|
||||
ВОВЕДНО СЛОВО ЗА СВЕТИТЕ БРАЌА КЛИМЕНТ И НАУМ ОХРИДСКИ |
ВОВЕДНО СЛОВО ЗА СВЕТИТЕ БРАЌА КЛИМЕНТ И НАУМ ОХРИДСКИ Потем сите прогони и несполуки, уништувања и недоразбирања, што во земјата моравска, што во земјата бугарска, се најдоа во земјата македонска, Климент и Наум, двајцата од седмочисленичката дружина, сѐ со една цел, да го продолжат делото на нивните учители, Кирил и Методиј, имено, да ја доосмислат словенската глаголичка писменост, да допреведат што не се стигнало да се преведе од книгите црковни, неопходни за богослужба на свој јазик, но и да ја облагородат земјата македонска, земјата на деволските орачи и воини. Свети Климент, не без поддршката од свети Наум, во неговиот Охрид, го осмисли и го зацврсти христијанскиот месецослов и со низа пригодни прослави што ги воспостави како никој и никаде пред него и пред Охрид за првпат со лично од него сотворени похвални слова го возвеличи споменот на светите негови учители, првите достојни да бидат наречени нови апостоли на светот и на векот, светите Кирил и Методиј. Би тоа во времето кога уката била привилегија само на избраните и уште долго нема да се дава секому лесно и едноставно, но Климент ја продолжи својата мисионерска дејност во своја школа со похвалите длабоко искажани најпрво за безбројните и бестелесните сили врз чии врски и односи се засновуваат цивилизациските вредности приопштени во негово време во Охрид а во времето на неговите безбројни ученици и следбеници и насекаде низ словенскиот свет. Во историјата на старите цивилизации и култури не постои подобар пример за почит на учителите од ученикот, но и на учителот кон учениците, од примерот на свети Климент Охридски, како што не постои подобар пример од почитта кон свети Наум искажана од учениците свети Климентови, на сам смртовден Климентов, сѐ со една цел − да не згасне споменот за двајцата собраќа и сострадалници на Христовиот пат. И тоа не е измислица што не подлежи на проверка, не e ниту приказна налик на библиска, старозаветна, цар Давидова или Соломонова, со сите сплетки придворски и книжевни, ниту патристичка, Василиева, Григориева или Ефремсиринова, со сите алузии кои напати ја затскриваат немилосрдната и беспоштедната стварност на патот кон успехот преку откажувањето од исконското во себеси и од својот род и јазик, тоа е вистина зацврстена на оваа почва што го опкружува белосветлото езеро од чиишто изворски води се заречила словенската писменост со нова литература на нов јазик на којшто не само што ќе се молат неговите зборувачи повикувајќи го името Господово само и само во безизлезни ситуации во кои човек може само на свој роден говор да промолви, и само господ би можел да му пружи леб насушен и спас од лукавиот и утеха од наречигревот. Тоа е вистина врз која Климентовите следбеници во својата возвишена осама ќе создаваат свои слова на својот словенски јазик, развивајќи општословенска писменост која набргу наткрилно ќе опфати територија достојна за почит, не помала од виртуелните простори опфатени од латинскиот патер ностер или од грчката кирилејса, и ќе ја обезличи не само неприкосновеноста туку и помодноста натуѓиот збор. И таа вистина ќе уточни во словенската свест живи народни јазици врз чијашто лексика и граматика ќе се развиваат посебни литератури и уметности, вештини и науки, ќе добиваат своја смисла и право одделните словенски литературни јазици. Проста е, ќе речете, приказната Климентова, како и приказната Кирилометодиева, таа една и иста приказна седмочисленичка, како што се прости и јасни нивните букви и слова. Се појавија букви глаголички, во низа каква што дотогаш не била срочена кај ниту еден од древните народи љубоморно горди и на своите писмена и себично грижни за својот воздиг и вознес, и таа новосотворена низа беспрекорно соодветствувала на изговорот словенски од околината на Солун, и со нив се испишаа новозаветните празникоизборни читања, и се заучија буквите крстовидно окцести и се загласи словото евангелско на словенски јазик одблизум средноевропските пустини, не толку почвени колку душевни, и се посветија со римски благослов. Ги појави истиот Кирил што ги сочува иконите од хули токму отпосле зародишот нивни во окружието византиско во кое разногласието е второ име на согласието. И којшто направи толку добри дела за Византија која уште жив го заборави. Има уште десетина слични приказни како приказната што е само Кирилометодиева, како што е готската или коптската, кои завршуваат или тука со букви речиси грчки и со превод на делови евангелски, или дури претходно, како што има и приказни како хазарската, чиј епизоден дел бил и самиот Кирил па и нашиот Климент, кои стануваат составен дел од други приказни како оние нашите во кои обајцата со својата дружина од по хазарските патешествија, ја извлекоа и ја продолжија од морето приказната за свети Климент Римски. Во тоа е, всушност, величината на литературата, но и на уката, на древните вештини и на науките што се развиваат под претхуманистичка закрила. Да се спаси пренебрегнетата, потценетата, отфрлената жива приказна и врз неа да се создаде не само нова уште посликовита приказна туку и нов поразновиден и поразигран светоглед. Со поглед кон иднината, но и со почит кон минатото. Приказната глаголичка не завршила ни во Венеција, при сѐ што остро била нападната, па злобниците ѝ го наѕирале крајот, а се спасила со сказанијата апостол Павлови изговорени гордо од устата Кирилова; не завршила ниту во Моравија, каде што била клеветена како богохулна и ни чудо не можело да ја спаси, а ја крепела раката Методиева; ниту на крајдунавските ветрометини, кај што студот врз срамот бил поостар од мечот врз вратот, а само поривот патешественички бил утеха и спас, ниту пак на дворот преславски кај што не се знаело чиј поглед е полукав, византискиот или протобугарскиот, и чиј вревеж и чиј џагор е пожесток, а само остроумноста апостолска знаела излез од безизлезот на дворските игри. Приказната за глаголицата е приказна за Климентовото и Наумовото патешествување и таа свечено продолжува во Охрид и притаено покрај јадранскиот брег. Како успешна приказна на словенската промисла. Светлината буквена, имено, во уште посветлосен светоглед свечено ја пренесува Климент Охридски во охридските предели и ја распостила уката божествена низ македонската земја, полетно патешествувајќи како никогаш порано. Не само и не толку со строго евангелското слово, колку со свои слова во кои себесвојствено и за народот словенски прифатливо ги вклопува евангелските параболи и заветните мудрости, за своја црква, со слова похвалнопоучни за словенски предворја ако треба и само за двајца-тројца но да се знае дека се благословени од сите бестелесни сили, од сета црковна хиерархија, и не само поддржани туку и надополнети со споменот за светите учители, и со воспевот на сите апостоли и маченици и за сите светци од христијанскиот свет и особено од по словенските патишта. И приказната не завршува тука. Таа продолжува истојазично низ речиси сите словенски земји, но и другојазично, зашто со словенскиот воспев на недовоспеаното во времето патристичко од светите оци промолвеа во времето претхуманистичко и предренесансно со нови литератури и сите други дотогаш непромолвени народни јазици. Тоа е процес што не можел да се запре, но не морал и секаде да биде успешна приказна, како што охридската била на чекор на византиската, а веќе далеку од ненаситните погледи на ордите што ја крстосувале средна Европа. Но останала недофатна за прогонителите, бидејќи света и веќе на свет јазик. Зашто, „лесно“ е да се создаде дело што претставува цел еден систем, особено од ништо, а имено само со помош на бога. Тешко е да се одржи систем составен само од вредности и да му се даде соодветна улога и значење, тек и раздвижба, а уште потешко смисла и хиерархија. И пораки севременски и натпросторни. А најтешко е да се негува системот, да се култивира и да се надградува. Да се одбрани делото од загроз однадвор и од разјад однатре. А токму тоа го обезбеди свети Климент Охридски, со сесрдна помош од Чрноризец Храбар, што ќе рече од самоти свети Наум Охридски, за глаголицата како систем од скрити вредности, за словенската писменост, црква и средина и за литературата создавана врз глаголичкиот тајнопис, врз воздвигот црковен и општествен, охридски и сесловенски. Делото нападнато на едни простори да се одбрани на друга територија, чија таинственост никогаш до крај не ќе се растајни, ни како филозофија на опстојба, ни како форма на одбрана, ни како јазик на народна борба. Туку само преслик библиски ли или како нешто недопрено ли и девствено свето. Чисто во духот и срцето. И тој преслик не е разнебитување на приврзаноста кон почвата, туку небеско сплотување. Како умосозерцателна сознајба. Климент и Наум доаѓаат во Охрид по безбедна територија и во безбедно време наоѓаат достојни современици за безбедно продолжување на делото на нивните учители кое е и негово дело, не само од Моравија и Рим туку и од времето на пронаоѓање на моштите на свети Климент Римски, тоа е седмочисленичко дело, приказна што трае како Лаврентиевата, еден од седумте римски ѓакони, врз чија судбина ќе се изнедри отпосле ренесансната литература. Врз приказната за Климент, таа охридска, Теофилактова и чија уште ли не, умопатешественичка приказна која најверојатно започнала таму каде што и завршила, имено во Охрид, ќе се развијат македонските и словенските сказанија, не само како слова, туку и како сказни и приказни, како раскази и сложени умотворенија. Зашто во Климентовото книжевно дело ќе се вкрстат сите можни книжевни видови на времето, без да се открие според старите поетички шеми, што создавал всушност Климент. И дали воопшто создавал нешто или сѐ било само препис и скитничење од манастир до манастир, од едно под небесата изговорено слово до друго, од едни ученици до други, од првото нивно азбукиведи заглаголување до следното глаголидобрување во животот патешественички. А Климент создавал книжевност што сама по себе е јазик, ниту поезија, ниту проза, едноставно создавал дело, внесувал искреност не само своите слова туку и во својот однос братски воспоставен со содружниците, со дружината, со соборот. Вкрстувал идеи и плодотворно ги облагородувал. Создавал школа што сама по себе е општествена институција, академија и универзитет, и за вештините и науките на духот и за вештините и поуките на телото, на душата и на умот, на сетилноста и промислата. Книжевност што е одбрана од сите лаги и клевети врз човековиот род, измислени пак од човека што нејќе да признае друго освен своето. Школа што ја опфаќа сета негова епископска територија. А Наум со сета своја скромност ја бранел и возвеличувал. Не без причина! Зашто веќе во оној поклиментовски и посамуилов Охрид, имено во византискиот Охрид, Теофилактовиот и на уште колку ли не несловенски владици, византиските измислици за охридските гревови што ни езерото не ќе ги измиело, ќе имаат една единствена цел, не толку да го спасат, т. е. да го обезличат грешникот наводно грешен до срж, туку делото, цивилизациското дело создадено од словенските првоучители, кои дури и да не се со капка крв словенска, словенски се во однос на словенскиот род и на словенските народи, во однос на Охрид и Македонија. Во однос на иднината. Зашто е исполнето со онаа благородна исконска словесност и словенскост што бездруго има сили да овоплоти нова култура, не само врз божјата поткрепа стапка по стапка пренесена од Босфорот и Солунот до Моравија и Венеција, и не само поради камшикот на ветрот дунавски и потценетоста на пазарот венецијански. Колку заради благородието душевно вгнездено во охридската питомина и книгописно раздвижено низ словенските земји. Приказната за Климент и Наум, освен во свеста на Охриѓани како роднокрајна, никогаш не е докрај ни разјаснета ни растајнета, а и како, кога е божја и апостолска. И како таква потајум се ширела низ словенските соборни цркви и манастири преку словата Климентови вклопувани во житејските книги редум со словата на сите свети оци. И таа се јавува во истите закрила од кои се развиваат словенските јазици, литератури и култури. И таа била дел од охридскиот милениумски непремолк пред кандилата во секоја куќа варошка, вовед во сите македонски прослави и сесловенски чествувања! Радувај се Клименте, зашто живее твојата писменост, твојата црква, твојата школа. Радувај се, Науме, зашто жива е твојата одбрана на седмочисленичкото ваше заемно дело. И сега и секогаш и во вечни времиња. Знајно и вистинито. Од КНИГАТА ЗА СВЕТИТЕ БРАЌА КЛИМЕНТ И НАУМ ОХРИДСКИ Автори: Димитар Пандев и Славе Ѓорѓо Димоски |