|
||||
Бадник |
Бадниковата вечера се одвива во кругот на семејството и се состои од посни јадења. Бадник или Коледе се нарекува денот пред роденденот на Исус Христос (Божиќ), според христијанската традиција. Според Јулијанскиот календар по кој се раководи Македонската православна црква, Бадник паѓа на 6. јануари секоја година, а Божиќ на 7. јануари. Суштината на празникот е во радоста на христијаните пред големиот ден - Христовото раѓање. Истовремено, со овој ден завршуваат и Божиќните пости. Традиционално, Бадник се прославува кај сите христијани, но црквите кои го користат Грегоријанскиот календар го прославуваат на 24. декември. Кај сите христијански народи има низа обичаи за Бадник, осбоено поврзани со Бадниковата вечера. Истражувачите сметаат дека во праисторијата овој ден бил празник поврзан со враќањето на Сонцето од јужните напоредници, по зимската краткоденица. Раѓањето на новото Сонце значело и раѓање или обнова на животот. Подоцна, Христијанската црква го презела овој празник и симболично го поврзала со Христовото раѓање. На прекорот дека Христијаните започнале да го празнуваат денот на Сонцето исто како и паганите, Свети Августин одговорил: „Ние го празнуваме не како неверниците поради Сонцето, туку поради оној што го создал Сонцето“. Бадник е празник кој се прославува во кругот на семејството: на сликава е сосема празната главна железничка станица во Цирих за Бадник. Традиционално, во Македонија семјството се собира на вечера на Бадник. Се подготвува богата трпеза исклучително со посна храна: питулици, сарма, грав, компир, риба, зелник, овошје и друго, што треба да обезбеди богат род на земјоделските култури во следната година. Обичај е по вечерата софрата да не се крева, туку така заедно со храната да остане цела ноќ. Ова е поврзано со верувањето дека ноќта ќе дојде дедо Боже и ќе се нахрани, или во некои места, духовите на мртвите. На Бадник во секоја куќа се меси кравјаче, пита или погача во која се става пара. Вечерта кога сите ќе седнат на вечера, домаќинот, откако ќе се прекрсти и ќе ја благослови трпезата, го крши кравјачето на толку делови колку што има членови семејството, оставајќи уште дел за Бога и за куќата. Сите присутни во својот дел од кравјачето ја бараат парата, и оној што ќе ја најде се смета за најсреќниот во годината што претстои. Богати обичаи и верувања на Бадник се поврзани со обредниот оган како и со горењето на дрвото наречено Бадник или Бадникојца. Во врска со обредните коледарски огнови е и обичајот коледица. И денес како и во минатото и во селата и во градовите во сите краишта на Македонија помали или поголеми групи деца палат оган и го прескокаат. Една од најпеаните песни што и сега се пее во овие случаи „Коледе леде“ ја среќаваме и во запис на Г. Бојаџиев, обjaвена во 1893: Коледе, леде! |