|
||||
ЕТНИЧКА МАКЕДОНИЈА ВО ВТОРАТА СВЕТСКА ВОЈНА (10) |
Падот на царската Руска Империjа, распаѓањето на Хазбуршката австро-унгарска Империjа и смртта на Отоманското Царство ги тргнало трите големи сили од внатрешното влиjание на Балканот. Додека Британиjа играла помалку активна улога, Франциjа и Италиjа се обиделе да формираат конкурентни соjузи на Балканот, но јa немале потребната воената моќ за истите да ги ефектуираат. Балканските влади, од друга страна, за првпат имале можност да ги приспособат своите меѓусебни односи и врски, и да формираат соjузи за да ги заштитат своите заеднички интереси. За жал, нивната омраза едни кон други, и нивниот страв да не јa изгубат Македонијa, секогаш ги спречувале ваквите соjузи и уште еднаш дозволиле туѓинци да имаат улога во нивните внатрешни работи. Понижувачкиот пораз на Германиjа во Големата војна, во спрега со неjзината економска незгодна ситуациjа во 30-тите години на ХХ век, довеле до еден нов вид германски радикализам. Хитлер го искористил тоа и го свртел во своја корист. Тој, краткорочно гледано, на германскиот народ му го дал она што тој наjмногу го посакувал - работа и надеж за подобра иднина. За жал, долгорочно гледано, продуцирал катастрофа не само за германскиот народ, туку и за многу други држави, вклучувајќи јa и Македониjа. Бидејќи од Големата војна искрснал еден нов светски поредок, почнале да се формираат нови соjузи. На една страна биле партнерите на Оскaтa, која во почетокот јa сочинувале Германија, Италиjа и Jапониjа. Со избувнувањето на војната, Албанија, Бугариjа, Романиjа, Унгариjа, Финска и Таjланд и се придружиле. Од другата страна, соjузничките партнери биле сочинети од Британиjа, Советскиот Соjуз, САД и Кина. Како што воjната напредувала, така повеќе и повеќе држави им се придружувале на сојузниците и пред да заврши војната нивниот број изнесувал околу педесет. Сталин, Рузвелт и Черчил Во септември 1940 година, Германиjа, Италиjа и Jапониjа потпишале договор за соработка. Тој, во основа, ги утврдил нивните намери во однос на сферата на влиjание на секоја држава, ги дефинирал нивните политички, економиски и одбранбени стратегии, како и нивните обврски една кон друга. Договорот станал познат како “трипартитен договор”. По избувнување на војната на Балканот, првата која паднала пред фашистичката агресиjа била Албаниjа. Со ултиматумот даден до албанскиот крал Зог, на 23 март 1939 година, италиjанските трупи се истовариле во Албаниjа и јa окупирале неjзината териториjа на 7 април, наидувајќи на мал отпор. Наскоро по консолидирањето на својата власт во Албанија, на 28 октомври 1940 година, Италиjа и обjавила војна на Грција. Но, Грциjа се покажала дека е тврд орев за да биде поразена, а претчувството и предвидувањето на Метаксас да јa вооружи државата се исплатило. Официjалната историjа ги величи Грциjа и грчките воjници за нивната храброст и борбениот дух, но занемарува да ги спомне придонесите и жртвите што Македонците ги направиле за Грциjа да биде безбедна. Македонците биле првите кои биле испратени во првите линии на албанскиот фронт, примаjќи го главниот удар на офанзивата, како и на зимскиот студ. Повеќе Македонци настрадале од гангрена, отколку од италиjанските куршуми и бомби. Неподготвени за смрзнувачките температури, многумина останале без прстите на рацете, прстите на нозете, делови од телото, па дури ги изгубиле и своите животи од премрзнување. И храна немало во доволни количини. Храбрите македонски воjници морале да се борат против смртта од глад, како и против Италиjанците. Тие го сториле сето ова за да заштитат една држава, која одбила и се уште одбива да ги признае. Сите нивни жртви биле залудни бидејќи шест месеци подоцна, на 6 април 1941 година, германската војска вмарширала во Грциjа. Повторно Македонците се бореле храбро, но не биле дораснати на доброобучената и добродисциплинираната германска војска. (Ако сакате да дознаете повеќе за Втората светска војна, особено за настаните во кои се вклучени Грциjа, Jугославиjа, Бугариjа и Албаниjа, прочитаjте го Том 4 од “Илустрирана енциклопедиjа на Втората светска војна на Маршал Кавендиш”, но не очекуваjте дека ќе наjдете било што за придонесот на Македонците). Ни имаат кажано сториjа за еден македонски воjник, еден навистина стар необичен човек, кој одбил да им се предаде на освоjувачките германски трупи и продолжил да пука во нив и наспроти наредбата да престане. Јa држел својата позициjа се додека не останал без мунициjа и Германците буквално не го зграбиле за врат. Очекувајќи да се сретне со својот создател, се исправил и храбро се соочил со неприjателот лице в лице. Наместо да го убиjат, германските воjници, еден по еден, се поздравиле со него и му честитале на храброста, а потоа го пуштиле да си оди. (Не сакаме да ви дадеме погрешен впечаток за Германците. Вака се однесувале во почетокот, во текот на партизанските денови, додека подоцна нивната политика била “да се убиjат десет невини цивили за секој еден убиен германски воjник”). Кога Германците влегле во Атина, грчката влада капитулирала, а воjниците нa албанскиот фронт биле оставени сами на себе. На некои им било речено да одат во Епир и да се регрутираат, и од нив се очекувало тоа тешко патување да го изодат пеш. На други не им било речено ништо и тие биле оставени да скитаат во внатрешноста. На крај, сите тие биле фатени од германските патроли, разоружани и испратени дома. Воjниците кои се вратиле, биле пречекани како херои. За жал, за оние кои биле ранети, кои останале без прсти на рацете, на нозете и без делови од телото од премрзнатост, немало оштета, ниту, пак, утеха за нивната болка. Германската инвазиjа било добредоjдено олеснување за воjниците од италиjанскиот фронт, но во исто време таа претставувала неприjатна несигурност за тоа што наредно ќе се случи. Никоj не бил сигурен како ќе реагираат новите освоjувачи. Македонскиот народ, претходно имајќи големо искуство да бидат окупирани, го очекувале наjлошото. Како што ќе покаже времето, новите освоjувачи биле мешовита среќа за македонскиот народ. По избувнувањето на војната во Европа, Бугариjа стапила во соjуз со силите на Оската и на 1 март 1941 година му се придружила на Пактот предводен од Германиjа. Влегyвањето на германските трупи во Бугариjа jа поставило Jугославиjа во тешка ситуациjа. За да го одбегне германскиот гнев, на 25 март 1941 година jугословенскиот регент, принцот Павле, исто така, му се придружил на Пактот предводен од Германиjа. Тоа не му се допаднало на кралот Петар кој, со помош на jугословенската војска, извршил преврат и го симнал регентот од власт. Тоа значело дека Хитлер морал повторно да преговара со Jугославиjа. Хитлер сметал на Jугославиjа да му овозможи премин за да јa нападне Грциjа. Оваа нова ситyациjа го налутила Хитлер и наместо преговори, јa потпишал Директивата броj 25 со која обjавил дека Jугославиjа е неприjател на Германиjа и наредил да биде уништена. Хитлер сакал брз напад и затоа повлекол трупи од воениот поход во Русиjа. 77 години од убиството на младинците во Ваташа од бугарскиот окупатор На Хитлер му требале 12 дена да јa сруши Jугославиjа, мала забава во неговата деструктивна кариера, но има такви кои веруваат дека оваа мала забава го променила текот на историјата. Прво, таа му дала на Советскиот Соjуз доволно време соодветно да се подготви за офанзивата, која на крај довела до пораз на Германиjа. Второ, жестоката природа на нападот ги создала вистинските услови за едно партизанско востание, кое на краjот помогнало во создавањето на Република Македониjа. Битката за Jугославиjа и Грциjа била брза и ефикасна. Кога таа била завршена, Германците и дозволиле на Бугариjа, како соjузник на Оската, да јa окупира Вардарска Македониjа (окупирана од Jугославиjа) и источниот регион на Егеjска Македониjа (окупиран од Грциjа). Подоцна, откако Италиjанците заминале, Германиjа и дозволила на Бугариjа да јa окупира и западна Македонија. Многу Македонци од вардарскиот регион кои страдале под jугословенскиот режим, топло ги пречекале бугарските освоjувачи како спасители и ослободители. Нивната еуфориjа била краткотраjна, бидеjќи Бугарите брзо почнале да го угнетуваат и побугаруваат македонското население. Ако постоело некакво пробугарско чувство пред тоа, тоа по окупациjата брзо исчезнало. Германското насилно навлегување во Jугославија, во спрега со бугарските угнетувачки ставови кон македонскиот народ, довеле до раѓање на илегално македонско движење на отпорот. Продолжува Пишуваат: РИСТО СТЕФОВ И СЛАВЕ КАТИН |