Среда, 11 Август 2021    PDF Печати Е-пошта
МЕСНОСТА ПЕТЛЕЦ – ТРАГИЧНАТА СУДБИНА ЗА ВОЈВОДАТА ДАМЕ ГРУЕВ (18)

1imun121909

За Русиново родното место на Благој Механџиски е интересно  да се спомене дека три години по Илинденското востание еден особено трагичен настан длабоко ги потресол русинци. Имено, на 23 декември 1906 година смилевчанецот Даме Груев со своите соборци Сандо Китанов од Горноџумајско и Атанас Карчев од Кукуш пристигнале во Русиново со цел да посетат повеќе селски комитети во Малешевијата.

Истата ноќ од неколку страни навлегол турскиот аскер. Во таа жестока престрелка Даме Груев бил ранет, но со другарите успеале да се извлечат и да се упатат кон најблиската корија. Движејќи се бавно и пружајќи отпор се довлекле до под врвот Петлец, каде биле убиени. Затоа, во центарот на Русиново е поставена биста на револуционерот Дамјан Груев.

Русинци ја имаа таа несреќа, но истовремено и среќа, својата судбина трајно да ја врзат со големиот македонски револуционер Даме Груев. Се вели несреќа, зашто во нивното Русиново тој го заврши револуционерниот пат, а среќа, бидејќи со неговото име станаа попознати и ја имаат таа привилегија непосредно да му оддаваат почит на местото каде што во еден студен декемвриски ден на врвот Петлец згасна животот на славниот војвода, учител, револуционер, но и масон, во исто време.

Русинци цели сто години го чуваат споменот на Даме Груев, на еден од столбовите на македонското револуционерно движење. Секоја година му оддаваат достојна почит за заслугите за македонското дело. Тоа се потврдува со песната што ја испеал народот.

„Низ Петлец идат, трима војводи  

Идат и питаат за Русиново, за Алаѓозо.

 Првие беше тој Дамјан Груев

 Вторие беше Атанас Карчев Атанас Карчев

 Третие беше Сандо Китанов...“.

Вака пеат русинци и без оваа песна не може да помине ниту една свадба и веселба. 

1imun1212

На местото каде загина Даме Груев

Според пишаните документи Даме Груев загина  еден студен снежен декемвриски ден, точно на верскиот празник Свети Никола, на врвот Петлец. Таму е спомен-чешмата подигната во чест на Даме Груев, од каде што ранетиот војвода бегал низ долот, а која е оддалечена неколку стотини метри, каде што војводата го положи својот млад живот.

Од врвот Петлец се отвора прекрасен поглед на питомите малешевски ритчиња. Во подножјето на врвот Петлец во мало долче лази насобрана планинска вода, а од обете страни вишнеат повеќевековни буки, осакатени од огнот што пред повеќе години ја зафатил шумата. Меѓутоа, местото каде што е пролеана крвта на великанот сè уште е достапно.

Таму е поставена мала спомен-плоча на која се испишани едноставните зборови: „Тука загина Даме Груев“, која ја поставиле наставниците и учениците од селото пред повеќе од дваесетина години. Пред спомен-плочата русинци палат свеќи и оставаат цвеќе. И ловџиите со истрели од своите ловџиски пушки му оддаваат почит на војводата.

При нашата посета бевме информирани дека русинци не може ништо да ги спречи, ниту високите снегови ниту големите мразови, во декември да се искачат на врвот Петлец, да се поклонат пред војводата, да одржат собир и таму да ручаат гравче. Некогаш се искачувале и по 500 луѓе. Се раскажува дека една зима  учениците фатени за рака се качувале до врвот на минус 20˚C и по голема голомразица. 

Русинци и до ден-денес не можат да одговорат на прашањето дали Даме Груев бил предаден или, пак, во куќата во која престојувал во Русиново случајно дошле Турците. Најпознатиот русинец Никола Петров-Русински, човекот кој пред Илинденското востание крстосувал низ Охридско-струшкиот регион и во Мариовско подготвувајќи ги четите за борба, вака го опишува овој трагичен настан:

Четата се сместила во куќата на Димитар Р. Алаѓозов без да постави свој внатрешен стражар. Тој ден во селото дошол Турчинот Мула Алимов, сопственик на пасиштето, заедно со еден заптија, и право се упатил во куќата каде што биле комитите. Кучето било затворено и не се огласило, а двајцата неканети гости започнале да се качуваат по скалите.

Откако ги забележале комитите, залегнале зад аголот на куќата и почнале да стрелаат. Од куќата прв излегол Сандо Китанов кој бил смртно погоден, а по него се појавил и Даме Груев, кого го раниле во десната нога. Другите четници излегле од задната врата. Додека траеле борбите, на помош на Турците им дошла и војската од соседното село Владимирово. Тогаш загинал и владимирецот Ѓорѓи Поп Стојанов“. 

Ранетиот Даме Груев и четникот Атанас Карчев се извлекле од селото и се обиделе да заминат преку блиското ритче, а курирот Григор Митов Крапев, кој добро го знаел теренот, ги водел кон источниот дел на врвот Петлец. И покрај повредата, Даме Груев успеал да стигне на стрмнината под врвот, но таму биле пресретнати од друга војска која стасала од Безгаштево, а подоцна од другата страна стасала и трета војска од Берово.

Гледајќи дека му се ближи крајот, Даме Груев му наредил на курирот да ги напушти и да се обиде да се спаси навлегувајќи длабоко во планината. Тогаш Даме Груев и Атанас Карчев започнале нерамна борба со турската војска. И ден-денес не се знае дали Даме Груев бил убиен или сам си го одзел животот откако ги потрошил куршумите. 

Даме Груев загинал во Македонија за чија слобода се борел целиот свој живот. Историчарите како датум на неговата погибија го бележат 23 декември 1906 година. Меѓутоа, денот кога завршува неговиот живот на врвот Петлец, крај Русиново, е 19 декември, на Свети Никола, датум што е врежан во меморијата на русинци кои со голем пиетет говорат за великанот.

Даме Груев бил погребан во нивната црква, а по две недели, на Божик е откопан и сликан за да се осведочат  османлиските власти дека го убиле токму „баш комитата“. Подоцна, посмртните останки се пренесени во центарот на Русиново и погребани пред споменикот што му го подигнала новата македонска држава. Тој повторно е откопан и пренесен во неговото родно Смилево.

Учесниците во планинскиот марш придружени со звуците на тапанот и зурлата и со македонска песна пред спомен-плочата, обележје на неговата смрт, се потсетуваат на неговите храбри чекори и подвизи, кои се и насока за понатамошните движења на Македонците во борбата за национално ослободување.

Истражувањето на природните убавини, спојот на природата и традицијата се предизвици на кои ретко кој може да им одолее. На територијата на Општина Берово има маркирано пет пешачки патеки. Дел од пешачките патеки може да се искористат и за возење на велосипеди во планински услови.

Така, патеката број 5, наречена „Врвицата на илинденците“ е местото на кое во 1906 година загина големиот револуционер Дамјан Груев. Патеката е долга 15 километри, а се минува за 5 часа. Патеката поаѓа од Русиново преку врвот Петлец и се враќа назад во Русиново. Често се вели дека она што нè издигнува како народ, како Македонци треба постојано да се негува и почитува. Бидејќи оние кои се бореле и загинале за Македонија треба да се вреднуваат и постојано да се подига нивната слава за  генерациите кои доаѓаат да не го заборават нивниот придонес за денешната слобода.

1imun1213Подготовки за Петлец

Преку негувањето на традициите и одбележувањето на значајните настани од минатото на македонскиот народ се презентира историското наследство, се развива и негува вербата, љубовта и патриотизмот кон својот крај, народ и држава. Така се истакнува национално ослободителната борба на македонскиот народ, во државотворна смисла на зборот.

Затоа, секоја  година во чест на делата на загинатиот деец  Даме Груев, се одржува овој традиционален марш од Русиново до планинскиот врв Петлец, чекорејќи по стапките на војводите Сандо Китанов, Атанас Карчев и Димитар Поп Стојанов кои загинале покрај Даме Груев во 1906 година, испишувајќи ја непокорливоста на македонскиот народ.

Продолжува 

1slave Пишува СЛАВЕ КАТИН

 

На прво место

News image

Мане Јаковлески: Мојот пат по стапките на месијата 2011 година (8)

Петта станица-десно кон улицата Францис, од каде патот нагло, остро се издига кон Голгота (Калварија...

Историја

News image

Границите на Македонија се таму, до каде што допира римскиот меч

Македонија станува римска провинција во 146 година п.н.е., откако римскиот војсководец Квинт Цецилие...

Иселеници

Култура и туризам

News image

ВО АНКАРА– ГРАДОТ НА АТАТУРК И ПРЕСТОЛНИНАНА ТУРЦИЈА(10)

ДЕЛ ОД ПОСЕТИТЕ НА ГРАДОВИ ВО СВЕТОТ ВО ПУБЛИКАЦИЈАТА „СВЕТОТ НА ДЛАНКА“ НА СЛАВЕ КАТИН 

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.