|
||||
МОНОГРАФСКО ДЕЛО ЗА СИЛЈАН МИЦЕВСКИ – ПОЗНАТИОТ БИЗНИСМЕН ОД БИТОЛА (1) |
ДЕЛ ОД МОНОГРАФИЈАТА „СИЛЈАН МИЦЕВСКИ“ ОД АВТОРИТЕ СЛАВЕ НИКОЛОВСКИ - КАТИН И ЃОРЃИ ЛУМБУРОВСКИ Монографијата „Силјан Мицевски“ за бизнисменот од Битола е дело на Славе Николовски-Катин во коавторство со Ѓорѓи Лумбуровски, а е подготвена од Издавачката куќа „Македонска искра“ од Скопје, во 2014 и во 2018 година, на 320 страници, на македонски јазик. Се оќекува монографијата во најскоро време да биде отпечатена. Рецензенти на монографијата за Силјан Мицевски, угледниот македонски стопанственик, спортист, поддржувач на културата, уметноста и спортот, донатор, актуелен почесен конзул на Република Србија во Република Македонија и поранешен градоначалник на Општина Битола, се академик Владо Камбовски и проф. д-р Вера Стојчевска-Антиќ. Инаку, Силјан Мицевски-Циле, како често го викаат неговите блиски е роден на 16 октомври 1945 година во Битола. Тогаш во семејството Силјанови славењето било големо и радоста неизмерна, особено за мајката Василка (1917-2001) и таткото Јован (Јонче како што сите го викале) Мицески (1915-1971). После првата рожба, сестрата Нада (1935) и братот Благој (1939), трета среќа бил Силјан (1945) кој дошол во ова семејно гнездо како најмалечко чедо. Во монографијата „Силјан Мицевски“ е забележано дека тој по завршувањето на гимназијата, прво, се запишал на Правниот факултет во Белград, а потоа на Економскиот факултет во Прилеп, кој го завршил со висок просек, во 1975 година. Но, тука не запрел. Отишол понатаму. Предизвик му била науката. По извесен период, магистрирал во Софија, на отсекот Економија и менаџмент, со што се стекнал со титулата магистер по менаџмент. Почетокот на работата на ГП „Пелистер“ датира од 1968 година, кога работело под името „Уметност“, занимавајќи се со градежно занаетчиство. Од 1977 година почнува да се занимава со покрупни зафати на градежни работи и тогаш формира голема градежна оператива со фузирањето на четирите помали градски оперативи: „Млад ѕидар“, „Солидна работа“, градежниот погон на КИБ „Битола“ и „Уметност“. Со константен подем и рапидно темпо на пораст, ГП „Пелистер“ станува комплетен изведувач од проект, преку градба, па сè до предавање на објектот по принципот „клуч на рака“. М-р Силјан Мицевски е првиот човек на градежното претпријатие „Пелистер“. Неговото семејство поседува близу 50 аптеки „Еурофарм“ низ цела Македонија. Поседува капитал и во повеќе компании низ Македонија што се занимаваат со градежништво. Инаку, важи за човек што со години помага во битолскиот спорт, културата, а им помогнал и на голем број битолчани.
Широк Сокак во Битола Битола, градот на конзулите, како што го нарекуваат, е родното место на Силјан (Циле) Мицевски и неговото семејство. Битола е неговата гордост, инспирација и предизвик. Тоа е градот во кој Силјан поминал голем дел од животот со својата сопруга Виолета и нивното пошироко семејство. Во Битола тој има постигнато значајни резултати како успешен и деловен човек, спортист, активист, градоначалник, хуманист, како и признат граѓанин на Битола, на Република Македонија и пошироко на овие балкански и европски простори. Битола е седиште и на десетина почесни конзулати, меѓу кои на: Франција, Велика Британија, Турција, Романија, Грција, Русија, Словенија, Бугарија, Хрватска и Србија чиј почесен конзул е Силјан Мицевски-Циле. Според пишаните медиуми, денес Силјан Мицевски е еден од најмоќните бизнисмени во југозападниот дел на Република Македонија и најбогат во тој регион во бизнисот со ископ и градежништво. Затоа, според листата на најбогати фамилии во Македонија, тој е на дваесеттото место. Љубовта кон спортот е од таков интензитет и димензии што никогаш ниту ќе престане, ниту некој може да посегне да му ја оттргне од емоциите. Имало меѓуфази, имало најразлични пулсативни амплитуди, но во конечна смисла и кога играта на паркетот е во прашање и кога судењето било предизвик, тој ја давал најсилната поддршка за овој спорт на кондиција, уметност, работа, талент, знаење, досетливост, волшебност и благородност. Затоа, кога се портретира големиот Силјан спортувањето и неговата љубов, наречена ракомет, се огромни. Од големиот број активности треба да се споменат двата настана од спортот, за кои клучен човек за нивното остварување бил Силјан Мицевски. Првиот е поврзан со ракометот и со одржувањето на ракометниот турнир „Трофеј на Југославија“ од 30 јуни до 5 август 1981 година во Битола. На овој настан учествувале спортисти од Демократска Република Германија, Советскиот Сојуз, Швајцарија, двете селекции на Југославија и од Социјалистичка Република Македонија. Вториот настан е поврзан со одржувањето на Првото европско боксерско првенство за кадети во 1997 година, одржано од 4 до 14 јули во Битола. Учествувале 28 боксери од: Албанија, Ерменија, Азербејџан, Хрватска, Кипар, Република Чешка, Англија, Естонија, Германија, Унгарија, Ирска, Израел, Италија, Латвија, Литванија, Македонија, Молдавија, Холандија, Полска, Романија, Русија, Шкотска, Република Словачка, Словенија, Турција, Украина, Велс и поранешна СР Југославија. Продолжува
Пишува: СЛАВЕ КАТИН |