|
||||
КРЕСНЕНСКОТО – МАКЕДОНСКОТО ВОСТАНИЕ (1878-1879) (6) |
ДЕЛ ОД ВИСТИНАТА ЗА МАКЕДОНЦИТЕ ВО ПИРИНСКА МАКЕДОНИЈА Над Креснасе издига Пирин Планина, природната убавица која е чудна и волшебна, а во исто време е неизмерно питома и безгранично дива. Таа е опеана интернационално од девојки и од невести, од поети, патеписци и од комити. Додека се спуштавме кон водите на реката Струма, со мислите се вративме во минатото. Се потсетивме на страниците од времето на македонската револуција, од времето кога Пирин Планина во своите зелени пазуви ги прибираше и чуваше четите на комитите. Кресна или Гара Пирин е град со околу 4.000 жители и е општина во Благоевградската област во Пиринска Македонија Градот е сместен во подножјето на Пирин Планина од нејзината западна страна, во долината на реката Струма. Кресна е сместен од двете страни на меѓународниот пат кој води од Благоевград кон Сандански. Пред градот, на живописниот завој на реката Струма, се наоѓа споменикот на загинатите во Македонското востание од 1878 година. А, Македонското Кресненско востание (1878-1879) е востание на Македонскиот народ против отоманската власт и се крена на 17 октомври (5 октомври по стар стил) 1878 година, во Кресна, со цел за ослободување и создавање на независна Македонска држава. Најголема причина за оружената борба за ослободување на Македонија предизвикал Мировниот договор на Берлинскиот конгрес, кој се однесувал на Македонија и предвидувал нејзина автономија, но останување во рамките на Османлиската империја. Според пишаните документи се смета дека лошата состојба од турското општество и управа, бил резултат на анархичноста во аграрното уредување и на целосната незаштитеност на приватната сопственост. Затоа, главните подготовки за кревање на Востанието биле водени од повеќемина видни Македонци - учители, трговци, видни личности, свештеници итн. Најангажирани личности во подготовките на Востанието биле охридскиот митрополит Натанаил Охридски и познатиот македонски револуицонер учителот Димитар Поп-Георгиев Беровски кој две години претходно бил главен водач на Разловечкото востание, познатиот македонски војвода од тој период Стефо Николов, познатиот македонски револуционер од тоа време поп Коста (Буфски) од с.Буф-Леринско и неколкумина македонски војводи. Со своја чета учествувале и познатиот македонски борец и прв македонски историчар Ѓорѓија Пулевски и војводата Кара Тодор од Тетово, познат како “страв и трепет за башибозукот”. Голема улога во подготовките и одвивањето на востанието имале и штотуку формираните т.н. благотворителни комитети „Единство“, кои ги организирале мирните, но и вооружените протести и акции против решенијата на Берлинскиот конгрес кои имале главно негативен карактер во однос на Санстефанскиот мировен договор кој во целост бил во корист на Бугарија. Најважни од нив биле Софискиот и Џумајскиот комитет кои всушност играле и раководна улога во Востанието. При подготовките за востанието најмногу се сметало на четите кои би се формирале од доброволци – Македонци во Бугарија.. Меѓутоа искуствата покажале дека за да успее востанието требало да се исползуваат чети од Македонија кои веќе ги крстосувале македонските планини, чети познати на народот, чети кои ќе ги негувале идеалите за слобода на Македонија и чети кои немале никакво влијание од соседните држави (Бугарија, Србија, Грција). Во историските податоци е забележано дека кон крајот на септември 1878 година Софискиот благотворителен комитет во Ќустендил го испратил Луј Војткевич (Полјак) со голема чета од 300 души за да се префрли во Македонија. По краткотрајна вооружена борба, четата била разбиена од турскиот аскер и Луј Војтеквич се вратил назад во Софија по нови инструкции. Истиот месец Адам Калмиков (Козак од Украина) со голема чета доброволци се обидел да влезе во Македонија но и неговиот обид ќе биде неуспешен поради тоа што неговата чета целосно била разбиена од турскиот аскер. Подоцна овие двајца ќе бидат поставени од комитетот Единство на раководни функции во Востанието Востанието започнало на 17 октомври (5 октомври по стар стил) 1878 година со нападот на Кресненските анови во кои била сместена турската војска. Во нападот учествувале 400 востаници и многу селани од околните села. При самиот напад на турскиот гарнизон на востаниците им се предале 119 турски војници. По ослободувањето на Кресна востанието се проширило во околината и подалеку во Мелничко, Беровско, Делчевско, Демир-хисарско. Со тоа се створила голема слободна територија. Една од првите мерки на востаничките водачи, по ослободувањето на селата, била да воведат нова месна административна власт, да извршат мобилизација за пополнување и формирање на нови чети како и избор на воено-востаничкото раководство. На општото собрание востаниците за востанички водач го избрале Калмиков, за началник на штабот Димитар Поп-Георгиев Беровски, а за прв војвода на четите Стојан Карастоилов. Инаку, еден од раководителите на востанието Димитар Поп-Георгиев Беровски, секогаш во својата коресподенција се потипишувал како Началникот на Штабот на Македонското востание, а писмата испратени до комитетот во Горна Џумаја се адресирани како до Џумајскиот македонски комитет! Притоа, во целата достапна документација евидентно е дека недостасуваат белези за каков било бугарски карактер на Кресненско востание. За жал, на 11 ноември 1878 година, Османлиите крваво го задушиле востанието, а цели два месеца потоа биле вршени потраги по останатите востаници од околните села со најголеми репресивни мерки и убиства, иселувања и мачења врз месното население. Поради таквата состојба Натанаил Кучевишки заминал за селото Падеж и таму на 6 јули 1879, издал наредба за демобилизација на четите и собирање на оружјето кое требало да се складира во селото Бураново. Со тоа Кресненското односно Македонското востание завршило. Продолжува Пишува: СЛАВЕ КАТИН |