|
||||
МОНОГРАФИЈАТА ЗА СЕМЕЈСТВОТО „ВИДИНОВСКИ“ - ИНТЕРЕСЕН ИСЕЛЕНИЧКИ ЛЕТОПИС (15) |
Во издание на Книгоиздателството „Македонска искра“ од Скопје излегло од печат луксузното монографско дело „Семејството Видиновски“ на публицистот Славе Катин. Во делото на 440 страници на македонски и на англиски јазик се дадени текстови кои се значаен прилог и придонес кон осветлување на голем број аспекти од историската и творечката вистина за иселениците Борче (Борис) и Рада Видиновски од Торонто, Канада. Рецензенти на делото се проф. д-р Вера Стојчевска–Антиќ и Нада Николовска. Монографијата „Семејството Видиновски“ е слика за животот и делото на познатата поетеса Рада Видиновска и нејзиниот сопруг, бизнисменот Борче Видиновски, како и за нивното семејство во Канада и Македонија. Во исто време делото претставува интересна страница од мозаикот на македонскиот иселенички летопис во Торонто, Канада, но и во пошироките простори на северноамериканскиот континент. Во монографијата „Семејството Видиновски“ авторот Славе Катин пишува дека Рада и Борче Видиновски се почитувани и горди Македонци. Тие се познати доблесни имиња, активисти и поети, кои со својот ангажман, со нивната активност во Македонската заедница во Торонто, оставиле достоинствени пораки за времињата идни и за генерациите следни. Тие пленат со нивното родољубие и силна посветеност за афирмација на македонското име, јазик, идентитет, култура и традиции во мултикултурна Канада. Животната приказна на семејството Видиновски, истовремено е и скромен дел од историјата на неговото Крстоар, Битолско, на Македонците во иселеништвото, а преку него и на нивната татковина – Македонија. Зашто она што се случувало од исконските времиња на Филип II и Александар III – Македонски, преку незаборавните битки на цар Самуил, до оние на Гоце Делчев, Даме Груев и сите борци по нив, ги отсликуваат историските голготи низ кои минала Македонија, сѐ до нејзиното прогласување за самостојна, демократска и независна држава. Затоа, може да се рече дека со моно-графскиот труд на Славе Катин за доблесното семејство Видиновски во скромни рамки се проектира најновата фаза на македонската иселеничка историја. Семејството Видиновски од селото Крстоар ја напуштило својата родна земја – Македонија од економски причини, а спомените, мислата, љубовта, тагата и патриотскиот дух кон татковината и својот народ не го напуштиле. Проникнувањето на овие хоризонтали во животот на Борис (Борче) и Рада Видиновски, како и сите Македонци ширум дијаспората, ја откриваат сликата за библиската природа на земјата на нивното потекло сместена на балканските простори. Семејството Видиновски е дел од многуте печалбари од потпелистерските краишта, за кои судбината била сурова и оставила вековни последици и лузни врз животот на иселе-ниците. Во таа печалбарска сага, секако свое посебно место има нивното родно село Крстоар кое е тесно поврзано со историскиот и општествениот развој на Македонија и македонскиот народ и со иселеништвото во целина. Борче и Рада се личности за почит и пример од кои можат и треба да учат и други Македонци во двете татковини, Канада и Македонија. Делото што го направиле Борче Видиновски и неговиот животен сопатник Рада Крстевска- Видиновска, претставува убав пример и патоказ на еден честит и благороден канадски брачен пар. Кога се пишува за Рада Видиновска може да се каже дека за неа поезијата, всушност, е нејзин живот. Во нејзината поезија се испреплетени нејзините две татковини, Македонија и Канада. Затоа, поетските дела што таа ги напишала претставуваат убав пример и патоказ на една честита и трудољубива канадска Македонка, на која татковините ѝ се и радост и тага и восхит. Во Канада, Рада Видиновска станала македонски иселенички писател, поет, есеист, раскажувач и автор на 14 стихозбирки. Во Торонто Рада Видиновски активно се вклучила во македонските иселенички организации и црковни општини. Била член на управата на МПЦ „Свети Климент Охридски“, член на културниот комитет, како и претседател на женската секција при црквата „Свети Климент Охридски“, претседател на женската секција при организацијата „Обединети Македонци“ и претседател на Друштвото на писатели „Браќа Миладиновци“, во Торонто. Повеќе години била учесник на Меѓународната манифестација „Струшки вечери на поезијата“ по покана на Управниот одбор на СВП и застапена е во изборот „Кој е Кој“ на светските поети. Рада и Борче Видиновски сe дел од многуте печалбари од подпелистерските краишта, за кои судбината била сурова и оставила вековни последици и лузни врз животот на иселениците. Монографијата за семејството Видиновски е поделена на неколку дела. Во нив се претставени нивните две татковини – родната Македонија и земјата на нивниот животен пристан - Канада. Во Канада се пет децении, но се чести гости и во Крстоар и во Охрид, каде имаат куќа и стан за одмор и рекреација. Претставени се нивните родни места селата Крстоар и Живојно, за кои се објавени сите релевантни податоци во текот на нивното постоење. Исто така, претставени се значајните личности, со посебна нагласка на црковно-духовните центри од двете села. Благодарение на порталите „Македонска нација“ и „Макeдонско сонце“ од Скопје, од монографијата „Семејството Видиновски“ биле печатени 53 продолженија од монографијата на семејството Видиновски од Торонто.. Продолжува ДУШАН РИСТЕВСКИ – МАКЕДОН |