|
||||
ИНФОРМАТИВНИТЕ ГЛАСИЛА НА МАКЕДОНСКИТЕ ИСЕЛЕНИЦИ ВО СВЕТОТ (1945-1992) (6) |
ДЕЛ ОД ТВОРЕШТВОТО НА СЛАВЕ КАТИН Публикацијата "Македонскиот иселенички печат“, чиј издавач е НИО „Студентски збор“, од Скопје во 1993 година, на 254 страници на македонски јазик, чиј рецензенти се д-р Боро Мокров и д-р Весна Шопар, додека издавач е „Студентски збор“ од Скопје на чело со почитуваниот директор и учител во новинарството, Насте Стојкоски. Во ова дело авторот Славе Николовски-Катин има за цел да пополни извесна празнина во историографската анализа на печатот кај македонското иселеништво во Австралија, Канада, САД и Европа (Европската Унија). За нејзиното подготвување Славе Катин користел многу извори (публикации, научни трудови, извештаи, разговори и други архивски податоци), но и сопствениот фонд со кој располага за оваа сфера, врз основа на неговите долгогодишни истражувања. Оваа дело има за цел да ја збогати новинарската историографија, која во последните неколку децении е широко развиена кај Македонците во светот. Инаку, весниците на македонските иселеници ширум светот во голем број случи го носат името "Македонија", кое јасно говори за нивната силна врска со нивната дедовска земја, додека одреден број гласила носат името на историски настан или личности од старата татковина. Така, под името "Македонија" во Австралија, Канада, САД и Европа има 40 гласила чии содржини вклучуваат културни и историски настани, настојуваат да ги разбудат патриотските чувства кај читателите и, уште поважно, тоа се гледа како еден начин на поддршка на Македонија. Славе Катин е свесен дека печатот во дијаспората е оној интегративен фактор кој на нашите иселеници им овозможува не само да ги афирмираат своите активности поврзани со националната припадност и културата, туку и да ги следат и бидат во тек со најбитните настани и случувања во нивната матична држава. Рецензентот проф д-р Боро Мокров напиша дека публикацијата "Македонскиот иселенички печат " од Славе Николовски - Катин е прв обид за дело од ваков вид во Македонија и има за цел да пополни голема празнина во историска анализа на печатот на македонските иселеници во Австралија, Канада, САД и европските земји. Оваа публикација, се надеваме, ќе ја збогати литературата за оваа област, која во последните неколку децении е широко развиена кај Македонците во целиот свет. Во земјите Австралија, Северна Америка (САД и Канада) и Европа, за период од 45 години, печатот е опфатен со околу 150 печатени гласила и преку 40 радио и ТВ часови. Тој број денес е намален на околу дваесеттина активни гласила и триесеттина радио и ТВ часови. Се работи за изданија (гласила) на одделни друштва, поединци или цркви кои се пласираат и пошироко од седиштето на нивното појавување. За одбележување е дека за книгата "Македонскиот иселенички печат" од Славе Николовски – Катин се напишани повеќе текстови, меѓу кои, ќе го споменеме текстот „Вистината за македонскиот иселенички печат“ на проф. д-р Томе Груевски кој беше професот на Факултетот за новинарство при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје во текстот напиша: Делото "Македонскиот иселенички печат" е резултат на долгогодишна истражувачка работа на Славе Катин во областа на печатот и новинарството и достигнувањата во таа област на иселениците во прекуокеанските земји - Австралија, Канада и САД, како и во голем број европски земји.
Публикацијата е подготвена со цел да пополни празнина во областа на печатот на Македонците надвор од нивната татковина, за периодот од 1945 година, односно од конституирањето на НР Македонија од 1992 година, времето кога Република Македонија стана самостојна суверена и независна држава.“, напиша д-р Томе Груевски. Инаку, појавата на македонскиот иселенички печат во дијаспората е израз на долготрајната макотрпна борба на македонските доселеници (без разлика од кој дел на Македонија дошле), за афирмација на својот национален идентитет и на дедовската земја Македонија. Македонците на петтиот континент секаде и во секоја пригода го истакнуваат македонското битие, изразено преку сопствената, богата, културна, национална и духовна историја. Во таа насока се и настојувањата на авторот да ги претстави хронолошки по години информативните гласила пред читателите, да ја прикаже љубота на Македонците кон пишаниот збор, вистината на информирањето, постигнатите резултати на полето на новинарството и публицистиката и со еден аналитички пристап да се претстави историскиот развој на новинарската дејност кај Македонците во светот. Оваа публикација не претендира на исцрпност, туку, напротив таа само ги поткрепува наводите и констатациите изречени при третирањето на одделни прашања за значењето на книгата за развојниот пат на македонскиот иселанички печат и новинарството надвор од Македонија. Затоа секоја добронамерна сугестија на читателите посебно ќе биде корисна во дополнувањето на нејзината содржина. Продолжува ДУШАН РИСТЕВСКИ – МАКЕДОН |