пишува: СЛАВЕ КАТИН

 

На прво место

News image

Мане Јаковлески: Мојот пат по стапките на месијата 2011 година (8)

Петта станица-десно кон улицата Францис, од каде патот нагло, остро се издига кон Голгота (Калварија...

Историја

News image

Границите на Македонија се таму, до каде што допира римскиот меч

Македонија станува римска провинција во 146 година п.н.е., откако римскиот војсководец Квинт Цецилие...

Иселеници

Култура и туризам

News image

ВО АНКАРА– ГРАДОТ НА АТАТУРК И ПРЕСТОЛНИНАНА ТУРЦИЈА(10)

ДЕЛ ОД ПОСЕТИТЕ НА ГРАДОВИ ВО СВЕТОТ ВО ПУБЛИКАЦИЈАТА „СВЕТОТ НА ДЛАНКА“ НА СЛАВЕ КАТИН 

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.