|
||||
РЕЦЕНЗИЈА НА Д-Р ВАСИЛ ТУПУРКОВСКИ ЗА ЕСМА РЕЏЕПОВА-ТЕОДОСИЕВСКА (12) |
Жената со божествениот глас, почнувајќи од нејзиното прво музичко откривање на 11 март 1957 година, благодарение на ангелскиот глас во период од 55 години, станала светски прифатена и призната. Со песната, темпераментот и ромскиот музички ритам таа го освоила светот. Есма со својата оригиналност и музичка виртуозност станала лесно препознатлив македонски бренд во светот. Пеејќи во фустан од македонското знаме, таа покажала колку ја љуби својата земја и ја носи традицијата на македонскиот и ромскиот народ, кој како трепет е прелеан низ звуците што се шират. Кога била на сцената и на турнеите, Есма не била само извонреден глас, таа била вљубеник во својата земја за која говорела на сите средби со новинарите, амбасадорите, политичарите, претседателите, градоначалниците и со публиката. Често пати на многубројните гостувања, била ангажирана да одржи предавања за нејзиното музичко творештво, на кои таа секогаш користела можност да ја претстави својата Македонија и нејзините убавини, па, така, не е преамбициозно ако се каже дека Македонија во светот е препознатлива и по Есма Реџепова, за што говорат многубројните награди, пофалници, титули, признанија и благодарници од целиот свет. Затоа, со право се вели дека Есма Реџепова–Теодосиевска била амбасадор на нашата култура и промотор на Република Македонија. Во рецензијата за монографијата за Есма Реџепова, нејзиниот пријател Васил Тупурковски ќе го напише следното: „Навистина ми причинува големо задоволство и чест што сум рецензент на многу значајната монографија „Есма“ од Славе Николовски-Катин, автор кој ѝ е познат на македонската и меѓународната културна и научна јавност по бројните публикации, новинарски и научни трудови. Мојата рецензија, всушност, е прилог кон ова дело посветено на доблесниот естраден уметник, истакнат хуманист и докажан донатор Есма Реџепова-Теодосиевска, која, во исто време е мој голем пријател и соработник. Есма е име, кое е познато, признато, уважено и респектирано на многу полиња и децениски потврдено во музичкиот свет во Република Македонија и во светот. Mонографијата „Есма“ претставува еден вид огледало за Кралицата на ромската музика, или како често ја нарекуваат, амбасадор на македонската и ромската музика, културата, традициите и вистината за Македонија и ромскиот и македонскиот народ. Оваа значајна и по многу нешта единствена тријазична монографија од овој вид (на македонски, на англиски и на ромски јазик, а има текстови и на српски јазик) претставува осврт за ликот и делото на Есма Реџепова-Теодосиевска. Монографијата претставува сублимат за уметничкиот труд на благородната Ромка, сместен во еден биографско-публицистички времеплов кој е своевидна сага за нејзиното опстојување. Монографијата со сета скромност е лика и прилика за животот и делото на Есма и нејзиниот сопруг Стево Теодосиевски што ќе остане вечно да се сеќаваат генерациите. Есма Реџепова со своето животно дружење со песната постојано се залага за афирмација на ромската и македонската култура во Република Македонија, на Балканот и во целиот свет. Таквата угледна музичка ѕвезда, легенда и патриот – вљубеник во својата татковина, секогаш ја води светата мисла да ја претстави песната и да остави вечни траги за идните генерации. Авторот Славе Николовски-Катин оваа монографија ја посветил на Есма Реџепова-Теодосиевска, големиот естраден уметник, хуманист и чувар на ромската и македонската песна. Делото го расветлува нејзиниот живот и богатото уметничко дело, како и делото и животот на нејзиниот животен сопатник - сопругот Стево, како и на сите нивни генерации. Во делото се презентирани голем број текстови за бурната историја на Есма и Ансамблот „Теодосиевски“, како и документи, фотографии и други материјали со кои авторот се потрудил монографијата да претставува приказ на уметничкиот живот и дело и историја на Есма и нејзините идни генерации. Ова монографско дело е значаен придонес во продлабочувањето и проширувањето на сознанијата за Есма Реџепова-Теодосиевска, нејзиниот сопруг Стево, за семејните корени во Скопје и Кочани, за Република Македонија, за минатото, сегашноста и иднината како веродостоен документ за големата по дела - Есма Реџепова-Теодосиевска. Во неа Славе Николовски-Катин успешно ја преточил живописната сторија за Есма Реџепова-Теодосиевска во публикација која претставува веродостоен документ, верен одраз и израз на еден живот и на едно дело достојни за почит. Во исто време ова дело претставува патоказ на другите македонски естрадни уметници и афирмација на ромскиот и македонскиот народ и на Република Македонија. Слободно може да се истакне дека во личноста на Есма Реџепова-Теодосиевска има врвен афирматор на ромската и македонската песна, вистина, дух, полет. Таа е голем пријател, голем човек, кој за своите постигнувања има добиено најзаслужено врвни признанија и награди, меѓу кои, таа е национален уметник на Република Македонија. Затоа со големо задоволство на читателите им го препорачувам ова монографско дело за Есма Реџепова–Теодосиевска, а на мојот пријател Славе Николовски-Катин му посакувам многу успех во понатамошната работа и животот“, напиша Васил Тупурковски. Инаку, во порталите „Македонска нација“ и „Македонско сонце“ од Скопје, од монографијата „Есма“ биле печатени 59 продолженија од ова дело, што значеше запознавање со Есма, Кралицата на ромската музика. Продолжува ДУШАН РИСТЕВСКИ – МАКЕДОН |