|
||||
ЕСМА РЕЏЕПОВА – ТЕОДОСИЕВСКА – КРАЛИЦАТА НА РОМСКАТА ПЕСНА (11) |
ЕДЕН ДЕН СО КРАЛИЦА НА ПЕСНАТА ЕСМА РЕЏЕПОВА – ТЕОДОСИЕВСКА - II ДЕЛ Во ова продолжение за читателите на порталот „Македонска нација“ ќе го презентираме вториот дел од интервјуто со Есма Реџепова – Теодосиевска водено во „Домот на хуманоста и Музејот на музиката на Есма и Стево Теодосиевски“ на 1 ноември 2014 година КАТИН: Почетоците на пеењето Ви беа во поранешна СФР Југославија, место каде просторно и естрадно беше тешко да се успее. Кажете ни за Вашата кариера во тој период? Есма Реџепова: Во споредба со Македонија, Југославија беше голема држава, па со самото тоа имаше и голема понуда во музиката. И во тоа време постоеја пејачи кои не успеваа, пејачи кои секогаш настапуваа во кафеани. Меѓутоа, постоеше висок критериум - кој и каде може да настапи. Јас, на таа југословенска сцена се наметнав со својот квалитет и тоа беше пресудно до ден-денес да бидам популарна на тој простор. И денес, кога настапувам во сите поранешни југословенски републики, салите се полни, луѓето ме препознаваат на улица, ме чувствуваат за своја. КАТИН: Маршалот Тито беше маркантна личност во тоа време. Зборуваме за времиња во кои бевте млада и славна. Пренесете ни некои од спомените за настапот пред Тито во 1961 година и потоа. Есма Реџепова: И во овие моменти се чувствувам возбудена од тие мигови во кариерата. Во тоа време да се настапува за Тито и пред Тито беше голема чест за секој уметник. Но, малкумина беа оние кои успеаја да ја имаат таа чест. За да се настапи пред еден таков државник од светски ранг се поминуваа безброј проверки. Есма и Ансамблот „Теодосиевски“ беа едни од ретките што беа окарактеризирани како подобни за настап пред него. Секако, тоа беше големо признание за нас. Во 1961 година настапивме на Самитот на неврзаните, што се одржа во Белград, но после тоа имаше многу настапи пред други државници, кои беа гости на Тито. Во многу наврати, кога тој одеше во посета на други земји, нè носеше и нас со него, со цел да претстави дел од културата на народите што живеат во Југославија. Со него и неговата сопруга Јованка имавме многу средби. И двајцата се дел од моите убави и вечни спомени. Есма со пријатели КАТИН: Вие со Стево и неговиот оркестар имавте настапи во целиот свет. Можете ли да ми кажете колку концерти имате одржано? Есма Реџепова: Стево беше добар аналитичар. Според неговите податоци до 1984 имавме околу 15.000 концерти, од нив над 2.000 беа хуманитарни. Оттогаш па наваму веќе не ги броевме. Знаете, порано пеев како што се прикажуваат кинопретстави, од 16, од 18, од 20 часот. Во Бугарија и на поранешните југословенски простори имав по три-четири концерти дневно. Сакам и ова да го кажам, кога бев на турнеја низ Европа, во 1995 година и кога ги обиколив сите театарски сцени, ја добив наградата „Примадона на европското пеење“, која секогаш ја добиваше оперски пејач. Многу бев среќна зашто гласовните можности ми ги оценија како ретки, несекојдневни, со убави орнаменти. Во операта треба да направиш еден орнамент за да ја дигнеш публиката на нозе, а јас ги правам во низа, без никакви проблеми. Сум настапила на сите 5 континенти. Во Европа, речиси и да нема земја во која не сум настапила. Во Азија сум настапувала многу, во Ирак, Иран, Пакистан, Авганистан, Јапонија, но некако неостварена желба ми е да настапам во Кина. Многупати сум гостувала во САД и Канада, во Мексико. Исто така, добро сум позната и во Австралија, но не само кај Македонците кои живеат таму, туку и на поширокиот аудиториум. Еден од концертите на кој ќе се сеќавам е концертот во „Хајд Парк“ во Сиднеј, во 2009 година, каде настапив пред 300.000 публика. Тоа е необјасниво чувство. Се вееја знамиња од многу земји, но најсреќна бев кога видов дека во таа маса на народ имаше и Македонци, кои ме пречекаа со различни македонски знамиња. КАТИН: Ве нарекуваат Кралица на ромската музика, навистина блескаво признание. Како ја добивте таа титула? Есма Реџепова: Навистина, особено ми е мило што официјално сум прогласена за „Кралица на ромската музика“. Тоа се случи во 1976 година, во Индија, во градот Чандигар каде се одржа Светски фестивал на ромската музика. Таму имаше претставници од 20 земји. Целта на Фестивалот беше да се најде во која земја во светот, каде што живеат Роми се пее и свири музика што е најблиску до пенџапската музика во Индија, затоа што научно е докажано дека Ромите потекнуваат од Индија од регионот на Пенџап. Во таа силна конкуренција сите едногласно одлучија дека песната што ја пеам јас е најблиску до оригиналната и дека кај мене се задржани најголем број традиционални елементи. Тоа беше причината што јас ја добив титулата „Кралица на ромската музика“, додека, пак, Стево Теодосиевски, иако не беше Ром беше прогласен за „Крал на ромската музика“, затоа што ја негуваше традицијата и оригиналноста на истата. КАТИН: Познато е дека го освоивте светот, но се чини дека најтешко беше да се освои Македонија. Каков беше интересот за Вас во вашата татковина? Есма Реџепова: Морам да бидам искрена и да ја кажам вистината. Имено, едно време, додека работевме во Белград, два-тројца ни ги затворија вратите во Радио Скопје. Ме немаше речиси 25 години, ни на радио, ни на телевизија. Но со Стево бевме упорни, се боревме и се изборивме за својата музика, за своето право и мислам дека успеавме. Еве, се покажа успехот. Луѓето во Македонија подоцна се освестија. Некаде во 1986 година, направија едно убаво шоу со мене, кое се емитуваше на телевизија за Нова година. Оттогаш веќе нема проблеми. А во последниве три години ме има повеќе затоа што мислам дека дотогаш Македонија и не знаеше што правам јас во светот.... И Вие не зборувавте многу за тоа. -Не, не сум зборувала, но моите менаџери од Холандија ми рекоа дека треба да направам една прес-конференција и да кажам што работам. Тогаш ги презентирав сите материјали за мене, сè што е пишувано во светот за моите концерти, сите насловни страници, награди, благодарници... КАТИН: Благодарение на Вашата неуморна заложба во културата, добитник сте на највисокото признание Национален уметник на Република Македонија за 2013 година. Вие сте третиот носител на ова признание по Симон Трпчевски и Милчо Манчевски. Вашиот коментар за наградата? Есма Реџепова: Многу се радувам и горда сум што ја добив титулата Национален уметник на Република Македонија. Секако дека сум презадоволна, затоа што тоа е признание за целокупната моја работа на музички план. Сакам да кажам дека оваа година за првпат бев предложена да ја добијам оваа титула, ме предложи Концертната агенција „Маестро фолк фест“, чиј ексклузивец сум јас. Ги исполнив сите критериуми кои беа наведени во Законот за национален уметник и ја добив титулата. Среќна сум и горда во исто време, затоа што за секој еден уметник крајна цел е добивањето на оваа титула. Исто така, сакам да кажам дека се радувам на сите награди, тоа е валоризација на мојот труд, без разлика дали се доделени за музика или за мојата хуманитарна работа. Но, сепак, постојат неколку награди кои се од исклучително значење, затоа што се добиени во конкуренција на големи имиња од светот на музиката. Веќе ја спомнав наградата „Кралица на ромската музика“, „Примадона на европското пеење“, секако, тука е влезот во 50 најдобри вокали на сите времиња, каде друштво ми прават Марија Калас, Павароти, Ела Фицџералд и останати имиња кои ја задолжиле светската музика. КАТИН: Се вративте во Македонија и решивте на својот град да му подарите музеј. Кажете ми нешто за таа идеја? Есма Реџепова: Јас овде ја почнав кариерата. Тогаш ми помогнаа во Радио Скопје и тоа не го заборавам. Со Стево постојано мечтаевме да се вратиме. За својата работа добивме многу признанија, многу подароци, над две илјади благодарници за хуманитарните концерти. Сакавме Македонија да го види тоа. Сакавме да се вратиме и не згрешивме. Многу ми е убаво во Македонија. Овде сум родена, детството го минав овде. И единствено во Македонија правев хуманитарни концерти. Никогаш немам направено концерт овде за да заработам. Заработував на концертите во светот. И денес го правам тоа. Сега сите 47 деца ми се згрижени со семејства, со станови, со автомобили. Ми остана да го завршам уште Домот на хуманоста. Се надевам дека тоа ќе биде годинава. КАТИН: Вие сте Кралица на ромската музика, светски признат естраден уметник, жена на човекољубието и добрината. Какви се вашите идни планови и дали постои разлика меѓу Есма естрадниот уметник и Есма на приватен план? Есма Реџепова: Многу ми е мило што сè уште сум доста активна на полето на музиката. Во тек е правењето планови за настапи за 2015 година, а течат и преговорите за издавање на ново ЦД за странска продуцентска куќа. Накратко кажано, во кујната на Есма Реџепова Теодосиевска, сè уште се подготвува музика. Инаку, постои разлика меѓу Есма на професионален и Есма на приватен план. Ако на сцена сум нескротлива, во приватен живот сум многу мирна жена, која повеќе слуша, а помалку зборува. Сакам да се дружам со луѓето, сакам да им помагам на сиромашните, на некој начин сакам да ги заштитам послабите. Ги сакам животните, се грижам за кучињата скитници, кои живеат во мојата околина, да добијат храна барем еднаш дневно. Не сум недопирлива, баш напротив себеси се сметам како дел од народот, ме радува што луѓето така ме доживуваат. Отсекогаш сум сакала мирен живот исполнет со љубов и почитување кон останатите. КАТИН: Во Вашата кариера сте испеале многу песни. Имате ли некоја што ви е посебно драга? Есма Реџепова: Па, сите песни ми се драги и со задоволство ги изведувам. Меѓутоа, песната „Зошто си ме, мајко, родила“ ја сакам многу. Не може да помине концерт без неа и без „Чајорије шукарије“.. Продолжува Пишува: СЛАВЕ КАТИН |