|
||||
ЖИВОТ ПОСВЕТЕН НА ГАЈДАТА |
Ѓорѓи Стојчевски повеќе од 50 години од животот го има посветено на македонската фолклорна музика. Музиката му е во неговите гени. Неговите дедовци и прадедовци свиреле на гајда, неговиот татко на тапан, а неговиот вујко на кларинет. Уште од најмлади години ја засакал музиката и гитарата му била првиот „музички другар“ пред да се врати на корените и ја одгледува изворната музика. Покрај на гајда Ѓорѓи свири на зурла, кавал, тамбура и тапан. Во 2011 година Ѓорѓи независно го издаде својот прв ЦД и ДВД кое поседува девет македонски ора на гајда (со негов посебен аранжман). Понесен од своето Мариово тој го компонира орото на гајда „Горна чешма“ и сега надалеку познатото „Тепавско оро„ кое се игра за рамо. Ѓорѓи инаку потекнува од село Тепавци, Битолско Мариово. Во Австралија се досели на 14-годишна возраст во 1973 година. Подоцна формира семејство со Вера од Мешеишта, Охридско, има син и ќерка и три внуци, но своето Тепавци и мислите од детството поминати во него секогаш ги носи во својата душа. Иако во селото сега живеат само неколку семејства тој со своите Тепавци од Сиднеј за последните 15 години организира традиционална Тепавска донаторска вечер. Дарежливоста на Тепавци помогна да се реновира манастирот Св Аранѓел и црквата Св Богородица, да се асфалтира патот до селото со цел да се вратат Тепавци и го заживеат селото кое обилува со природна убавина. Како што кажува Ѓорѓи, „гајдата знае да натажи, очи да навлажни и развесели, а и да ги размрда во игра уморните и старите нозе“. Таа љубов кон македонската изворна песна и со желба истата да не изумре, ја пренесе на помладата генерација. Како прво успешно тоа го направи врз својот син кој беше познат гитарист и џезист и имаше своја музичка група, на својата ќерка која заврши музичка академија отсек пијано па и на своите три внуци кои се покажаа да имаат посебна музичка дарба. Но исто така се покажа како добар учител со особена стрпливост и неговата ангажираност во Ансамблот „Илинден“ при црквата Св Петка во Сиднеј каде Ѓорѓи има водечка улога. Тој учи млади деца да свират на најстарите традиционални македонски инструменти: гајдата, кавалот, тапанот, мандолината и зурлата. Ансамблот, единствен од овој вид во Австралија, се формира пред самата прослава на 50 годишнината на КУД „Илинден“ во 2016 година. Во минатото Ѓорѓи имал свој бенд под име „Црна река“ но последните години има редовни ангажмани со Ансамблот „Илинден“. Тој скоро секоја недела ги посетува македонските пензионерски асоцијации во Сиднеј, Волонгонг, Њукастел и редовно учествува на разновидни средби, концерти, мултикултурни фестивали, театарски престави и културни промоции каде со гајдата, кавалот и тапанот ја промовира македонската традиција, култура и нација. Душан Ристевски-Македон |