|
||||
ИНТЕРВЈУ СО БИЗНИСМЕНОТ БЛАГОЈ МЕХАНЏИСКИ – ДЕЛ I (13) |
ДЕЛ ОД ЖИВОТHИОТ ПАТ HА БЛАГОЈ Благој Механџиски е еден од најпознатите и признати бизнис личности во Македонија. Тој е основач на „ЗЕГИН“, прва приватна комапнија за продажба и производство на лекови во Македонија, регистрирана во 1989 година. Меѓу поголемиот број средби со Благој Механџиски, секако, беше средбата во просториите на „Зегин“ во Скопје, каде, исто така, имав разговори и со негови бројни соработници од фармацевтската и бизнис фелата. Како што налага професионалниот дух на господинот Благој Механџиски, генерален директор и сопственик на гигантот „ЗЕГИН“, разговорот беше реализиран брзо и ефикасно. Имено, без многу договарања господинот Механџиски ме прими повеќе пати во неговата канцеларија, во неговите домови во Скопје и Берово, во една атмосфера која повеќе наликуваше на музејски простор. Отворено разговаравме на тема: „ЗЕГИН“ и Благој Механџиски, на тема аптекарството во Македонија, на Балканот и пошироко, за минатото, сегашноста и иднината на компанијата, на убавиот Малеш и на Македонија, при што тој беше искрен, расположен и отворен во разговорите и ми одговори на сите мои прашања. Катин: Кои се, од каде се корените на семејната лоза Механџиски, со оглед на тоа што станува збор за позната фамилија од беровскиот крај? Механџиски: Семејната лоза Механџиски е со долга и повеќевековна традиција и со исклучително македонски православни корени, што ме прави горд човек како дел од генерациските наследници од мојот род. Toa мое потекло е амајлија што се носи во душата за вечни времиња. Па, каде и да ме однесат животните патишта, каде и да сум на планетата Земја, јас го имам кодот на моите предци. Јас сум Македонец по дедо - прадедо, по баба - прабаба, што би се рекло со народниот жаргон. Ние сме од Русиново, од беровскиот крај. Таму се родил мојот дедо Јован кој беше долговечен, силен, здрав и многу вреден наш предок. Од него научив многу мудрости, бидејќи умееше да биде крајно трпелив и секогаш весел со нас најмладите. Баба ми Јорданка беше благородна, трудољубива и многу добра домаќинка, своевиден столб на фамилијата. Таа замина во вечноста во Русиново. Фотографиите и сеќавањата на нив беа доста често присутна тема во нашиот дом. Никола, мојот татко, исто така, е роден во Русиново 1915, а почина 1999 година. Имаше браќа и сестри и израсна во здрава семејна средина. Стекна мало образование, бидејќи во услови на тешки времиња и борба за опстанок, морало да се работи и да се води грижа за повеќечленото семејство. По војната татко ми заврши курсеви со кои му се призна средно економско образование. Мајка ми Викторија, пак, е родена во 1917, а почина 2001 година, во Русиново. Нејзиниот татко умрел релативно млад, па таа била одгледана и израсната кај еден од браќата на татко ѝ, кој доста грижливо ја извел на вистинскиот пат. Кога била мома, сите раскажуваат дека била многу лична, со тенка става и во селото позната како многу вредна, па не случајно нејзин избраник станал Никола. Сето ова зборува за едно многу интересно генерациско потомство. Катин: Какви се спомените за Русиново? Механџиски: Има интересни преданија и разни приказни што сум ги слушал, поврзани со моето село Русиново, Беровско, во кое ги минав моите први детски години. Русиново е македонска ридска населба која се простира на двете страни на Русинска Река, во нејзиниот среден тек. Со центарот на Општината Берово е поврзано со асфалтен пат. За името на Русиново се смета дека на денешната месност Старо Село одамна постоела населба за која се пренесуваат преданија и животеци дека русинци водат потекло од неа. Според легендата, пак, во почетокот на XVI век за време на жетвата дошле Турци мерачи на жито и собирачи на данок. Притоа, стопанот Русе го убил Турчинот што сакал да ја осрамоти ќерка му. Плашејќи се од турската потера се иселил од селото и изградил куќа погоре од реката во шумата и останал да живее таму. Затоа се смета дека по неговото име Русе, селото го добило името Русиново. Жителите имале слога и разбирање, и тоа била голема придобивка селото да добие имиџ на пријатно место за живеење. Моите предци имале земја, се занимавале со земјоделство и сточарство, како и сите други. Таму јас го завршив основното образование. За мене тоа беа преубави детски времиња. Кога безгрижно, ведро и весело ги крстосувавме атарите на Малешевијата. Кога со часови игравме фудбал, кога трчавме по ли вадите и угарите, ги стававме на дланка пеперутките и беревме полско цвеќе кое потоа го носев дома и го ставав на прозорецот за да ја израдувам мајка ми. Незаборавно време на еден период од нашиот животен тек. Катин: Во 2006 година го реновиравте поплавениот „Медицинар“. Каква е вашата врска со тој студентски дом? Механџиски: Ја поддржував храбрата идеја на студентите за да организираат хуманитарен бал. Одлична идеја која ме потсети на ентузијазмот што ние го имавме на нивни години. Инаку, како студент четири години спиев во студентскиот дом „Медицинар“, во бараката десетка, во петта и шеста соба, затоа истата таа барака за која ме врзуваат многу убави спомени целосно ја реновирав. Се сеќавам во седумдесеттите години, по грешка на поштенските службеници, наместо партиската членарина од околу 150.000 германски марки наменети за Социјалистичката партија, парите стасаа на сметката на нашиот клуб. Имавме голема среќа и со тие пари целосно го уредивме „Медицинарот“. Ги реновиравме сите простории во бараките, ги купивме првите два телевизора во боја, го направивме игралиштето. Тогаш го направивме и бифето, купивме вкупно 220 стола и 240 фотелји. Со тие пари ја направивме и бањата, но најголема инвестиција беше озвучувањето со кое подоцна се озвучуваше дури и Скопскиот фестивал. Ние први го организиравме и малиот скопски фестивал на кој настапуваа познатите Сашка Петковска, Драган Мијалковски и други. Затоа, на студентите им препорачав да не заборават дека се академски граѓани и секогаш кога ќе можат да ја покажат својата хуманост. Катин: Како дојдовте до идејата да го започнете бизнисот? Механџиски: Идејата потекнува од 1974 година кога се одлучив да влезам во бизнисот со лекови, бидејќи сметав дека спојот на медицинската наука и економијата е најкомпетентен на полето на продажба на лекови, нивна дистрибуција и овозможува комерцијални ефекти во однос на тераписката и маркетиншка концепција. Благодарение на елаборатот доставен до „Кемофармација“ - Љубљана, бев повикан на разговор. Со самото почнување на работата со поддршка од надвор, моите квалитети и капацитети беа прифатени реално и бланко користени од страна на мојот работодавач „Кемофармација“ од Љубљана. Во исто време и бланко беа давани права во однос на мојот настап, во моето оформување на кадар кој со овие стручни подготовки можеше да се користи како за мои, така и за нивни потреби за да се покријат Македонија, Јужна Србија, Црна Гора, Косово, Грција, Бугарија и Романија Катин: Какви беа законските рамки и норми во тоа време? Механџиски: Кога излезе првиот Закон за претпријатија, во тој закон беше изричито забрането основање на претпријатие за промет со лекови и претпријатие за промет со оружје. Сепак, успеав да го формирам претпријатието по пат на акционерско организирање, кое тогаш беше предмет на критика. Но, сметам дека со првото основање на приватниот сектор за продажба на лекови, створивме нов имиџ на македонскиот простор, а и пошироко. Првите две години нашиот промет се одвиваше надвор од тогашната Република Македонија. Катин: Како во почетокот успеавте да ги надминете тогашните бариери во периодот на осамостојување на земјата? Механџиски: Јас лично во оваа бранша сум од 1975 година. Работев во една од најкрупните организации, во „Кемофармација“ од Љубљана, затоа бев присутен на сите простори на Балканот и пошироко. Сето тоа ми обезбеди оформување, едно мое лично гледање на богато стручно и научно сознание. Катин: Кое е вашето мислење за бизнис климата во Македонија? Механџиски: Морам да признам дека не е најдобра и лошо е што немаме доволен број едуцирани менаџери. Ние не треба да ја обвинуваме Владата што нема доволно инвестиции во земјава, бидејќи за да се вложува, странците треба да најдат соодветен партнер. Тие сакаат партнерите да се едуцирани и докажани, да знаат да ги следат европските стандарди, но и работната сила, со која располага земјава, да е квалификувана. Лошо е што кај нас, работната сила е административно расположена, а не е работно изградена. Ако 100 лица бараат работа, 90 сакаат да бидат во администрација, а тоа не е добро за напредокот на земјата. На Македонија ѝ требаат повеќе информатичари, бидејќи во тоа е перспективата на бизнисот. Катин: Што всушност се случи со случајот „Панчев“? Механџиски: Не е добро што средствата за информирање неосновано ме нападнаа за случајот „Панчев“. Имено, тргнавме за Милано, Италија, за да посредувам во „спортска купопродажба“ на нашиот фудбалер Дарко Панчев. Меѓутоа, на пасошот без да посветам внимание беше истечен рокот на важење. Кога се најдовме на аеродромот во Петровец, командирот на граничната служба на аеродромот ме предупреди дека не можам да полетам, бидејќи пасошот ми беше со поминат датум на важење. Но, спортските работници и самиот Панчев рекоа дека јас мора да заминам со преговарачката екипа. За несреќа, летот требаше да биде реализиран со авион на Владата на Република Македонија. Притоа, за случајот „Вечер“ напишаа на насловната страница дека „ЗЕГИН“ ја опљачкал државата за 600 милиони долари и дека избегал со авионот на Владата. Но, вистината е поинаква. Бидејќи јас бев главната карика меѓу купувачот и Панчев, сепак, ми беше допуштено да полетам за Италија, каде италијанските служби не направија никакви проблеми. Во разговорот посебно место му посветивме на јубилеите по повод 45. годишнината на неговата посветеност на бизнисот и 30 годишнината на „ЗЕГИН“ како најголема веледрогерија во Македонијана. Притоа, бизнисменот Благој Механџиски одговори и на голем број прашања кои се однесуваат и за други теми, меѓу кои беа следните: Катин: Какви беа почетоците и што значи „Зегин“? Механџиски: На почетокот бевме тројца основачи, поради тогашните законски прописи и баравме кратенки кои ќе асоцираат на главната дејност, а главната дејност ја предвидувавме да биде здравството. Тоа беше мојот колега Гоце Зеленковски и внуката Мицка Цониќ, така што ние сме првите основачи. Но, истите не можеа да се сложат и да издржат цело време да се занимаваат со промет со лекови. Тие не беа ни стручно, ни научно, ниту, пак, психолошки подготвени да работат во оваа сфера. Затоа и се откажаа уште на самиот почеток. Така што, главно, јас самостојно работам уште од почетокот до ден- денес. Основачкиот капитал тогаш беше смешен, така што никој не изгубил што се откажал. Инаку, како што споменав порано името на нашата фирма „ЗЕГИН“, всушнот, е составено од пет букви кои значат: „З“ - здравство, „Е“ - едукација, „Г“ - гаранција, „И“ - информација и „Н“ - надеж. Ете, тоа беа кратенките за кои ние распишавме конкурс, кој како заштитен знак во тоа време беше платен со 4.000 германски марки. Исто така, името е заштитено во меѓународните институции како знак - и по боја и по букви. Не е случајно тоа, уште од почетокот се мислеше на сè. Во „ЗЕГИН“ за сè се размислува и не се работи без да се направи елаборат и да дојдат до израз сите мислења во врска со некој зафат, а се комплетираат сите можни стручни мислења. Катин: Дали во „ЗЕГИН“ уште од почетокот имаше место за високо образовни кадри и како растеше тимот на кадрите? Механџиски: Компаниите во светот постигнуваат добри резултати, бидејќи ангажираат високостручни кадри. Така и „ЗЕГИН“ од формирањето до денес е отворен за високи стручни кадри. Знаењето е главна основа да се опстане во фирмата, затоа имаме голема фреквенција на влез и излез на кадри. Кадрите кои се задржаа во „ЗЕГИН“ од постоењето, се кадри со кои ретко друга организација може да се пофали. Има доста стручњаци коишто си отишле од „ЗЕГИН“ и приватно ја продолжиле својата дејност. Од кај нас излегле и личности кои биле на функции во Министерството за здравство, во Фондот за здравство и други установи и фирми. Катин: Какви бенефиции имаат вработените во „ЗЕГИН“? Механџиски: Во „ЗЕГИН“ секој има бесплатно школување во сите институции кои се во доменот на потребите на фирмата Тоа се компјутерски софтверски усовршувања, возачки испити, странски јазици, државни испити, стручни специјализации, разни симпозиуми, усовршување во областа на стручните предмети, постдипломските студии, медицината, стоматологијата, фармацијата, ветерината и друго. Литературата е бесплатна, доколку таа е потребна за усовршување на кадрите. За многу кратко време создадовме сопствена стручна литература, сопствен регистар и софтверски програми. Продолжува Пишува: СЛАВЕ КАТИН |