|
||||
ПРОМОЦИЈА НА МОНОГРАФИЈАТА „ОВА Е МОЈОТ ЖИВОТ“ НА ИВАН ТРПОСКИ |
На 25 август, 2022 година во НУ Библиотека „Григор Прличев“ во Охрид пред бројни почитувачи на пишаниот збор, колеги и пријатели на поетот и писател Иван Трпоски кој живее во Сиднеј, Австралија, беше промовирана неговата автобиографска книга „Ова е мојот живот“. Издавач на монографијата е Македонското литературно друштво „Григор Прличев“ од Сиднеј, а е издадена по повод 80-от роденден на Трпоски. За времето на Иван Трпоски и неговата животна сага и голгота зборуваше проф. д-р Димитар Пандев. Монографијата „Ова е мојот живот“ на познатиот и признат македонски иселеник Иван Трпоски од Сиднеј, Австралија е публикација на 520 страници на македонски и на англиски јазик,чиј рецензенти се : Д-р Науме Радичевски и д-р Димитар Пандев. Во делото се дадени текстови кои се значаен прилот и придонес кон осветлување на голем број аспекти од животната, историската, иселеничката и творечката вистина за поетот, писателот, библиотекарот, општественикот и ентузијастот Иван Трпоски. Во исто време делото претставува интересна страница од мозаикот на македонскиот иселенички летопис во Сиднеј, Австралија, но и во пошироките простори на петтиот континент. Иван Трпоски е почитуван и горд Македонец. Тој е познато, доблесно име, активист кои со својот ангажман, со неговата активност во Македонската заедница во Сиднеј, остава достоинствени пораки за времињата идни и за генерациите следни. Тој пленат со неговото родољубие и силната посветеност за афирмација на македонското име, јазик, идентитет, култура и традиции во мултикултурна Австралија. Делото „Ова е мојот живот“ на Иван Трпоски беше промовирано во НУ Библиотека „Григор Прличев“ во Охрид пред бројни почитувачи на пишаниот збор, колеги и пријатели на поетот и писател Трпоски. На промоцијатарецензентот проф. д-р Димитар Пандев, меќу другото истакна: „Автобиографии пишуваат личности со богато животно искуство, исто како што биографии се пишуваат за големи луѓе кои со своите дела и подвизи го означиле времето во кое живеат и активно создаваат, или пак времето поставувало бележити знаци по нивниот животен пат исполнет преживелици низ кои не само што се калел човекот туку и се калемел, небаре „вејка на ветрот”, со корен во некоја митска земја и со става на распаќа меѓу една средина и друга. И сето тоа грижливо, поетски и новинарски, телеграмски и епистоларно, во форма на песна, но и на хроника, во состав на стихозбирка, но и на монографија, збиено во телеграма и раздолжено во писмо запишано своевремено или забележано отпосле, еве, сега одново освежено и споено во оваа автобиографија индексно насловена „Ова е мојот живот”, блика со животворечка енергија на писателот што повеќе учел од животот, но и од книгата, отколку од училиштето, па има право да ја наслови својата биографија токму така. Автобиографијата на Иван Трпоски е историска проекција на едно време во кое се преплетуваат најмалку три генерации поврзани во судбоносни настани преисполнети со подеми и па- дови, со војни во кои не се знае кога пријателот и непријателот си ги менуваат местата, и мирни времиња во кои околината си ја менува ќудта според моменталната позиција во власта. А, можел Иван, ќе рече читателот, убаво да се снајде и во таа наша тогашна земја во која стигнал дури и да се сретне со нејзиниот политички врв, кодиран со името на вечниот претседател, па дури и часкум да биде и негов составен дел, дополнет со неизбежната низа наре- чена ‒ партија, па макар и во следните нејзини израстоци ‒ младина, акција, но ете, секогаш се наоѓа по некоја сопка, најчесто од блиска нога на близинска кота. Потем што единственото решение се крие во она народното: „Што подалеку, тоа подобро.“ Монографијата „Ова е мојот живот” на Иван Трпоски може да се сфати и како надоврзан диптихон, двотомна целина, во која автобиографското превладува во првиот дел, а биографското во вториот, условно речено, во оној дел што се однесува на австралискиот период од животот на авторот, но токму во тој дел во една целина се испреплетуваат честите навраќања на авторот во Македонија кој заминал од својата земја како печалбар и емигрант, а се враќа во неа како реномиран писател и политички заинтересирана личност за судбината на својата татковина Република Македонија. Автобиографијата на Иван Трпоски е преисполнета со ликови и личности, со некои од нив тој се сретнал само еднаш и нико- гаш повеќе, но ги застапил во својот животопис, некои, пак, будно ги следел низ секој нивни исчекор во животот, сплотувајќи се со нив во јазикот како „единствена наша целосна татковина“. Зашто, Македонија е секаде каде што се Македонците, по трагите на автобиографските раскажувања на Иван Трпоски. И, на крајот, само да додадам, повеќето од ликовите во оваа книга, зашто секој човек што е внесен во литературата автоматски се актуализира во литературен лик, лично сум ги познавал и сум се среќавал со нив низ разни места и мигови. Уверен сум дека и читателите на оваа книга, сегашните и идните, ако не се најдат себеси во неа, со име и презиме, секако ќе најдат свој познат, некого од своја рода и природа. И сите тие имаат свое заслужено место во автобиографијата на Иван Трпоски, „Ова е мојот живот“, рече д-р Пандев. Присутните го проследија преку видео клип обраќањето на авторот Иван Трпоски, како обраќањата на неговите колеги кои говореа за средбите со него и неговото творештво. Поетесата Лидија Дочовска – Павловска му посвети магистрал на Трпоски а проследени со аплауз беа и обраќањата на поетот Славе Ѓорѓо Димоски, поетот Љупчо Милковски, гостинката од Сиднеј – Австралија писателката Оливера Јовановски и директорот на НУ Библиотека „Григор Прличев“ м-р Милчо Јованоски. Пишува: СЛАВЕ КАТИН |