|
||||
СО ПОЧИТ И ЉУБОВ КОН МАКЕДОНИЈА И МАКЕДОНСКОТО ИСЕЛЕНИШТВО |
ДЕЛ ОД ТВОРЕШТВОТО НА СЛАВЕ КАТИН Славе Николовски-Катин, кој е познат само како Славе Катин е голем вљубеник во својата родна Преспа, во Охрид, во етничка Македонија и македонскиот народ, како и во Македонската православна црква - Охридска архиепископија и во Македонците насекаде во светот. Тој и’ е познат на македонската и на меѓународната јавност по неговите бројни публикации, новинарски и научни трудови кои се посветени, главно, на етничка Македонија и на животот на Македонците во дијаспората. Македонското иселеништво е алфа и омега во творештвото на Славе Катин. Се’ што напишал и објавил во неговите книги, патеписи, репортажи, прикази, белешки, е длабоко проникнато со животот и опстанокот на Македонците во светот. Тие се негова генетска преокупација, која го потврдува фактот дека е маѓепсан од феноменот на македонската голгота. Македонија е опсесија на Славе Катин, од која нема да се раздели до крајот на својот живот. Зашто на овој свет дошол да трага по Македонците, по оние вистинските во земјата и во светот и со нив да го споделува и доброто и злото, давајќи се’ од себе да го осветли нивниот живот, нивните победи и порази, во сите фази на нивната цивилизациска битка за одржување во планетарната орбита, како ѕвезда чиј сјај не потемнува. Еден од добрите познавачи на неговото творештво, професор д-р Вера Стојчевска - Антиќ, во повеќе прилики по повод промоциите на делата на Катин, ќе истакне „Да се зборува за македонското иселеништво во светот, значи да зборуваме самите за себе, за нашата историја, за нашата миграција, за нашата историско-општествена состојба во егзистенцијалниот континуитет. Кога го читаме она што Катин го напишал за нашите преселници, тоа значи дека со нескротлив интерес се самозапознаваме. Зашто тие преселници се наши роднини, оние кои своите генеолошки гранки ги пресадуваат во некоја далечна земја, за нас позната преку прераскажувањата, а во која, еве, продолжува семејниот растеж, честопати пренесен од кај Драгорот долж Аризона, од Треска кај Нијагара, од Преспанското Езеро кај Циришките Езера, или крај бескрајните океани на Америка и Австралија. Чувството за македонското иселеништво е такво зашто нашите преселници се некогашните комшии со кои растевме и ги формиравме навиките во маалата во кои живеевме, или тие се нашите сограѓани кои сега ги среќаваме наместо средсело или на плоштадите во Македонија, ширум светот, крај плажите на Лонг Бич во Лос Анѓелес, во Мајами Бич или сред Лозана и Фрајбург. Во тие моменти јас го наоѓав важниот спој на некогашниот заеднички живот, макар за еден ден или за неколку часови, кои живот знача“, нагласува Стојчевска - Антиќ и додава: дека дружејќи се со нив, Катин ги запознал постепено и перманентно, со сите нивни преокупации, судбини, истории. Не може човек да го запознае менталитетот на нашиот преселник, без личните контакти со него, во сообразност со средината што ја одбрал за своја втора земја, по Татковината. Катин имал многу средби со нив, многу изминати денови со нив, како син на вредни преселници“. Педесет години Славе Николовски - Катин ја следи преселничката судбина на Македонците, нивната економска ситуација, културниот престиж, улогата на МПЦ во нивното мотивирање за реализација на бројни програми на медиумски, културно-уметнички, спортски и духовен план. Со фактографски материјали за состојбите на македонските преселници во светот, со афинитет да ги овековечи нивните судбини и со умешност и талент од секое пократко или подолго патување да подготви репортажа, патопис, скица или белешка. Со осет и љубов кон историјата на македонското печалбарство, Славе Катин секогаш на секој Македонец му подарува убава литература, низ која ќе ја доживее својата судбина, не само во државата во која се преселил, туку и во својата Татковина. Славе Катин е еден од најдобрите познавачи на македонското иселеништво, кој со својата богата пишана продукција, со секој свој наслов ги збогатува хоризонтите на македонската вистина. Во нив тој ја открива болната трагедија на Македонците, подигната до ниво на една колективна национална судбина и историска категорија, исполнувајќи ја притоа општествената мисија во одржувањето и градењето на врските меѓу раселените Македонци и оние што живеат и создаваат во сопствената слободна и независна држава. Сублимирајќи ја судбината на Македонците на Балканот со онаа на раселените, Катин остварува своевидна историска синтеза која овозможува автентичен поглед на македонската историја, создавана низ вековите, низ нивните буни и востанија против бројните освојувачи. Низ диоптријата на Катин секој Македонец ја согледува големината на просторот на неговата држава, која низ вековите доживувала трансформации во нејзиното распарчување, од нејзините соседи, кои и покрај жилавите напади и освојувања низ вековите, не можеа да ја освојат. Преокупиран со македонската колективна судбина, Славе Катин останува фанатично приврзан кон оваа важна национална тема. Тој ни ја открива најболната македонска трагедија, кревајќи ја и возвишувајќи ја на ниво на една колективна национална судбина и историска категорија, исполнувајќи ја, притоа, општествената мисија во одржувањето и градењето на врските меѓу раселените Македонци и оние кои живеат и создаваат во Република Македонија Славе Катин е автор кој најимпресивно ги доловува талкањата на македонските економски и политички емигранти и сите протерани по светот, односно нивното раселување, па и современото отселување, а низ тоа и нашето размакедончување, нашата најболна рана, која за жал и денес не стивнува. Поминувајќи од судбина до судбина, секоја различна по својот скитнички знак, тој ефектно го прикажува духот и психата на тие несреќни луѓе, кои се’ уште не можат да ја прифатат својата судбина. Потврдувајќи се како автор со вистински афинитет кон оваа тема, Славе Катин е нејзин верен и смел истражувач, нејзин страствен опсерватор и протагонист, нејзин очевидец и елоквентен сведок. Неговите текстови не само што ги опишуваат средбите и настаните, туку предизвикуваат љубов и верност кон татковината етничка Македонија, а низ нив се сублимира и авторовата визија за македонството. Токму поради тоа, делата на Славе Катин имаат и историски аспекти, хуманистички пораки, интимни исповеди, патриотски мечти, но и психолошки и социјални елементи. Продолжува ДУШАН РИСТЕВСКИ - МАКЕДОН |