|
||||
ДЕЛ ОД 55 ГОДИШНИОТ ИСТОРИСКИОТ РАЗВОЈ НА МАКЕДОНСКАТА ПРАВОСЛАВНА ЦРКВА – ОА |
ПРИЗНАВАЊЕ НА ОХРИДСКАТА АРХИЕПИСКОПИЈА ОД ВСЕЛЕНСКАТА ПАТРИЈАРШИЈА според историскиот развој на Македонската православна црква (денес Македонската православна црква - Охридска архиепископија), пред самиот крај на војната, во 1944 година во селото Горно Врановци, Велешко, беше формиран Иницијативен одбор за нејзино организирање. Во март 1945 година во Скопје, е одржан Првиот црковно-народен собор, на кој е донесена Резолуција за обновување на Охридската архиепископија, како Македонска православна црква. Оваа одлука била доставена и до Архиерејскиот собор на Српската православна црква (СПЦ), бидејќи пред војната, епархиите во делот на Вардарска Македонија беа во составот на Обединетата православна црква на Србите, Хрватите и Словенците, подоцна - Српска православна црква. Тогаш Архиерејскиот собор на СПЦ не ја прифати оваа одлука, заради тоа што во своите понатамошни барања, Иницијативниот одбор истапува со одредени редукции: наместо само како автокефална, бара да биде признаена како самостојна Црква. Но, повторно не наидува на одобрување. Во 1958 година во Охрид, е одржан Вториот македонски црковно-народен собор, каде што е прифатен предлогот за обнова на Свети-Климентовата Охридска архиепископија, олицетворена во самостојната Македонска православна црква, а за нејзин прв епископ беше избран г. Доситеј. Притоа, Архиерејскиот собор на СПЦ се согласи со одлуките на Македонскиот црковно-народен собор, во одлуката АС. бр. 47/1959 година и 6/1959 година зап. 57 од 17/4 јуни 1959 година. Таквата Одлука за самостојност на Македонската православна црква (МПЦ) беше потврдена преку отслужувањето на заедничка архиерејска литургија со српскиот патријарх Герман, на 19 јули 1959 година во црквата на „Свети Мина“ во Скопје, и е извршена и хиротонија на преспанско-битолскиот владика Климент. Со тоа, Светиот архиерејски синод на СПЦ ѝ дал самостојност на Македонската православна прква, со тоа што таа и понатаму останува во канонско единство со СПЦ преку нејзиниот Патријарх. По неколку дена во црквата „Свети Никола“ во Штип е хиротонисан за владика на Злетовско-струмичката епархија г. Наум. Конституиран е Синодот на МПЦ според Уставот на Македонската православна црква како и другите административни органи и тела во Архиепископијата и во епархиите. г. г. Доситеј Во мај 1962 година во придружба на патријархот Герман, со неколку епископи на СПЦ, во посета на МПЦ дошол Патријархот московски Алексиј, придружуван од митрополитот Никодим, епископот Пимен и повеќе високодостоинственици на Руската православна црква. На празникот на свети Кирил и Методиј во црквата „Пресвета Богородица“ - Каменско во Охрид беше одржана и архиерејска литургија, на која што служел патријархот московски Алексиј, во сослужение со патријархот српски Герман и Архиепископот охридски и митрополит македонски Доситеј. Ова било прво сослужување на поглаварот на МПЦ со поглавари на други автокефални Цркви. Во 1966 година односите со СПЦ повторно се влошуваат. По новонастанатите недоразбирања и судири, Светиот синод на МПЦ на 17 јули 1967 година во Охрид го свикува Третиот црковно-народен собор, и на свечената седница во охридската црква на „Свети Климент Охридски“ ја прогласува Македонската православна црква за АВТОКЕФАЛНА. Чинот на прогласувањето на автокефалноста на Македонската православна црква е извршен на Светата архиерејска литургија, отслужена во црквата „Свети Климент Охридски“ на 19 јули 1967 година, од страна на Светиот архиерејски синод на МПЦ. Точно 200 години по нејзиното укинувањето од страна на турскиот султан. Првиот поглавар на Македонската православна црква г. г. Доситеј, чие световно име е Димитрија Стојковски. целиот свој живот го посвети на службата на Црквата. Тој будно го следеше решението на македонското црковно прашање и вложуваше максимални усилби за негово разрешување преку обновата на Охридската архиепископија и создавањето на Македонската православна црква. Под негово раководство е свикан Третиот црковно - народен собир, одржан на 18 јули 1967 година, на кој Македонската православна црква (МПЦ) е прогласена за афтокефална. Инаку, треба да се нагласи дека диецезата на Македонската православна црква не се протега само на подрачјето на Македонската држава, туку и во црковните општини надвор од границите на Република Македонија. Според точката 17 од образложението на Одлуката за автокефалност, Македонската православна црква како административен дел од едната, света, соборна и апостолска црква, ќе ги чува Светото писмо, Светото предание, апостолските Правила и прописите на вселенските и помесните собори и ќе се раководи согласно со нив и со Уставот на Македонската православна црква. Нејзината девиза е, молејќи се смирено за другите, Македонската православна црква секогаш ќе се потпира на молитвите, благословот и врз помошта на постарите свети сестрински и помесни православни Цркви, се вели во историјата на Македонцката православна црква. На 12 ноември 2009 година, Македонската православна црква во своето име ја додала додавката „Охридска архиепископија“, како директна наследничка на старата Охридска архиепископија. Покрај додавката, МПЦ-ОА извршила и промена во грбот и знамето, односно наместо приказот на црквата Св. Богородица – Перивлепта, била ставена црквата Св. Софија во Охрид, како седиште на архиепископите на Охридската архиепископија. Се чини дека понеделникот 09 мај 2022 година ќе биде запишан на значајно место во историјата на Македонската православна црква (МПЦ), односно во историјата на Охридската Архиепископија. На тој ден со одлуката на заседанието на Светиот синод на Вселенската патријаршија, возглавен од Неговата сесветост, патријархот вселенски г. г. Вартоломеј, се отстранува повеќедецениската шизма наложена врз нашата древна Охридска Архиепископија, возобновена во лицето на МПЦ. Тоа значи дека Вселенската патријаршија ја признава црковната јерархија предводена од архиепископот Стефан за канонска и валидна во сеправославниот свет и воспоставува канонско и литургиско општење со неа.
г.г Стефан Во официјалното соопштение од Канцеларијата на Светиот синод на Вселенската патријаршија меѓу другото се вели: „Светиот и Свештен Синод, кој заседаваше денес, понеделник, 9 мај 2022 година, под претседателство на Неговата Божествена Сесветост, Вселенскиот Патријарх г. г. Вартоломеј, исцрпно дискутираше за црковниот проблем во Скопје и, оценувајќи го во конечна фаза апелациското прибегнување (еклитон) на тамошната Црква до Мајката Црква, како и повторените повици од државата на Македонија, го одлучи следново: Ја прима во евхаристиско општење јерархијата, клирот и народот на оваа Црква под Архиепископот г. Стефан, лекувајќи ја раната на расколот и излевајќи „вино и елеј“ врз раната на нашите тамошни, православни браќа. Кон ова се издава и соодветен Патријаршиски и Синодален Акт. Се остава на најсветата Црква на Србија да ги уреди управните прашања што ги има помеѓу неа и Црквата во Македонија, секако во рамките на светоканонскиот чин и црковното предание.
По повеќедеценискиот спор на нашата Црква (Македонската православна црква-ОА) со СПЦ и меѓународната изолација и непризнавање на нашата црква од православниот свет, во април 2018 година нашиот Синод (Светиот синод на МПЦ-ОА) едногласно испрати молба за апелација до Вселенската Патријаршија, која единствена на сеправославно ниво има историски и канонски права и привилегии да прифаќа апелација и да доделува автокефалност. Молбата од Синодот на Охридската Архиепископија веднаш беше земена предвид и според јавното соопштение од мај истата година Вселенската Патријаршија, Мајка Црква на сите православни „одлучи да се заземе за ова (т.е. за решавање на канонското прашање на нашата Црква) и да ги преземе потребните чекори, според неприкосновените права на историските и канонски надлежности и привилегии на првопрестолната Вселенска Патријаршија“. Оттогаш и државниот врв на Р Македонија упати неколку писма и молби до Вселенскиот Патријарх Вартоломеј за уважување на молбата за апелација. На 09 мај 2022 година, откако уште еднаш биле разгледани сите црковно-правни елементи, Патријархот Вартоломеј и неговиот Синод ја уважија молбата на нашата Црква и ја донесоа конечната одлука. Оваа одлука не значи томос за автокефалност со кој официјално се регулира меѓународното име и статус на нашата црква, туку е израз на татковска љубов и грижа од страна на Вселенската Патријаршија и претставува објава дека повеќе не сме во шизма и раскол со севкупната православната Црква и нашите свештенослужители можат да сослужуваат со свештенослужители од другите помесни православни цркви. За утврдување на конечниот статус ќе следуваат дополнителни преговори. Ваквиот чекор на Патријархот Вартоломеј и на Вселенската Патријаршија претставува историски настан, бидејќи конечно се исправа долгата неправда нанесена врз нашата Црква. Признавањето на каноничноста од страна на Мајката Црква, првопрестолната Вселенската Патријаршија ѝ стави крај на изолацијата на возобновената Охридска Архиепископија. Треба да се осбележи дека Светиот архијерејски синод на Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ – ОА). најави продолжување на преговорите со Српската православна црква (СПЦ) за уредување на конечниот статус и изрази благодарност до Вселенскиот партијарх Вартоломеј за одлуката од 09 мај 2022 година Синодот на својата вонредна седница на 10 мај 2022 година посвети посебно внимание на актуелните настани што се однесуваат на воспоставувањето на евхаристиската заедница на ерархијата, клирот и народот на МПЦ – ОА со Православните помесни цркви како и за конечниот автокефален статус на нашата (македонската) Света Црква. -САС на МПЦ – ОА изразува најсрдечна благодарност на Неговата сесветост Вселенскиот патријарх г. г. Вартоломеј за Патријаршискиот и Синодален акт за канонско и евхаристиско единство на нашата ерархија, при што, прифаќањето е со еклисиолошкото име со што се обезбедува вековниот црковен континуитет, се наведува во соопштението од седницата. Синодот ја известува јавноста дека продолжуваат разговорите со Српската православна црква до уредувањето на конечниот статус на нашата Црква, како и по препорака на Цариградската патријаршија, која во рамките на светоканонскиот чин и црковно предание треба да се уредат управните прашања помеѓу двете Цркви. Синодот на оваа седница одлучи да се канонизираат двајца македонски преродбеници олицетворени во личностите на Јоаким Крчоски и Кирил Пејчиновиќ – Лешочки. Пишува: СЛАВЕ КАТИН |