|
||||
НЕО-КАНИБАЛИЗМОТ НА ХРОНОС |
Ова зло е супер Зло. Заведува патници кон светска правда и мир без слобода, осакатува, голта наследници, и идентитет им кине. Ова зло трансхумано псеудо-владетелско, Сатурналиско... Скулптурите на Бруно Каталано се претставени како хиперреалистични фигури кои алтер егото на „новиот свет“ ги деконструктира во разорени о-рации, во анти-човечни овации. Фигурите се жртви побунети против поделби, напади, робувања, војувања од секој актер против секого. Жртвите бараат разбирање за човековите лични, колективни и национални загуби, бараат разбирање, но, во кој правец е тоа? Скулптурите на заштитникот Бруно се народи на светот што се движат од гета до геноцид, до нефункционално движење, отстранувани од време и простор, но, продолжуваат да значат сопствен крај, да зрачат сопствен сјај, иако пост-човечноста ги разјадува, разградува, раскинува и голта на гозби Сатурналии. Пораките на жртвите се трагедии на реално, мачно сведочење во минато несвршено време, операции на немилосрдниот прогрес кон регресот. Жртвите-скулптури се колони на реалната уметничка траса на подиуми по светот. Зборуваат, укажуваат: колонии мобилни човеколики вируси им јадат живо ткиво. Транс-хуманото зло, мета и метафора деструктивна, ги санкционира и едитира генетски. Но, живо јадените жртви веќе будат свест кај последните свесни. Скулптури се грозоморна манипулација и екстерминација на битноста на битието. Но, човечноста не се предава. Народите не се веќе рамнодушни пред насилната изобличеност, обезличеност. Не даваат да продолжни незапирното кршење и фрлање на патниците во безизлезни хабитати. Нивната материјална и духовна екологија, нивните информирани и едуцирани ставови оставани по патот на распадот - се креваат, сами да се из-влечат од уништување индуцирано од лордови на глобални рингови. Во светски тунели се гушат основните слободи и универзалните права на разлики. Но, се поглесно се слушаат овие скулптури: Не сме ние ни интерна ни интернационална потрошна роба, дробена од агресори, трошена во трошки. Разбивани од катадневни катапулти - нашите милениумски бедеми, чуваат човекови предности над злите вредности кои бушат бездни, падови на човечноста нападната од пост-човечни визии за насилно менување на човекот и светот. И реалноста и уметноста ни’ се обраќа преку акти и актери и актови на ранети и разбиени животи, секојдневно исфрлани по патишта кои не се нивни, исфрлани од родна земја која се брише од под нивниот чекор, од под нивната свест. На свеста и’ припаѓа проактивниот, творечки, боречки инстинкт, должност и храброст делотворно да делуваат, да го бранат своето дело под сончевото знаме на небото. Религија која не верува во љубов кон човекот и Творецот негов, нема вера во вистината, нема надеж во доброто. А Доброто ја одржува човековата врховно природна, органска, психо-физичка рамнотежа - кај политеисти, зороастријци, евреи, христијани, муслимани, будисти, агностици, атеисти, анимисти... Но, не и кај анти-луѓето. И вајана и опишана, оваа хомо-драма потсетува: луѓето отсекогаш сме патници, упатени, или принудени, на движење активирано и од надворешни фатори - цивилизациски, еколошки, и од внатрешни состојби на духот. Човечкиот фактор - индивидуа, племе, заедница, народ, држава - во тие патувања, миграции, бегства, борби за одбрана и заштита, бара излез од угинување, за издигнување над хорор хоризонтите. Од морски кон други водни патишта, од смрзнати или исушени, кон плодни сончеви предели, од немилосрдни господари на робовите, до свои татковини - „патниците“ низ историјата секогаш наоѓале излез. Неодржливи средини, неиздржлива тортура на идејни, идеолошки, класни, расни, интелектуални делници на судирите и неспогодбите. А денес, и поединци и народи на планетата, се’ пострашно патат, распаѓани од морално опаднати ентитети, софистицирани фолиранти, анти-вредносни саботери... Но, мудроста опоменува: и тие насилни измами за промени неминовно ќе се соочат со последици од своите фалсификати. Перфидните антагонисти ќе почнат да постануваат жртви на сопствените патологии, ќе страдаат од пост-трауматски синдроми на убијци и елитистички светски гангстери, дрогирани трговци со луѓе, материја, енергија, умствена сила. Во оваа претстава на скулптура и збор, патниците патеници се осмелуваат да кажат дека и во 21от век се изведува обновливо насилство над нив, се бушат темни патишта низ нивниот код, се гонат во нов егзодус, во нов колеж во Витлеем, но без нов Мојсеј, без Исус, без Via Dolorosa, без спас од Вишно небо, Мајка земја, без озаконета мудрост, без чесно срце. Се активираат ласерски методи за нагризување до обезличување, во карни-ворни арени, гладни полиња и бришани правци за прогонетите, уништуваните - од секоја страна. Осудувани од напаѓачи кои не признаваат докази за невиност - нападнатите бараат разбирање и помош од објективни светски сили. Но, денес објективноста е транс-релативизирана, одбива сослушување, за праведна пресуда. Квази објективноста неинклузивно, нетранспарентно досудува: состојбите ги разбира спротивно од одбраната на жртвите. И уште полошо: за независните набљудувачи објективноста е бесцелна: гарантори на правдата едновремено биле и извршители на злостори по патишта на страдањата во име на селективен прогрес на луѓе, народи, држави. Затоа, и со овие скулптури, реалноста се побунува. Во тој нов не-ред на права без праваи закон без закон, обесправените го зајакнуваат својот имунитет, и идентитет. Отпорноста ги озрачува гените на жртвите, преку енергија во вербата дека правдата сеуште не е слепа, дека доказите не се неважечки акти и факти, дека оштетуваните и уништуваните сепак заслужено ќе ја победат туѓата изместена свест. Жртвите се растргани од разностран терор, непрекинато раскинувани можности, бесмислени цензури и маоумни забрани за нивната непобитна вистина закопувана во тајни дупки на контра култури. А мрачните сили гмечат дупки, готват војна на секој против секого. Ликуваат. Сепак, со аура на чиста светлина, жртвите, скулптурите информираат: „Ќе победиме, иако невидливи снаги веќе одредилe да сме во вреќа без среќа“ (скулптура бр. 26). Иако нихилистите не’ обезвреднуваат, ние, највредните и најсвесните за своите неприкосновени права на мир и благосостојба, остануваме уверени: поседуваме и вековни и современи лекови против светската лага. Лековите ќе се применуваат од непомирливо посветените бранители на безбедни патишта, за здрави патници, за мировни патишта, за чистење од отрови... Патниците знаат: нема да исчезнат, иако на некои делници од правците се присилени да постанат помалку од она што се, да постанат делумна, или цела, празнина од својот од’ низ милениуми на ова небесно тело. Низ светот стоички носат товар полн докази за нивното исконски одржано и одржливо градење на светот. Знаат тие патници, тие жртви на чемерот, кој тоа ги гонел и фрлал во понор и пожар и помор и... Мудро знаат тие кои се оние, упатените во вештерства на Големата Лага и грандоманското пљачкосување. Жртвите заветуваат – ќе се бранат да не постанат нови резервати за експлоатација на нивната генетски генијална природа, да не дадат корпорации да го мерат, прокопуваат и просејуваат нивниот златен дух и идеално извајано тело, нивните автохтони култури и органски агрикултури, да ги зачуваат и последните капки чиста вода, почва, поднебје... Напаѓачите подготвуваат супер нова новодобска експлозија против духовното вознесување и вселенското облагородување на патниците кои зачувале прочистувана меморија и моќна визија. Нападнатите знаат: не смеат да му се предадат на болниот дистописки алтер-хуманизам на напаѓачите. Нападнатите далекувидно ги препознаваат моќните новодобски бардови без срца, тие нови Нерони, дрогирани дружини со купен и незаслужен елитизам со демонски крила, тие грабливи племиња без светла енергија, тие што бараат покорност од оние кои развиле ореолски крила. Напаѓачите Ката-дневно заведуваат, купуваат, а за возврат про-даваат се’ што не е нивно - најубавото, најздравото преостанато во земјата, по острови и полуострови на светот, на Балканот, во Македонија... (скулптури бр. 11, 17, 25). Но, жртвите веќе не молчат за нивното, и тајно и отворено уништување. Се борат да не се заборави дека „дел по дел се делкани, делени, одвојувани, отфрлани од се’ што имаат, што знаат и што значат. Жртвите продолжуваат да го следат патот на своето генетско сонце. Непријателите меѓу соседите, во сојуз со велико поседниците - еднаш им затемниле и присвоиле делови од телото и делото на целината. Но, и тотално затемнување на сонцето сега, не значи губење на ѕвездата водителка. Жртвите се’ појасно гледаат надалеку. Агресори јуришаат во кулминација на Ката-клизмично неоправдана и Ката-строфално неспречена декомпозиција на редот и мирот на земјата, и во човекот. Но, жртвите снимаат кој е што. Напаѓачите ја извршуваат својата манија вооружена со клетви на одумирачка демократија: да ги доподелат, довршат, оголат, трајно да ги совладаат, завладеат и спречат патувачите кон сопствен просветлен развој. Заканите на лукавиот, препреден ловец: „Живи луѓе ќе јадеме“, се остваруваат. Но, се обелоденуваат и измамите на неговите чипувани л-овци. Во скулптурите со уметничка мултиполарност од раси и класи, нападнатите, не се нестварни, не се неостварени, не се некомплетни форми и содржини. Иако напаѓачите чинат се’ што е (не)замисливо, да ги сведат нападнатите на својата непријателска дијагноза: „Oва не се жртви, туку атрофирани мртви остатоци од непостоечки идентитет. Нашата стратосферска политика треба да биде казна за тие што се жалат на светска неправда.“ Нападнатите патници и натаму бараат патишта кон правдата, а напаѓачите и понатаму газат, да допоразат се’ што не доосвоиле. Бушат, сушат, деформираат во анти-суштини секакви формации и формулации на обесправените. Патниците достоинствено се појавуваат. Не вриштат монструозно како Крикот на Мунк. Смирено, а во крв и солзи, се обраќаат кон светскиот суд, составен да брани и да забрани создавање црни дупки во срцата на луѓе и народи, на Македонците, на Балканот, насекаде каде се праведните пат(е)ници. Редиците скулптури и редовите зборови, се слики од разјадени состојби од надмоќта на злото. Ова се рефлексии на обезличени вредности, докази за штетите од обнова на империите, за промените кои вршат диверзија, субверзија, инверзија, инвазија со човеколики човекојадци. Ова е и анти-македонска, колку и општа гозба на канибалистите, славење на ненаситните хегемонисти, луди хедонисти. На канибален олтар колат историја на античкиот македонски, не грчки, не бугарски, не албански, не српски, не друг народ меѓу народите. Но, Македонците ако страдаат, ни другите нема да бидат поштедени. (Прв дел од монодрамата Нео-Канибализмот на Хронос) Марија Емилија КУКУБАЈСКА
|