|
||||
СИЛЈАН МИЦЕВСКИ КАКО СУДИЈА НА РАКОМЕТНИТЕ НАТПРЕВАРИ (16) |
ДЕЛ ОД МОНОГРАФИЈАТА „СИЛЈАН МИЦЕВСКИ“ ОД АВТОРИТЕ СЛАВЕ НИКОЛОВСКИ - КАТИН И ЃОРЃИ ЛУМБУРОВСКИ Силјан Мицевски-Циле бил делител на правдата во сите лиги, од градските до републичките, сојузните и, секако, на меѓународни натпревари. Така, кога на предизвик му се парирало со предизвик, тогаш самосвојно се компонирале желбите и предизвиците. Според неговите зборови, тој судел и бил многу правичен за да го избегне ,,репертоарот” на публиката кога делителот на правдата е пристрасен и навивачки настроен. Меѓутоа, многу настани се случиле во тие ракометни години на клубските успеси и падови. По некое време, на пример, кога ракометните лиги биле поделени на зони, ,,Пелистер”, поради низа причини и состојби, испаднал од втората лига. Испаднал, ама никако не мирувал. За да застане на здрави нозе и да продолжи во новоосвојувачките лигашки походи и позиции, го замолиле Силјан Мицевски да се врати во Клубот. Тој имал доста резерви од познати причини, но од срце сакал да помогне. Затоа, решил и отишол во контролори и тоа во сојузната елита. Така, почнал да биде на столчињата кога се одвивале натпреварите во најмоќното натпреварување на Првата југословенска ракометна лига. Како резултат на неговото добро работење на еден турнир во Љубљана бил прогласен за најдобар судија, на некои други добил многу комплименти во медиумите, за што добил корпус признаници, дипломи и пехари. И покрај неговата скромност и одбегнувањето да зборува за да не биде сфатен како фалбаџиство, факт е дека делата зборуваат за неговата втора љубов - ракометот. Дури 12 години, речиси, бил незаменливо име, авторитет кому зборот му тежел, а гласот бил пресуден во ракометниот сојуз на Југославија. Затоа, со право може да се каже дека недвосмислено во ракометната пирамида имал неизбришливо место и тоа е дел од хронописот на овој спорт, но тоа е и дел од неговиот живот. Не напразно се велело дека Силјан Мицевски е ,,ракометен пациент”. Или бил на работа, или бил на ракомет. Се борел лавовски и помагал максимално за својата градска гордост ,,Пелистер”. Кога отпаднале своевремено од Првата лига, ,,Партизан” од Бјеловар и ,,Пелистер” од Битола, тогаш Мицевски досетливо и борбено до ,,последната капка пот”, упорно го наметнал ставот дека мора да се одигра мајсторка, па кој ќе победи тој ќе остане во друштвото на најдобрите. Каква била таа трескавична борба, стратегија и вложен максимум! Какви сî не егзибиции биле направени, какви се’ не контакти и лобирања направенил тогаш Циле Мицевски. Мислата и целта биле едно - ,,Пелистер” мора да успее во мајсторката со ,,Партизан” без оглед на се’. Цел роман може да се напише само за таа година кога биле подготовките, кога се кроеле стратегиите како да се успее. И сопругата на Силјан - Виолета како анегдота раскужва дел од тогашните настани, исчекувања и комични сцени. Како на пример кога заедно отишле на море. Отишле таму, а Циле и’ рекол да си најде другарка за друштво, бидејќи ќе мора тој по цел ден да го нема, оти куп обврски му стоеле над главата. Ќе мора рано цела недела да биде на турнирот ,,Трофеј на Југославија” што се одржувал во Тиват. Наутро излегувал, навечер се прибирал. Сепак, се исплатил сиот труд, вредело тоа деноноќно трчање. Конечно дошла мајсторката. Таа се играла во Белград. На ракометниот ринг биле „Пелистер” од Битола и ,,Партизан” од Вјеловар. Цел навивачки караван од Македонија дошол во салата, а атмосферата била пеколна. Целиот напревар бил ,,инфарктен”. Се играло со многу егзибиции и се водела беспоштедна борба, за секоја топка и за секоја минута.
Ракометниот стадион во Битола Квалитетната борбеност, подготвеност и навивачкиот делириум го сториле своето. Пелистерци славеле. Битолчани ги победиле бјеловарчани. Разликата била четири гола и белградската публика со овации го поздравила триумфот на „Пелистер”, кого цело време силно го бодрела. Значи, се’ завршило најдобро. Славјето било големо. ,,Пелистер” останал во сојузното елитно натпреварување. Но, за да се има силен тим кој ќе биде не само респектиран противник, туку и страв и трепет ширум сите бивши ју-простори, морало да се екипира тимот со добри играчи. Оваа идеја и потреба Мицевски ја разменил со Ѓоре Михајловски. Разбран човек, заслужен активист, добар патриот, силен битолчанец. И Ѓоре бил да се изнајде начин да се зајакене клубот и Битола да биде фактор во ракометната елита. Публиката не смеела да се остави без трофеј, без трофеен тим, без успеси и славје. Така, кога со Михајловски ја усогласиле стратегијата и Циле добил целосна и морална и материјална поддршка, тогаш тргнал во реализирање на концепцијата. Професионалицте Маринковски и Станковски од Скопје како најдобри ракометари биле по мерка на вкусот и критериумите на Силјан и тренерите. Но, веднаш се судриле со Боге Сотировски. Кавгата била жестока, а исходот од состанокот неизвесен. Мицевски не попуштал. Бранел здрава концепција и затоа решил да оди до крај, без пардон, не знаејќи дека игри се играат зад грб и дека ќе бидат тешки битиките. Меѓутоа, уверен бил дека мора да се добие битката зашто аргументите биле несоборливи, спортот бил во прашање, а не задкулисни сценарија на моќни профитерски кланови. Кога седел во Скопје во ресторанот ,,Кај Јоле”, во Клубот на писателите и порачал менí, му дошол на масата познатиот спротски новинар од Радио ,,Скопје”, Гоце Сипковски. Му открил на Цилета дека спротивната тајфа се спрема да го ,,рибаат”, при што му кажал и за некои работи со непријатни сценарија, недолични за личностите кои биле уфрлени во игра. И само што почнал состанокот, Боге се нафрлил со сите орудија, поддржан од дружината околу него. Значи, било јасно дека тоа било подготвено за да биде диектно нападнат Силјан Мицевски. Точно секој имал задача што ќе каже во оваа трагикомедија за да си ја одигра улогата. Тоа била вербална војна со различни ,,орудија”. Продолжува Пишува: СЛАВЕ КАТИН |