|
||||
Денеска е Свети Наум Охридски - Чудотворец |
Исцелител и просветител на македонскиот народ(Именден празнуваат: Наум, Наумче, Науме, Наумка...)Ако свети Климент Охридски остана во споменот на народот со својата просветителска дејност, со подучување на народот не само на пишување и читање, туку и на други корисни работи, свети Наум остана запаметен како чудотворец, со моќта да лекува и за време на животот и по смртта, да лекува од најразлични болести и луѓе од разни вероисповести, односно сите што искрено и со верба му се обраќале без разлика на вера и народност. Но свети Наум остана запаметен и по заштитата на манастирот, по наградувањето на оние што со добра мисла доаѓале во кругот на манастирот и казнувањето на оние што иделе со намера да направат некоја штета, да го испоганат објектот или да го навредат светителот. Култот на свети Наум зрачел на поширок простор не само во охридскиот крај, туку и во преспанскиот, па дури до Корча, каде што манастирот имал свои имоти. Но култот кон свети Наум бил раширен и во Унгарија и Романија каде што имало иселеници од овие краишта. За животот и дејноста на Свети Наум Охридски малку се знае, иако со Свети Климент Охридски се најпознатите и најзначајни ученици на Светите браќа Кирил и Методиј. Се знае дека учествувал во Моравската мисија, дека во Рим кон крајот на 867 или почетокот на 868 бил посветен во духовен сан и дека по смртта на Методиј во 885 година преку Бугарија дошол во Македонија. На брегот на Охридското езеро основал манастир што го носи неговото име. Умрел во 910 година и наскоро по смртта бил прогласен за светец. Неговите ученици за него напишале житија и служба. Свети Наум освен по црковната дејност е познат и како македонски средновековен писател и културен деец. Од неговите творби, за кои се претпоставува дека се повеќе, откриено е химнографското дело „Канон за апостолот Андреј“, а се знае за уште други два канона напишани од него: „Канон на Архангел Михаил“, и „Канон за пренесување на моштите на Јован Златоуст“. Во житието на Свети Наум се вели дека тој е брат на Свети Климента. Некои истражувачи сметаат дека тоа се однесува на брат во духовна смисла - собрат, но повеќемина се убедени дека Климент и Наум навистина биле родени браќа. Не само затоа што свети Климент бил епископ, а свети Наум презвитер, а во православието епископ и презвитер никогаш не се нарекувале браќа, туку и поради некои други показатели. Иако податоци за чудотворната моќ на светителот среќаваме и во житијата за него, што без сомнение биле извор и на народните умотворби, сепак култот на св. Наум најповеќе е одразен во преданијата раскажувани на овој простор од најстари времиња, значи уште од времето кога светителот бил жив. Сепак тие се бележени од средината на деветнаесеттиот век па се до денес. Најрано ги среќаваме во зборниците на браќата Миладиновци, и Кузман Шапкарев, а подоцна и кај други собирачи на македонски народни умотворби, патописци, или едноставно кај луѓе што престојувале или пишувале за Охрид и Охридско и посебно за манастирот кој со својата местоположба и со култот на светителот го привлекувал вниманието. Марко Цепенков, во своите записи за еснафските празници направил и список на празниците што ги служеле разните еснафи во Прилеп. Притоа вели дека чоаџо-абаџискиот еснаф го празнувал 20 јуни, Свети Наум Охридски. Во старо време еден месец пред празникот Свети Наум, праќале од манастирот Свети Наум риби летници подарок на чоаџискиот еснаф и на секој мајстор му се подарувале по една како за покана, за да отидат на поклонение на манастирот. Бидејќи во тоа време еснафот бил во расцвет, на поклонение оделе фамилијарно мајсторите со калфите. Ако пак се случело да не одат, му испраќале парична помош на манастирот. „Јас само 2-3 години го достигнав тоа и после лека-полека паричната помош се прекина, пак и манастирот престана да праќа риби подарок за нашиот еснаф.“ За канење со риби за панаѓурот пишува и во Летописот на манастирот Свети Наум пишуван од Димитрија Петру, учител, свештеник и едно време секретар на Манастирот. „Според старата традиција и церемонија двапати годишно за време на панаѓурите, на зимниот и летниот помен на св. Наум, заради благочестие и почит манастирот по обичај испраќа риба во Битола и Корча, а од неодамна и во околните села. Заедно со рибата таму каде што е потребно се испраќа и писмена покана. Оние што од особена побожност пробуваат од рибата ги добиваат истовремено испратените покани кои носат печат со ликот на светителот. Чувствувајќи голема почест, тие од своја страна принесуваат доброволен прилог со податоци за имињата на личностите од кои потекнува. Нивните имиња потоа се споменуваат на светата служба на поменот на светителот. Ако се пресмета колкава е сумата за купувањето на рибата заедно со другите давачки за оваа цел излегува сосема незначителна добивка. Па сепак не треба да се рушат вековните меѓи што ни ги поставиле нашите татковци...“ Цепенков, уште во поглавјето за светците истакнувајќи ги нивните функции вели: „Светците се наредиле на служба“ и покрај другите свети Наума го споменува заедно со свети Андонија и свети Спиридона. „Свети Наум, свети Андонија и свети Спиридон - да лекуат улаите.“ Значи во народното верување овие тројца светители се лекари што лекуваат душевни болести. Значи, не случајно свети Наум е насликан меѓу светите врачи на фреска во црквата “Света Софија” во Охрид. Како што споменавме според Цепенков, односно според народното паметење свети Наум бил „да лекуат улаите“. Оттука и охридската пословица „Кој за ум, која за Свети Наум“, или пословицата запишана во Прилеп: „Ја ум, ја на сфети Наум”. Лекувањето душевно болни од страна на свети Наум е честа тема и во народните преданија и легенди поврзани со неговото име. Вакви сцени се гледаат и на фреските од црквата во неговиот манастир, а на оваа тема се пее и во една популарна охридска песна. Во споменот на народот св. Наум останал како чудотворец. Познато е дека на гробот на свети Наум доаѓале и луѓе од други вери, особено муслиманите од Македонија и Албанија. Дека припадници на други вери го почитувале светителот и манастирот се зборува и во Летописот на манастирот каде што се вели: „Оваа света институција стекна голем углед и чест и кај друговерци, а особено кај Отоманите Бекташи, кои не се знае од какви причини, ова светилиште го викаат „Сари Салтик баба“ што преведено од турски значело жолтобрадиот татко. Според едно предание еднаш кога дошле на гробот на свети Наум неколку Турци замолиле некој од поупатените да им ги објасни ликовите од фреските. Кога тој што им ги објаснувал рекол: „Овој е свети Наум“, тие радосно извикале: „А тој е нашиот татко.“ Интересен бил и начинот на кој се молеле Бекташите (муслиманска секта). Тие кога ќе дојделе во манастирот чевлите ги оставале пред манастирската капија и до црквата се доближувале со метании. На враќање излегувале наназад секогаш свртени со лицето кон црквата и пак со метании. Особено св. Наума го почитувале Еѓупците и посебно тие од Ресен. Во едно предание се раскажува дека Еѓупците Зизовци од Ресен на манастирот му поклониле камбана. Мерија се молел на свети Наум да отиде во Америка, ветувајќи дека на манастирот ќе му подари камбана. Откако навистина заминал и таму работата убаво му тргнала, испратил чек со кој во Битола била купена камбаната и била однесена во манастирот, а овде била пречекана лично од владиката и свештениците. Камбани на манастирот подариле и Умер Зизо од Ресен кој работел во Америка, и Џемаил Зизо, исто така од Ресен, кој тоа го направил затоа што свети Наум го оздравел неговиот брат Сулејман Зизо. Итн, итн. Интересен бил и начинот на кој се молеле Еѓупците. Тие уште од вратата се поклонувале, застанувале до гробот на светителот и му се обраќале со одбрани зборови, како: „Свети Науме, докторе златен, спасителу наш.“ Тие и кога излегувале од црквата излегувале наназад се до излезот. Манастирот најповеќе се афирмирал како лечилиште со исцелување болни од многу болести, посебно од душевни болести. За тоа придонесло верувањето во исцелителната моќ на светите мошти на светителот. Има поголем број преданија што раскажуваат за лечење душевно болни од страна на светителот. Познато е и тоа дека во манастирот долго време постоела и душевна болница. Но споменот на свети Наум најповеќе останал во народните преданија и легенди. Во овие прозни народни умотворби народот раскажувал за сето она што го привлекувало неговото внимание, а што било во некаква врска со светителот. Така ликот на св. Наум е еден од најзастапените ликови во македонските народни преданија и легенди”. Собирачите и истражувачите на народните преданија и легенди за св. Наум овие народни умотворби ги групираат во неколку поглавја според нивната содржина (лекување болни, скротување ѕверови, изградба на манастирот, негова заштита итн.) иако тоа е тешко прецизно да се направи поради тоа што во некои преданија се преплетуваат по повеќе мотиви. Значи, култот кон свети Наум, раширен не само околу манастирот, туку и на многу поширок простор, резултирал со бројни народни преданија и легенди. Тие се создавале во текот на вековите и сеуште се создаваат што од една страна зборува за сеуште живиот култ на светителот, а од друга страна за сеуште живата фолклорна традиција во Македонија. (Подготви Марко Китевски) |