|
||||
ИЗЛЕЗЕ ОД ПЕЧАТ БРОЈОТ 58 НА СПИСАНИЕТО „ПОВОД“ ВО СИДНЕЈ |
Македонското литературно друштво „Григор Прличев“ од Сиднеј го објави списанието „Повод“ број 58 за септември 2022 година. Тоа се појави во печатена и во електронска форма, двојазично, а е наменето за литература, култура, историја и општествени науки, со цел тоа успешно да го промовира македонскиот јазик, литература, култура и македонската заедница во демократска и мултикултурна Австралија, Списанието е посветено на еден од најголемите македонски празници „11Октомври“ и на доблесниот македонски иселеник од Сиднеј, Перо Адамчевски – Коцин. Новиот број на списанието „Повод“ е исполнет со содржини кои се однесуваат на активностите на членовите на Македонското литературно друштво „Григор Прличев“. На почетокот е даден портретот за Перо Адамчевски – Коцин, во кој, меѓу другото се вели дека тој е роден 1942 год. во Жван, Демир Хисар, Македонија. Завршил средно техничко училиште во Битола. Имигрира во Сиднеј, Австралија во 1978 година и активно се вклучил во општествени активности во Македонската заедницата, посебно во црковната општина „Света Петка“, Просветно школскиот одбор и Литературното друштво „Григор Прличев“. Перо Адамчевски – Коцин е автор на делата: „Иднина-Небиднина“ (1997), „Проклета ноќ“ (1999), „Македонија олтар“ (2006), „Мајкини стапалки“ (2009). Застапен е со своја поезија во антологиите: “Macedonian poetry in Australia” (1996), „Поетски иселенички меридијани“ (1996), „Коти на копнеж и страст“ (2003), “The opening of Boarders” (2001), “Reunion” (2003), „Ѕуница“ (2018). Повеќе пати неговите дела се наградувани на конкурсот за „Прличева награда“. Учесник на СВП во 1990 и 1994 година. Тој е е член на Литературното друштво „Григор Прличев“, Друштвото на писателите на Македонија, Друштвото на новинарите на Македонија и на Научното друштво во Битола. Покрај дел од поезијата на Перо Адамчевски – Коцин, објавени зе песни посветени за колемиот македонски празник „11Октомври“ и тоа од: Наум Пауновски, Крсте Наумоски Мечкар, Гордана Димовска, Оливера Јовановска и Љубица Поповска. Потоа следи опширниот текст под наслов „Прилеп – градот херој„ од познатата новинарка и публицист Фиданка Танаскова. Во него, меѓу другото, се вели: „ Со векови војувале за слобода на своја Македонија неброени формации на востаници, јунаци, комити,илинденци и борци, храбри синови Во Прилеп на 11 октомври 1941 година првите истрели и бомби се почетокот на семакедонската слободарска епопеја“ Исто така, во текстот се вели дека со векови и векови библиска Македонија била заплисната од туѓински пропаганди, била мета на освојувачки агресии, била поробувана со страшни зулуми, ама никогаш не била скршена во слободарскиот дух, отпор и непокор..... Кај генерации и генерации, секогаш се раѓале воини, јунаци,комити, илинденци, борци... горди синови македонски, кои бој воделе, војни распламтувале и животи давале, се до конечната слобода во средината на дваесеттиот век и триумфалното марширање во ослободената татковина и дедовина. Во продолжение е дадена писната за 8-ми Септември од Гордана Димовска и текстот на Иван Трпоски за промоцијата во Сиднеј на делото „Методија Андонов Ченто“ од Фиданка Танаскова, што се одржа на 16 септември кога Литературното друштво „Григор Прличев“ во соработка со Македонското прилепско друштво „Методија Андонов Ченто“ во просториите на Спортскиот центар „Илинден“ во Рогдаел го промовира ова значајно дело. Посебно место е посветено на текстот на Тоде Кабровски кој се однесува на промоцијата на публикацијата „Творештвото на Славе Катин I и II проширено издание“ од Душан Ристевски-Македон. Во опширниот текст, меѓу другото е забележано дека публикациите „Творештвото на Славе Катин“ (Првото и Второ проширено издание) од Душан Ристевски-Македон се дела на Книгоиздателството „Македонска искра“ од Скопје, Република Македонија и на Литературното друштво „Григор Прличев“ од Сиднеј, Австралија, спонзорирани од фондацијата „Ѓорѓија-Џорџ Атанасоски“ од Прилеп, издадени во 2021 и 2022 година. Овие се дела за Славе Катин и неговиот повеќегодишен ангажман во проучувањето на македонското иселеништво, кое доведе до публикување на вака бројни трудови од оваа област. Тие покажуваат дека Славе Катин е исклучително голема, позната, призната и неодминлива личност во македонската дијаспора и во Македонија. Делото „Творештвото на Славе Катин“ (Првото издание) е отпечатена на 400 страници, а „Творештвото на Славе Катин“ (Второ проширено издание) е отпечатено на 510 страници на македонски и на англиски јазик, чиј рецензенти се проф, д-р Вера Стојчевска-Антиќ, Александар Донски и Славе Катин. Второто дело е посветено на „Наградата за животно достигнување“ (2022), за Славе Катин од организацијата„Обединетата македонска дијаспора“ (ОМД) од Вашингтон, (САД), за постигнувањата на полето на дијаспората. Публикациите „Творештвото на Славе Катин“ се дела на поетот, драматургот и претседател на Македонското литературно друштво „Григор Прличев“ Душан Ристевски-Македон. Тие се значајни и по многу нешта единствени монографии од овој вид кои се посветени на публицистичката дејност на доблесниот Македонец, истакнат и докажан новинар, духовен посветеник и горд припадник на својот библиски род и македонската земја. Во продолжение на списанието „Повод“ број 58 се дадени текстови од Душан Ристевски – Македон за романот „Вистината има голо лице“ од Велика Џангалоска – Гатсис, Славе Катин пишува за романот „Јана“ од Ѓорѓи Лазаревски, а Гоце Ристовски за романот „Расчеречени души македонски“. Потоа е пренесен текстот на македонски и на англиски јазик од д-р Марина Мијаковска под наслов „Драмски ситуации во гранични пандемски услови“. Во рубриката „Вести од Македонија“ е даден текстот под наслов „Со поетското читање на 18 странски поети завршија „Струшките вечери на поезијата“, потоа е даден текстот „Промовирана автобиографската книга „Ова е мојот живот“ од Иван Трпоски, како и песната „Со почит за Иван Трпоски“ од Лидија Дочовска Павловска Посебен простор е даден на текстот „Промоција на 22 романи на Божин Павловски“, во кој, меѓу другото се вели дека Македонската академија на науките и уметностите и Матица македонска на 22 септември во мултимедијалниот културен центар Матица ексклузив во Скопје ја промовираа колекцијата од 22 романи од академик Божин Павловски. Со овој издавачки потфат се одбележаа два јубилеи на авторот: 80 години од раѓањето и 60 години плодно творештво. Исто така е поместен текст за Емилија Тодорова која стана овогодишен добитник на наградата „Стојан Христов“ за најдобра книга поезија од иселеник, која ја доделува Агенцијата за иселеништво. Во рубриката „Човекови права“ посебен простот е посветен на текстот под наслов „Повик до македонските патриоти и пријатели на Македонија за спротивставување на бугарската антимакедонска пропаганда“. Таа е брошура од Александар Донски која ќе биде поединечно испратена по е-маил на сите 705 членови на Европскиот Парламент, како и на сите 435 членови на Американскиот конгрес и други влијателни поединци и правни субјекти во светот. Исто така е даден текст на англиски јазик од Организацијата ОМД од Вашингтон под наслов „Нема компромис во етноцидот“ од Јана Савевска и Стефани Таскова Митева, потоа текст за „Документарната серија „The descendants of Alexander the Great of Macedon“ (Потомците на Александар Велики Македонски) поставена на Youtube за спротивставување на бугарската анти-македонска пропаганда од Душан Ристевски, како и текст од Македонската историја од Александар Донски. Посебен простор во рубриката „Религија“ е посветен на текстот „Македонија ја завладувале и царства и империи, но никој не ја освоил за постојано и не останал во неа“ од познатиот новинар и публицист Киро Кипроски. Во текстот, меќу другото се вели дека ние Македонците ќе ги издржиме и ќе ги надживееме со сите посегања и по земјата и по црквата и по сѐ што е наше, порача во една пригода поглаварот на МПЦ-ОА. Слободно можеме да констатираме дека последниве неколку години црковните празници во Македонија беа предизвик и поттик верниците да се ангажираат во обновување, реконструкција, заштита на црковните храмови и на манастирите. На крајот од Списанието „Повод“ број 58 се поместени текстовите „Како да се ослободите од дијабетесот? (Трет дел) од Мена Ристевска, потоа Иван Трпоски во рубриката „Еден поет, една песна“ поместил литературни остварувања од Марија Александрова и Димче Џајкоски, а се поместени песни за млади од Гроздан Јовановски од збирката „Во младоста има радост“. На крајот треба да се нагласи дека издавач на списанието „Повод“ е Македонското литературно друштво „Григор Прличев“, во чија редакција се: Душан Ристевски-Македон, главен и одговорен уредник, уредниците се Иван Трпоски и Мена Ристевска, соработници се: Виктор Бивел (Сиднеј), Гордана Димовска (Мелбурн), Ристо Стефов (Канада), Александар Донски и Славе Николовски Катин (Македонија), а технички уредник и дизајн е на Александар Донски. Списанието „Повод“ се издава во електронска и печатна форма. Издавачкиот одбор се надева дека Македонците од сите делови на Македонија, насекаде по светот, особено во демократска Австралија ќе ја поддржат оваа иницијатива и ќе помогнат и финансиски и во распространување на гласилото. Притоа, објавување на текстови и други материјали на македонски или англиски јазик се добродојдени. Тие треба да бидат испратени до Оваа е-пошта е заштитена од spambots, треба да вклучите JavaScript за да ја видите . Исто така, добронамерни коментари и предлози за подобрување на содржината на списанието се добредојдени, се вели во текстот од Редакцијата на „Повод“. Пишува: СЛАВЕ КАТИН |