|
||||
ВО БАНСКО – ГРАДОТ НА НИКОЛА ЈОНКОВ ВАПЦАРОВ (5) |
ДЕЛ ОД ВИСТИНАТА ЗА МАКЕДОНЦИТЕ ВО ПИРИНСКА МАКЕДОНИЈА Целта на нашето патување беше градот Разлог кој го посетивме во делник напладне, кога летото се чувствуваше со сета силина и убавина. Затоа, во градот владееше мртвило: многу продавници беа затворени. Седнавме во еден ресторан за да го почувствуваме мирисот на пиринската кујна. Од кога се нагостивме, направивме куса кружна прошетка низ градот и се упативме кон Банско. Банско е сместено на јужната страна на Разлошката Котлина под падините на Пирин Планина. Распослано е на двете страни на реката Глазне. За првпат се спомнува во турски документ од 1576 година, а силен растеж и процут доживеал во втората половина на XVIII век, кога станал познат трговски центар за тој дел на Македонија. Караваните на банскалиите, како што обично ги нарекувале жителите на ова питомо место, секојдневно тргнувале кон Белград, Дубровник, Виена, носејќи го надалеку познатиот по квалитет бански тутун. Исто така, афионот стигнувал до европските пазари. Меѓутоа, за тоа време особено на добар глас биле предметите изработени од дрвјата од витите стебла на белиот и црниот бор што виреат на просторите на убавата, богата и висока Пирин Планина. Македонците од Банско по многу нешта се специфични луѓе, со особено задоволство ќе ви говорат за Банско и Пирин, за богатствата што им ги оставила историјата. За она што нивните предци го вградиле во македонската национална историја. Горди се поради тоа што во последната деценија на XIX век, или поточно во 1896 година, во Банско допатувал Гоце Делчев како учител на македонските деца. Беше пладне кога пристигнавме на широкиот плоштад во Банско. Десно е Културниот дом, а до него нанижани неколку продавници и кафеани во стилот на старата банска архитектура. Градени се, главно, од камен. Лево е куќата на Елена и Јонко Вапцарови, во која детството и дел од младоста поминал големиот македонски, бугарски и интернационален поет Никола Јонков Вапцаров. Предниот дел е претворен во музеј. На мермерната плоча, поставена на споменикот, забележани се зборовите изречени од големиот поет: „Да умреш кога земјата се дели од својата вемла, кога милиони се раѓаат... тоа е чест, да, тоа е чест...“ И од бронзата извира питом поглед и поетски жар. Се поклонуваме пред споменикот на Вапцаров. Перчето бујна руса коса му паѓа врз слепоочницата на овој интернационален поет и чиниш поигрува галено од питомото ветре што се задава откај врвовите на Пирин. Музејската поставка во куќата-музеј впечатливо говори за животот на поетот, за неговото творештво и за трагичниот крај во тунелите на софиското стрелиште, откако претходно беше осуден на смрт со стрелање, заедно со неговите сонародници, соoбраќа и соборци, македонските патриоти Антон Попов и Атанас Романов. Се присетивме на средбата со неговата мајка Елена. Како тогаш да ги слушнавме нејзините зборови во кои беше измешана и тагата и радоста. Црната шамија ѝ ги скриваше белите коси, а длабоко од неа извираше гордоста што е мајка на такво чедо. Ја напуштивме куќата музеј на Вапцаров и кинисавме да чекориме по калдрмисаните улички на Банско. Во ова пиринско-македонско планинско гратче, куќите се градски, убави, молерисани со млечно бела боја, а луѓето се љубезни, горделиви, разговорливи и мошне пријатни. Слушнавме дека семејното гнездо е свето катче, а чесноста е нивната одлика. Тие бесконечно ги почитуваат белезите на традицијата и своите корени, а со посебно чувство го негуваат македонско-пиринскиот фолклор. Песната и песнопојноста им е знак за распознавање меѓу Пиринците. Над Банско кој е сместен на североисточните падини се издига Пирин Планина која е чудна и волшебна, а во исто време е неизмерно питома и безгранично дива. Таа е опеана интернационално од девојки и од невести, од поети и од комити. Додека се спуштаме кон водите на реката Струма, со мислите се вративме во минатото. Се потсетивме на страниците од времето на македонската револуција, од времето кога Пирин Планина во своите зелени пазуви ги прибираше и чуваше четите на комитите од Банско, Белица, Разлог, Неврокоп, Мелник, Петрич… Инаку, Пирин е планински венец со највисокиот врв Вирен висок 2914 метри. Планинскиот венец се протега на околу 40 km во правец од северозапад кон југоисток, а е широк околу 25 km. Поголемиот дел од планинскиот венец е заштитен во рамките на Националниот парк Пирин. Пирин е познат по својата богата флора и фауна. Голем дел од областа е покриена со шума, со најдобрите иглолисни дрвја, кои сочинуваат важен дел од балканските ендемични видови како моликата, борот и елката. Животинските видови застапени во паркот се волкот и кафеавата мечка. Ние го продолживме нашето патување долж реката Струма, која извира на планината Витоша, блиску до нејзиниот највисок врв — Црн Врв, и се влева во Струмичкиот Залив (наречен и Орфански Залив) во Белото Море. Патувањето беше интересно, бидејќи од двете страни на реката се извишуваат убави планински предели. Веројатно за планинарите е уште поинтерезна оваа клисура, чија вода е бучна и пенлива. Удира во карпите и рие низ коритото, пробивајќи се низ Кресненската Клисура. Лево и десно, можат да се видат суви назабени ридишта. Погледот се впива во уште едно обележје. Наидуваме на споменикот на загинатите борци во Кресненско-разлошкото востание во 1878 година. А горе се извишуваат врвовите на Пирин Планина и легендарниот Елтепе, опеан, овенчан и овековечен во песните на Никола Вапцаров и на други знајни и незнајни поети и патеписци. Инаку, името Елтепе („врв на бурите“) се употребувало се’ до 1942 година, а потоа врвот го добил името Вихрен. Тој, со своите 2.914 метри е највисок врв на планината Пирин. Гледан од Бански, Вихрен личи на пресечена пирамида, а од југ потсетува на четиристрана пирамида. Карактеристично за врвот е тоа што изгледа многу поразлично, зависно од која страна се гледа. Карпите кои го образуваат Вихрен се мермерни и не задржуваат вода, па затоа целото околно подрачје нема реки и езера. Продолжува Пишува: СЛАВЕ КАТИН |