|
||||
14 јануари 2011 Нова Година, Обрезание Христово, Свети Василиј Велики 14./1.I. |
Три празници во еден ден (Именден празнуваат: Васил, Василка, Васка, Весела, Веска, Нове, Новка...) На 1 јануари според стариот (односно 14 јануари според новиот) календар македонскиот народ празнува три празници: Обрезание Господово, Свети Василиј Велики и Православна Нова Година. Обрезание Господово како Господов празник секогаш доаѓа на прво место. Според еврејските закони секое машко дете на осмиот ден од раѓањето се носело во храмот каде што било обрежувано, а притоа му било давано и име. Овој чин се сметал за воспоставување врска со Бога поради што необрежаните се сметале за неосветени и нечисти, а со тоа и отпадници од еврејскиот народ. Исус како божји син можел и да не биде обрежан, но тој не дошол на земјата за да ги негира законите, туку за да ги потврдува и да служи за пример. Поради тоа светото семејство на осмиот ден од раѓањето го донесло во храмот новородениот син каде што по извршувањето на овој обред му ставиле име, онака како што им рекол ангелот при јавувањето на Света Дева Марија, Исус (еврејски збор што значи Спасител) и Христос- што значи помазан. Во спомен на овој настан светата црква го востановила празникот Обрезание Господово, на осмиот ден по Божик - денот на Христовото раѓање. Овој празник се совпаѓа со празникот на Свети Василиј Велики познат и како Кесариски поради тоа што бил најпознат владика во градот Касарија Кападокиска. Роден е во овој град во 329 година од побожни родители, татко кој исто така се викал Василиј и мајка Емилија. Поради совпаѓањето со празникот на Свети Василиј овој празник во народот најчесто е познат како Василица, а тоа најповеќе асоцира на обичаите и верувањата поврзани со Новата Година. Василица се паѓа во периодот на т.н. Некрстени денови, период што трае од Божик до Водици, кога според легендата Исус не бил крстен и ѓаволите се мачеле да го излажат да не се крсти и да не се исполни волјата Божја. Важно е да се одбележи дека како ретко кој празник децата одделно од возрасните Новата Година ја пречекуваат со посебни обичаи, игри и песни кои многу се различни од оние што ги изведуваат возрасните, но се блиски до обичаите и песните што се изведуваат на Бадник. И на Василица како и на Бадник групи деца најпрвин околу заедничкиот оган, а потоа одејќи по куќите низ селото или градот, пеат пригодни песни за што добиваат подароци. И овие песни како и коледарските од Бадник немаат развиена мелодија туку се кажуваат со скандирање, со карактеристични извици на почетокот и на крајот, а и во мотивска смисла се блиски. Низ песната се искажуваат многу убави желби и благослови за родна година. Сурова, сурова година голем клас на нива, голем грозд на лоза жолт мамул на леса, живо здраво до година до година до амина. Децата, исто така, носат прачки, дренови или сливови, со кои ги удираат луѓето, особено старите и болните лица, обичај што се вика суровење, што значи и тие да се сурови (здрави) како прачката. Тоа се прави и со домашните животни особено со коњите, воловите и овците поради што домаќинот василичарите ги одведува во шталата. Возрасните за овие прослави се подготвуваат од порано. Тие набавуваат прибор за маскирање, предмети за тропање и правење врева, како ѕвонци, клопотарци, тенеќиња, тенџериња, но и музички инструменти: гајди, кавали, тапани и сл. Со овие реквизити се создава голема врева која има цел не само да создаде весела атмосфера туку и да ги заплаши и избрка лошите духови. Во василичарските дружини одат луѓе веселници, луѓе што знаат да се шегуваат. Обичаите што притоа ги изведуваат претставуваат вистинска народна драма со точно определени улоги на учесниците, со маскирање и други елементи присутни во фолклорниот театар. Во Скопско овие дружини броеле 30 до 50 учесници од кои се избирале четворица „маскарџии“. Меѓу нив двајца биле „старци“, а други двајца ги играле улогите на две млади жени - невестата и орваната. Другите учесници во тајфата претставувале „деца“ или „војска“. Во играта што ја играле добриот старец го убивал лошиот, што значело дека добриот дух го убивал лошиот што од друга страна, пак требало да значи обезбедување на благостојба во куќата и богат род на земјоделските култури. Во Горноџумајско овие дружини броеле 15-20 момчиња и се викале „сурваскаре”. Еден од нив го викале мечка, друг мечкар, трет се правел невеста и бакнувал рака. Во селата Емборе, Дебрец и Палиор во егејскиот дел на Македонија се играла Мала и Голема Ешка. Првата ја изведувале децата, а втората возрасните. Во Дебарца (Охридско) главни актери во оваа игра биле зетот, невестата и гатачот.
|