|
||||
ОСВРТ НА Д-Р ДИМИТАР КЕРАМИЧИЕВ ЗА ДЕЛОТО „ЈАНОВСКИ“ (25) |
ШТО РЕКОЈА ИСТАКНАТИ ЛИЧНОСТИ ЗА ДЕЛАТА НА СЛАВЕ КАТИН На промоцијата на делото „Јановски“ што се одрша на 16 април 2003 година во Народната и Универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ во Скопје, свое излагање под наслов „Предноста и моќта на книгата“ имаше д-р Димитар Керамичиев, претседате на Матицата на иселениците од Македонија. Во своето излагање д-р Димитар Керамичиев го истакна следното: „Ми претставува чест и задоволство што ми е дадена можноста да го искажам своето мислење за трудот кој денес се промовира - монографијата за семејството „Јановски“ од Славе Николовски - Катин, веќе 20-ти по ред труд, со тематика за македонското иселеништво. Овој труд на Славе Катин го прочитав, речи си, во еден здив, при што ме опфати силно чувство на восхит, чувство на прекрасно задоволство. Се навратив од почетокот, од првите страници, ги прочитав повторно потцртаните зборови, реченици и мисли и се обидов да ги објаснам чувствата што ме исполнија. Утврдив неколку моменти: прво, самата структура на содржините на монографијата овозможува да се добие сосема јасен и целосен увид на основната цел на авторот. Меѓу нашата научна и публицистичка елита тешко може да се најде личност која може да се спореди со обемот, разновидноста на содржините и психолошката вдлабоченост, со кои се карактеризира богатиот опус на Славе Катин кога станува збор за неговите трудови кои се однесуваат за Македонците раселени по целиот свет, пред се’, во САД, во Канада и во Австралија. Во што е предноста и моќта на Славе Катин за да биде најконтинуиран, најширок, најсеопфатен и најавтентичен, како што вели академик Блаже Ристовски во својата рецензија за книгата на Славе Катин „Македонците во САД и во Канада“, кога се во прашање проблемите на македонското иселеништво? Мислам дека за таквата успешност на Славе Катин значајни се некои негови карактеристики, пред се’, без двоумење тоа е плод на структурата на неговата личност во која доминантна улога игра неговата изразена сензитивна перцепција која му овозможува да ги гледа најосетливите, би рекол, најскриените видови на однесување на Македонците во иселеништвото и без тешкотии да ги објаснува. Си земам за право да кажам дека станува збор за надареност и со присуство на високо ниво на конотивно-мотивациско влијание. Вториот значаен фактор, за да се создаде ова извонредно дело на Славе Катин, е неговото добро познавање на македонското иселеништво, кое долги години го проучувал. Во нашите први контакти имав впечаток за потоа тој да се трансформира во увереност, дека Славе Катин живее со проблемите и настаните на македонското иселеништво, како да е тоа дел на неговата личност. На секаде низ светот ги познава сите македонски цркви и црковни општини, организации, друштва и многу многу поединци, од пред многу години и сега. Кај Славе Катин постои трајна ориентација на неговата свест кон појавите и проблемите на Македонците во иселеништвото. Значајно е да се потенцира дека кај овој автор постои позитивен емоционален однос, како и јасно изразени позитивни ставови. Среќата на семејството Јановски им беше наклонета што ја избраа Канада за своја втора татковина, зашто само таква земја (која го признава мултикултурното шаренило, со континуирана недискриминаторска политика, каде секој има право на слобода на изразување на мислата, на верата, на негување на сопствената култура, обичаи и мајчиниот јазик), можеше да им овозможи да го изразат целиот свој потенцијал. Секако, благодарение на сите особености на едно типично македонско семејство и на наследената надареност и талентираност (иако без особено образование, особено стожерите на семејството - таткото Ѓорѓи и неговите синови Петре, Марко и Васил), но, во канадски услови, и прифаќањето како особини: на енергичноста, на динамичноста, на дисциплинираноста и на организираноста, што се бараат и се важен предуслов за успех во западната цивилизација. Јановци се големи донатори и покровители на црквите и на сите секции (културно-просветни, образовни, спортски и др.), кои функционираат во рамките на македон-ските цркви. Едноставно: тие ниту во еден момент не заборавија дека се Македонци, непрекинато интересирајќи се не само за она што се случува во нивното Велушина, туку и за настаните и животот во нивната Маке-донија. И во овој дел авторот Славе Катин ги пренесува нивните стремежи, нивните желби и надежи со една посебна ерупција на задоволство што лесно се пренесува и кај читателот. За да не остане сам во своите раскажувања, на крајот на книгата авторот ги пренесува и исказите на повеќе лица (свештеници, новинари, бизнисмени и пријатели), кои зборуваат што значи семејството Јановски меѓу Македонците во Торонто и пошироко и што значи за бизнисот во Канада. Продолжува ДУШАН РИСТЕВСКИ – МАКЕДОН |