|
||||
ЕСМА РЕЏЕПОВА – ТЕОДОСИЕВСКА – КРАЛИЦАТА НА РОМСКАТА ПЕСНА (9) |
ЕСМА РЕЏЕПОВА И СТЕВО ТЕОДОСИЕВСКИ ВО БРАЧНИТЕ ВОДИ На животна тема брак, Есма го избрала Стево, бидејки тој десетината претходни бил нејзиниот учител и советник, патрон и над сѐ човекот, кој беше голем човек. Пред свадбата како што е традиција кај ромските фамилии, идниот зет требало да појде кај родителите на идната сoпруга и да ја побара раката на својата избраничка. Стево ги испочитувал ритуалите на традиционализмот и во мај 1968 година дошол во Драчево каде што по катастрофалниот земјотрес се преселило семејството Реџепови Како годините поминуваа. Есма веќе почнала доста сериозно да размислува за себе и својата иднина. Одлично ѝ одело со музиката, со музичката кариера, но морала да го среди и приватниот дел од животот. Во 1968 година, кога наполнила 23 години, Есма решила да се одвои од заедничкиот стан и да си најде свој засебен дом во Белград. Таа своја намера им ја соопштила на Стево и на неговата мајка, односно на бабата Паца, како што таа ја викала, од која и го слушнала зборот на поддршка и одобрување за ваква намера и исчекор. „Добрата баба ми вели: - Оди чедо, време ти е, веќе имаш 23 години. Доста беше мома да самуваш, ајде на семејство да се радуваш“. Стево чудно ме гледа, како да не сака да поверува дека навистина сум решена да свртам нова страница во животот. Ме погледна и ми вели: „Што ти фали овде? Што не ти достасува и како тоа мислиш да заминеш?“ Се сврте кон мајка му со зборовите: „Немој да ја пуштиш, туку треба да ја задржиш“. „А што имам јас да ја задржам, задржи ја ти, одговори предобрата и многу бистроумна баба Паца. По овие куси реплики, со Пацината мајкина мудрост, Стево ми пријде и ме замоли да останам. Или преведено на практичен јазик, тоа беше и понуда за брак. Навистина, интересна ситуација, која веќе создава нови односи, нови комбинации, и влегување во нови животни врвици. Инаку, честопати баба Паца се навраќаше на оваа тема со советите, да се омажам и да имам сопствен дом. Молчев, само молчев и ја гледав во очите, со што како да ѝ кажував дека, како да се омажам, кога никој не ме бара. Иако не беше така. Некои ми нудеа кули и ридови, океани и замоци, ама тоа беа други, кои ништо не ми значеа. Сметав дека единствен човек во мојот живот треба да биде Стево и никој друг на овој свет и идниот век. Слични ни беа желбите и посакувањата мене и на мојот татко кој ми порача дека: „Стево е вистинскиот човек за тебе“. На оваа животна тема Есма рекла дека друг не можела да замисли крај себе, друг не сакала. Десетината претходни години Стево бил нејзиниот учител и советник, патрон и над сѐ човекот, кој беше голем човек. Одлуката паднала. Конечно Есма решила да застане на „лудиот камен“ и да завршат нејзините момински години. Кога сѐ така тргнало, тогаш бргу и се договориле свадбата да биде веднаш кога ќе заврши снимањето на филмскиот проект „Запеј Македонијо“. Според некои си обичаи останати од стари времиња кај Ромите, кога веќе зачекорила во пубертетските години, неа требало да ја подготвуваат за мажење, а две години постариот брат за женење. Затоа, прво ќе дадеме информација за свадбените обичаи за сестрата Сајка и братот Реџеп, а потоа за свадбените случувања на Есма. Имено, за свадбите на Сајка и Реџеп родителите се решаваат за двојнарадост, со еден трошок да ги организираат двете свадби во ист ден и на исто место. Тоа било со цел да имаат голема веселба, а во исто време да има поголема заштеда на време и пари. Тоа воопшто ниту им се бендисало на Сајка и на Реџеп, ниту имале намера да се мажат и женат двајцата толку млади, по ќејф и избор на мајките и татковците. Една ноќ и двајцата избегале во Војводина, во Бечеј. Отишле кај чичкото за да спасат глава од свадбите и таксувањето. По не цел еден месец, чичкото ги вратил дома во Скопје. Арно ама, тие никако не можеле да се помират со таквиот развој на настаните, па братот повторно побегнал за да не го оженат, а сестрата со тајфа музичари отишла во Охрид, за да пее таму во некои локали. Пеела босански севдалинки, за кои велеле дека и немало рамен. „Со музичарите дојдоа и во Скопје. Настапуваше во летна бавча, каде јас скришум одев за да слушам навечер како пеат и свират. За жал, ништо не стана. Бргу заврши нејзината пеачка кафеанска кариера. Освен што понекогаш ќе се појавеше на ромски свадби и тоа беше сѐ. Стапи во брак, но го изгуби својот сопруг, и тоа беше една мошне тажна животна приказна на мојата сестра со голем, но неискористен талент. Јас имав среќа што пред мојата тајка, моја поддршка и љубов ми беа моите двајца браќа. Тие криеја од родителите дека ме виделе на претстава во Куклениот театар или на филмска проекција. Можеби и кога ќе ѕирнев некој концерт или ќе запеев во културно-уметничките друштва. Не доаѓаше предвид и јас да се омажам толку многу рано како моите врсници, иако родителите веќе ми сигнализираа дека стасувале понуди и сум имала кандидати за свадба. За да ме подготват на време, мајка ми ме седнуваше крај тркалезната софра, учејќи ме да правам пита и да го фаќам ритамот на кујнските обврски, подготвувајќи се за добра, идна домаќинка крај сопруг, девери, золви, јатрви, свекор и свекрва во некое ромско семејство. Јас веќе од порано знаев доста работи во домаќинството бидејќи и онака не беа потребни толку ука и нови подготовки, бидејќи месев најдобар леб, правев разни јадења, носев по некоја пара од она што го заработував. Само, никако не сакав толку рано да се мажам. Тоа според мене беше сатанизирање на личноста, па дури и на мајка ми отворено ѝ се заканив, дека, доколку такво нешто биде сторено со мене, тогаш ќе си ставам јамка околу вратот и ќе се обесам среде дворот во училиштето. Потоа, навистина, бев оставена на мира. Не им помина идејата и мене да ме венчаат на 13 години. Куртулив. Можев да продолжам со моите музички настојувања, да се пробивам како пејач во доста силната конкуренција...“ , раскажуваше Есма.
Дел од свадбата во Драчево Но, пред свадбата како што е традиција кај ромските фамилии, идниот зет требало да појде кај родителите на идната сoпруга и да ја побара раката на својата избраничка. Стево ги испочитувал ритуалите на традиционализмот и во мај 1968 година тргнал за Скопје. Стасал во Драчево каде што од центарот на градот, по катастрофалниот земјотрес се преселило семејството Реџепови. Дошол во нивниот дом. Го пречекале најсрдечно како што прилега. Од мајката на невестаа требало да ја побара раката на ќерката. Со главната „хероина“, десет години дотогаш ги поврзувала иста музичка судбина. Делеле дом, радости, таги, турнеи и успеси. Делеле живот кој бил заеднички, но, сепак, поединечен и одвоен. Стево храбро и достоинствено ги издржал, сите ритуали и обичаи, сите веридбени традиции, веројатно, само за да им приреди радост на Реџепови, иако тешко дека такво нешто би направил за кого било во животот. Бидејќи, сепак, тоа се специфични работи кои се издржуваат само кога човек е цврсто решен да го оствари и да го освои тоа што го сака. Застанал прво пред мајка ѝ на Есма, ѝ бакнал рака и ѝ објаснил зошто е дојден во нивниот дом. Наоколу било семејството и сѐ се одвивало небаре, како во добро изрежирана претстава, седнати на миндерите и ткаените килими, крај рачните везови на простирките во новиот дом на семејството Реџепови. Него го добиле по земјотресот во 1963 година. Таму сите го очекувале тој значаен чин. Меѓутоа, за да биде сѐ според традиционалните и богати обичајни ритуали, тогаш, кога младоженецот ќе појде да побара одобрување за својата идна сопруга, тогаш онака сам, меѓу сите, не може да биде оставен. Мора да му се додаде на испомош уште некој крај него. Како „бранител“ на Стево од невестинската фамилија му го дале братот на Есма, Фахри. Значи, тој бил на страната од кај идниот зет, додека, пак, поради рамноправна битка и договарање, од страната на невестата адвокат бил постариот брат Реџеп. „Мојот брат Реџеп барал многу мираз за кој зетот требало бајаги да го одврзе кесето. Ме фалел. Бескрајно ме фалел братот, дека сум како скапоцен камен, a токму таква скапоценост зема Стево. Повторувал колку сум вредна, добра, талентирана, комуникативна, дека имам големо срце и широка душа. Велел оти убава мома ќе земе, а таква друга прилика Стево немал да најде уште сто години“. Реџеп ептен се внел во новата адвокатска улога и сакал успешно да ја заврши. Од младоженецот, како прво, мајката побарала невестата комплетно да ја облече со дарови, да купи чевли и за двајцата браќа и димии за двете снаи, и да купи уште сто литри ракија за да биде свадбата највесела и најголема. А Есма како идна невеста, ќе мора да ја чува, негува и облекува, да купи белило и црвило, златни обетки и дури 106 прстени... Во пазарењето едвај некако смалил десет кила ракија, па ајде немало да бидат 100 туку 90. Стево само кимнал со главата, велел – да. Се согласил на сѐ, и договорот паднал. Значи, во мај 1968 гoдина, Есма веќе била верена. Следела свадбата. Е, тоа била свадба што траела седум дена и седум ноќи. Ечело Драчево, грмеле тапани, се играло и пеело, се гоштевало и уживало. Цела населба била дел од свадбената раскошна и невидена дотогашна церемонија. Цело Драчево било на нога. Роми доаѓале од секаде за да го видат тоа големо чудо. Исто и Македонците соседи и пријатели биле воодушевени. Да се знае кога Есма се мажи за својот сакан избраник Стево. Реџепови и Теодосиевци биле во центарот на вниманието на церемонијата која траела една недела пред 8 септември 1968 година. Сѐ почнало уште рано во понеделникoт на денот кога се поканувале сватовите и кога се најавувала свадбата. Продолжило во вторник со посетите, кога се послужувале гостите со ракија, локум и кафе. Во средата во косите на младата невеста се ставала к’на за боење од која косата добивала интересна бакарна нијанса. И тоа било некој дел од традицијата. Во четвртокот невестата требало да се избања, со групно плискање вода во амамот на Старата скопска чаршија. Таму одел само женскиот дел од свадбарските гости. Овој ритуал бил една игрива забава, која сите ги развеселила. Крај чешмите и топлата вода се собрале официјално дојдените дами. Сите приоѓале завиткани со специјални бели бањарки, додека во салата за одмор, исто така, ги забавувал женски оркестар, а се густирале пити, чаеви, сокови и овошје. Вечерта во четвртокот дома се одржувала моминската вечер со песна, игра и забава. Најголемата веселба претстоела во трите преостанати денови – петок, сабота и недела. Тогаш, навистина, свадбата кулминирала. Евидентирано е дека на свадбата на Есма и Стево е потрошено: 22 печени овна, 50 литри мастика, 30 литри ракија препеченица, 3.000 шишиња пиво, 2.500 литри сокови итн. Сѐ на сè, тоа била, навистина, преубава традиција, толку весела, посебна со шарм и масовност, со полни трпези и со уште поисполнети срца. Значи, драчевската церемонија завршила. Долго се раскажувало, како ненадминат свадбен настан. Меѓутоа, по ромската свадба, следела и венчавката во Белград.
Од регистрацијата во Белград Церемонијата во Белград на Есма ѝ оставила силни впечатоци. Затоа, таа со одушевување ги пренесува сите настани и велеше: „Потписи ставивме во Општината Савски Венац. Јас носев долг бел раскошен фустан од свила, во комбинација со тантела, вел и голем букет бели рози. Сето тоа беше организирано и направено на високо ниво, според европските свадбени церемонии. Во хотелот „Славија“ каде што појдовме на заедничкиот ручек со поканетите гости, ручекот, всушност, стана вечера, а вечерата и полноќна забава со вистинска шоу програма. Пееја, свиреа, и играа нашите пријатели од врвот на естрадниот свет. Меѓу нив беа Радојка и Тине Живковиќ, Радмила Димиќ, Миле Богдановиќ, Аца Трендафиловиќ, Неџат Салковиќ, Ивана Пандуровиќ, Ансамблот „Палома“, Љуба Степановиќ, како имитатор и кој уште не. Секако, дека срце не издржа невестата да не се фати за микрофонот. Станав и запеав толку многу среќна и понесена од атмосферата и чинот. Да се отпеaт на својата свадбa, песни мераклиски за младенците и за сите тие драги луѓе кои ме удостоија со своето присуство на овој искучителен животен чин, за мене беше гордост“. Регистрацијата во Белград, на 15 септември 1968 година, минала во најдобар ред и веднаш Есма и Стево почнале да прават идни планови. Нивната цел била де се организираат интернационалните турнеи. На ред била далечната земја Австралија. Така и се случило. За првпат требало да стапнат на петтиот континент накај Јужниот Пацифик. Тоа патување било и како некаков меден месец на крајот од 1968 година. Заминале на тоа гостување организирано од Матицата на иселениците од Македонија Продолжува Пишува: СЛАВЕ КАТИН |