Среда, 18 Август 2021    PDF Печати Е-пошта
МАКЕДОНСКИОТ РЕВОЛУЦИОНЕР НИКОЛА ПЕТРОВ – РУСИНСКИ (ЧУКАРСКИ) (19)

1djor12

Малешевијата  е позната како борбен крај кој одиграл значајна улога во создавањето на револуционерна клима и при ослободувањето на Македонија. Една од најсветлите фигури во тие немирни времиња е, секако, револуционерот Никола Петров- Русински, кој, цел живот се бореше за слободата на Македонија, но, за жал не ја дочека.

Никола Петров-Русински (Чукарски) е македонски социјалист, револуционер, деец на ТМОРО, околиски војвода, учесник во Илинденското востание. Завршил подофицерска школа во Софија и бил близок пријател со Гоце Делчев и Васил Главинов. Задоен со идеите на социјализмот, тој го наоѓа своето место во македонското револуционерно движење и безусловно му служи целиот свој живот.

Во 1897 година, станал четник во првата чета на ТМОРО во Малешевијата, а потоа и во четата на Гоце Делчев. Како близок соработник на Гоце Делчев, во 1900 година бил испратен во западниот дел на Македонија, каде станал првиот војвода - агитатор во Крушевско, Демирхисарско, Кичевско, Прилепско, Охридско, Струшко, Битолско и Мариово. Учествувал на Смилевскиот конгрес и во Илинденското востание во Битолско. Користел псевдоними како Апостол Скитов, Атила Елонски и сл.

Никола Петров е роден на 21 ноември 1875 година во селото Русиново, по кое го добил прекарот Русински.  Мајка му се викала Шекерина Мицова, а татко му Петар Стојанов кој потекнувал од најбогатата фамилија во село Русиново, Чукарци.  Со гимназиско образование се стекнал во Кочани, а во периодот од 1893 до 1895 година престојувал во Цариград, каде се образувал и станал близок на социјалистичките идеи, а од септември 1895 до март 1897 година учел во подофицерското училиште во Софија. Во 1895 година се вклучил во редовите на Македонската организација и учествувал во акции на четите.

Во текот на школувањето во офицерската школа, Никола Петров-Русински се запознал со Гоце Делчев кој го вклучил во Македонската револуционерна организација. Во 1897 година, Русински станал четник во првата чета на ТМОРО во Малешевијата, предводена од војводата Васил Чочов. Истата година учествува во киднапирањето на Назлим-бег кое го раководел Гоце Делчев, а подоцна се приклучил во четата на Гоце Делчев.

Во 1898 година, Никола Петров-Русински се запознал со Васил Главинов, кој во Софија ја формирал Македонско-одринската социјалдемократска група. Русински како социјалист, се вклучил кон групата, во која членувале Велко Марков, Никола Карев, Димо Хаџи Димов, Лазар Главинов и др. Тргнувајќи од ставот дека без национално ослободување нема ни економска слобода, социјалистите меѓу кои и Русински се залагале за ослободување на Македонија и ги издигале слоганите „Македонија за Македонците“ и „Ослободувањето на Македонија е работа на Македонците“.

Во таа насока, социјалистите имале контакти со ТМОРО со која се сложувале за вооружено ослободување на Македонија и создавање на автономна македонска република со сопствени сили. Тие настапувале отворено и се спротивставувале на тврдиот централизам и идејната затвореност на Организацијата. Но, Делчев и Русински имале голема улога во вклучувањето на голем дел од социјалистите во Организацијата.

Никола Русински кој бил испратен од Гоце Делчев да го организира Битолскиот револуционерен округ, на 3 јули 1900 година учествувал на Првата социјалистичка конференција во Македонија одржана во близина на Крушево. Свесни дека можат да имаат влијание доколку и самите се вклучат во редовите на Организацијата, по одржаната конференција во Крушево, социјалистичката група ги доставила предлозите до Окружниот комитет во Битола кој ги прифатил и им доделил одредени клучни места (војводско место, инспектор на четите).

                     1djor123

                                                Споменикот на Русински во Русиново

По влегувањето на социјалистите во редовите на ТМОРО, Русински станал истакнат организатор и војвода на чета. Спроведувајќи ги доверените задачи тој до август 1901 година ја развил борбената подготвеност на четите во Демирхисарско, Крушевско, Кичевско. Потоа, од август до ноември 1901 година, работел на подготовка на четите во Прилепско, Охридско и Струшко, а од ноември 1901 до декември 1902 година, работел на подготовка на  четите во Битолско и Мариово до 1903 година.  Во четата на Русински како подвојводи во своите реони дејствувале Јордан Пиперката, Веле Марков, Ѓурчин Наумов–Пљакот, Ванчо Србаков, Ѓорѓи Сугарев, Тале Христов и други.

Никола Русински присуствувал на Смилевскиот конгрес. Иако, како и неговиот пријател Гоце Делчев, бил за партизанско војување и против кревање на масовно востание, бидејќи четите и населението не биле доволно подготвени за напад врз сите линии на непријателот, тој ги прифатил одлуките донесени на Смилевскиот конгрес. Русински заедно со Петар Ацев, Тале Христов, Јордан Тренков и Георги Пешков биле избрани за членови на штабот на Прилепското горско началство (за Мариовско).

Во текот на Илинденското востание во 1903 година, Никола Русински чиј помошник војвода е Тодор Златков, командувал и со леринските чети, кои се засолнувале во Мариовско, откако се извлекле од тешката ситуација во Леринскиот реон.

По Младотурската револуција во 1908 година, Никола Русински живеел во Битола, посветувајќи се на социјалистичката идеја и синдикалното движење. Зел учество во балканските војни, а потоа бил кандидат за парламентарните избори во Пиринска Македонија. Но, набрзо потоа, со почетокот на Првата светска војна Русински бил мобилизиран.

По завршувањето на војната тој заедно со своето семејство останал да живее во родното село Русиново, каде што останал до февруари 1921 година. Русински се вклучил во политичкиот живот во земјата, но притисокот што го вршеле великосрпските власти го натерал да го напушти својот роден крај и заедно со своето семејство илегално да се префрли преку границата во Бугарија. 

Во Софија Русински се венчал со својата свршеница, учителка и револуционерка од Охрид, Константа Бојаџиева, која извонредно многу ја ценел и ја сакал. 

Меѓу двете светски војни Никола Русински доживеал семејна трагедија. По долго боледување му починале сопругата и двете ќерки. По оваа тешка трагедија, тој потполно се посветил на социјалистичката кауза. Во времето на фашизмот во Бугарија, учествувал во антифашистичкото движење и ги криел комунистичките  илегалци.

1djor124  1djor125

Бугарската окупација на вардарскиот дел на Македонија, со тоа и на неговиот роден крај, не ја доживеал како ослободување, како што ја доживеале некои „илинденци“, кои дури учествувале во бурните прослави организирани од бугарските власти во Битола, Крушево и Смилево.

Уште истата 1941 година со него се поврзале членови на раководството на народноослободителното движење од пиринскиот дел на Македонија, кои доаѓале за снабдување со оружје во Малешевијата и во Стумичко, или се засолнувале како илегалци во овие краишта пред потерите и репресиите на полицијата во пиринскиот дел на Македонија.

Русински, кој во својот роден крај бил познат како „дедо Коле“ и во својата седма деценија од животот служел на македонските народни интереси. Тоа е најдобра потврда колку длабоко верувал во смислата на сопствената констатација изречена во врска со задушувањето на Илинденското востание, запишана во неговиот прилог „Организацијата на жените во Охрид“: „Трудољубивиот народ веднаш пристапи кон градење на нови куќи, со надеж ако сега не успеал, ќе дојде време кога ќе успее да се ослободи од ропството“.

Таква верба носел во себе и стариот Никола Русински во 1941 година, дека времето е дојдено неговиот народ да успее во ослободителното дело. Русински бескрајно многу ја сакал својата татковина, за него „цела Македонија му била роден крај“.

Никола Русински умрел во голема беда на 14 јуни 1942 година, во Софија. Автор е на книгата „Придонес кон историјата на Внатрешната македонско- одринска револуционерна организација - за времето од 1900 до 1903“, објавена во Софија во 1936 година.

Продолжува 

1slaveПишува СЛАВЕ КАТИН

 

На прво место

News image

Мане Јаковлески: Мојот пат по стапките на месијата 2011 година (8)

Петта станица-десно кон улицата Францис, од каде патот нагло, остро се издига кон Голгота (Калварија...

Историја

News image

Границите на Македонија се таму, до каде што допира римскиот меч

Македонија станува римска провинција во 146 година п.н.е., откако римскиот војсководец Квинт Цецилие...

Иселеници

Култура и туризам

News image

ВО АНКАРА– ГРАДОТ НА АТАТУРК И ПРЕСТОЛНИНАНА ТУРЦИЈА(10)

ДЕЛ ОД ПОСЕТИТЕ НА ГРАДОВИ ВО СВЕТОТ ВО ПУБЛИКАЦИЈАТА „СВЕТОТ НА ДЛАНКА“ НА СЛАВЕ КАТИН 

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.