|
||||
ДЕЛОТО РАСКАЗИ „ЈАНА“ НА ЃОРЃИ ЛАЗАРЕВСКИ – СВЕДОШТВО ЗА МАКЕДОНСКАТА ВИСТИНА |
Делото раскази „Јана“ на познатиот публицист, раскажувач, писател, голем вљубеник во својата родна Пелагонија, во етничка Македонија и македонскиот народ, Ѓорѓи Лазаревски, „Учителот“, кој 8 години работеше како просветител за дополнителна настава по македонски јазик во Синделфингерн – Германија. Таму тој ги просветуваше и им всадуваше љубов кон македонскиот јазик, кон Македонија на младите македонски генерации и претставуваше мост меѓу двете татковини –Германија и Македонија за сите Македонци. Издавач на делото се „Пелагонски културно-научни средби – Новаци“ и е отпечатена на 230 страници во 2022 година. Расказите на Ѓорѓи Лазаревски се сведоштво за неговиот живот и неговиот став кон животот кој е позитивен, ведар и инспиративен. Тој има реалистичен стил на пишување и мислата до народните кажувања им дава на расказите искрен, пријатен и смирувачки тон полн со топлина кон раскажувањето и кон читателите. Притоа, авторот со својот стил на пишување е близок до народното раскажување и до основните доблести што ги поседуваат македонските учители и секој Македонец во образованието, а тоа е несебично себедавање на учениците и потврда на своето почитувано занимање - учител. Публикацијата „Јана“ е една од неговите дела кои сведочат за тоа колкава е неговата поврзаност со родната татковина Македонија, со неговата Пелагонија, од која живее инспиративно, црпејќи различни теми во своето творештво. Резултатот од тоа е што писателот Ѓорѓи Лазаревски.има објавено 18 дела со различна тематика, а особено со објавувањето на ова дело, тој се вброи во најпродуктивните автори со објавени книги со проза од Битолскиот крај, од Пелагонија. Делото „Јана“ содржи два дела: Првиот е насловен како „Војната, мамо војната“, а вториот дел „Низ трње до ѕвездите“. Првиот дел „Војната, мамо војната“, ги содрши расказите:„Јана“, „Покрстување“, „Бегалски судбини“ и „Војната, мамо војната“. Вториот дел „Низ трње до ѕвездите“, пак, ги содржи расказите „Ковид прозорец“, „Цвеќе неоросено, непомирисано“, „Верен слуга на својот господар“, „Мурте“, „Азилант“, „Геле и Цале“, „Рамона“, „Младинска работна акција“ и „Седенки“. Публицистичкиот опус на Ѓорѓи Лазаревски е богат и разновиден. Меѓу бројните дела ќе ги споменеме делата: „Зведени патеки“ (Auf dem Pfad der Sterne) (1993), зборник на песни од учителите во Германија; „Монографија 50 години на ОУ „Гоце Делчев“- Битола (1994); Монографија 55 години на ОУ „Стив Наумов“ – Битола (1999); Монографија за Македонската православна црковна општина „Св. Кирил и Методиј“ – Штутгарт (2003); Монографија Кравари (2006); Дедо Кољо Добровенски, мариовско-лерински војвода (2012); романот Коста Моштенецеот (2015), „Плачот на кларинетот“ (2021) и други. За својата педагошка улога во образованието на Република Македонија, Ѓорѓи Лазаревски го добил звањето „Истакнат педагошки работник“ од Републичкиот педагошки совет во 1986 година, наградата „Кирил и Методиј“ од СИЗ за образование, Битола (1990), „Повелба за животно дело“ од „Пелагониските културно-научни средби“, Новаци во 2013 година и наградата „4-ти Ноември“, Општина Битола (2019). Расказите на Ѓорѓи Лазаревски содржат згоди и симпатични незгоди од младоста на раскажувачот кога учителствувал и забележани случки во неговиот ран, чист и искрен учителски период на лудите млади и возрасни години. Исто така, тие содржат многубројни запаметени, раскажани и нераскажани настани што се случиле и авторот ги запишал во неговиот бележник. Приказните од полето, кои се длабоко почувствувани од авторот носат со себе ширина на бескрајното мирис на косеното сено и штотуку ожнеаното жито во топлиот летен период, во неговиот Пелагониски крај Затоа и во Воведот на делото „Јана“ се вели дека откако ќе поминете низ селото Гермијан и го префрлите ридот на источната страна, патот се спушта кон селото Бач. Од десна страна на патот е Рудината, а лево Шупурот. Потоа пред вас се отвора убаво рамно поле кое се простира од двете страни на патот што води кон селото Скочивир и планинскиот врв Кајмакчалан. Тоа е рамнината викана Горно Јамиште, десно од патот и Долно Јамиште, лево од патот. Низ рамнината Јамиште порано врвеше железничката пруга од село Кременица до село Живојно по која се пренесуваше јагленот од рудникот во село Живојно и се носеше во Битола за Термоцентралата која произведуваше струја и го снабдуваше градот со електрична енергија. Во Бач се наоѓа и прекрасниот Кралски дворец кој бил изграден по завршувањето на Првата светска војна. Тој објект си имаше своја убавина и функционалност според намената за која бил граден. Многу години во тие простории учеа учениците пред изградбата на новото училиште. Денес, тој е целосно разурнат, а останале само разурнати голи ѕидови. Инаку, Ѓорѓи Лазаревски или „Учителот“, како често го нарекуваат своите блиски пријатели, е роден во 1939 година во селото Бач, Битолско, а има завршено Филозофски факултет, отсек Педагогија, на Универзитетот “Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Почитуваниот Ѓорѓи Лазаревски целиот свој работен век го мина во подигање македонски генерации, особено во битолскиот крај, почнувајќи од училиштето „Мирче Ацев“во својот роден крај, селото Бач, каде бил и учител и директор, до воспитувач во ОУ „Коле Канински“ и педагог во ОУ „Гоце Делчев“ во Битола. Во период од осум години (1987-1995) Ѓорѓи Лазаревски беше наставник по македонски јазик и култура во Синделфингерн, Сојузна Република Германија, испратен од Минитерството за образование на Република Македонија, каде го постигна својот врв како педагог, патриот и почитувач на македонските иселеници, на македонскиот јазик и на етничка Македонија. Од 1995 до 2002 година учителот Лазаревски беше вработен во ОУ „Стив Наумов“ во Битола, од каде замина во пензија. Ѓорѓи Лазаревски е еден од основачите и претседател на „Пелагонските културно-научни средби – Новаци“, .манифестација која е формирана во 2000 година во Општината Новаци. Носители на активноста на оваа манифестација се познати писатели и научни творци кои со својот личен труд дале и даваат особен придонес за опстој на истите. Овие средби се од големо значење за Општината Новаци, за Битолскиот крај и во целост за зачувување на културно-научното наследство во Македонија. Се одржуваат секоја година, вообичаено во првата половина на месец октомври. Во овие 21 година опстојување на „Пелагониските културно-научни средби“, меѓу другите, треба да се нагласи безпрекорнара посветеност на претседателите: д-р Цане Здравковски, Благоја Таневски, Ѓорѓи Лазаревски и актуелниот претседател д-р Весна Калпаковска Во публикацијата „Јана“ може да се види дека од секогаш во животот Пелагонија на учителот Ѓорѓи Лазаревски му била и копнеж и носталгија и желба па се’ до инспирација. Затоа делото раскази „Јана“ го препорачуваме на сите читатели и вљубеници во пишаниот збор од сите генерации, бидејќи ова дело е сведоштво за македонската вистина..
|