|
||||
Скопјани утре по 19-ти пат заеднички ќе го прослават Бадник |
Со бадниковата химна и подигање на бадникарското знаме, утре пред платото на Соборниоит храм „Св. Климент Охридски“ ќе почне 19-то традицонално скопско бадникување, што го организира Здружението на граѓани Одбор за прослава на Бадник. Поглаварот на Македонската православна црква Архиепископот охридски и македонски г. г. Стефан, точно напладне ќе му го предаде преодниот пехар на новиот Кум-бадникар Живко Мукаетов, генерален директор на Алкалоид. Здравицата годинава ќе ја каже Владимир Ангеловски-Дади, актер во Драмскиот театар во Скопје, а на сограѓаните ќе им се обрати градоначалникот на Скопје Коце Трајановски, како и минатогодишниот кум - бадникар Јовица Угриновски, кој со своето семејство и со преодниот ќуп ќе пристигне со пајтон. Бадникарските среќавања пред Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ ќе продолжат со осветување на бадниковите гранчиња, чајот, нафората и греаната ракија од свештенослужители од храмот, по што ќе започне нивно бесплатно делење. Традиционално, делегација на Одборот заедно со овогодинешниот кум Мукаетов ќе го посети Домот за стари лица „Мајка Тереза“ во Злокуќани, каде тој ќе врачи пригодни подароци. На манифестацијата ќе настапат естрадни уметници, кои ќе изведат пригодна програма. Средбата завршува со чинот на примопредавање на ќупот и кршењето на погачата со златна паричка, што се смета дека ќе му донесе среќа во текот на годината на тој што ќе ја добие. Со пајтонот, симболот на старо Скопје, новиот кум бадникар заедно со ќупот и семејството ќе замине од пред платото на Соборниот храм. Бадниковите гранчиња се симбол на среќата, љубовта и светлината, со кои православните верници ги украсуваат домовите за Бадниковата вечер, во пресрет на Божик, најголемиот христијански празник. |