За сите оние кои што не знаат црквата „Свети Димитрија“ е поранешната катедрална црква на Скопската Епархија која што е посветена на великомаченикот Димитрија. Црквата се наоѓа на десната страна од реката Вардар под тврдината Кале во Скопје во прочуеното Еврејско маало и може да се каже дека со векови успешно им одолева на историските настани и катастрофалните земјотреси кои што се случуваат на територијата на градот Скопје. На местото каде што денес се наоѓа оваа црква имало постар храм кој што датира од 16-от а од 1727 година црквата се споменува како катедрална. Оваа црква е многу стара, во 1960 година била напуштена а во периодот од 1886 до 1894 година била обновена и проширена. Се знае дека црквата била изградена во форма на кораб а за време на поправките кои биле извршени биле оштетени стариот живопис и сите записи кои биле поважни за црквата. За црквата се знае дека постоела уште во средниот век а во неа биле сместени Скопската Митрополија и Пеќката Патријаршија. Се до 1878 година во дворот на црквата постоеле гробишта и како реони на оваа црква се спомнуваат Дебар маало, Железничката колонија, Тафталиџе и градскиот реон. „Свети Димитрија“ е една од ретките цркви која го избегнала палежот на Пиколомини на 25-ти Октомври 1689 година. Црквата е тробродна со апсида и купола и истата неколку пати била реновирана: во 1825 година, во 1864 година, во 1886 година, во 1894 година и во1896 година. При нејзината последна реновација која била извршена од страна на познатиот велешки мајстор Даме, син на Андреја Дамјанов, црквата го добива нејзиниот денешен изглед. Тогаш добива и нов живопис, иконопис на дрвениот иконостас и царските двери запишано е дека се изработени од раката на познатиот зограф, Димитар Папрадишки а додека во 1907/1908 година е изградена камбанаријата на црквата. По земјотресот во Скопје зографосувањето го извршил зографот Крсте Колоски во периодот од 1963 до 1973 година. Секој оној кој влегол во овој храм може со право да каже дека стилските и уметничките вредности кои владеат во зографската композиција се од скромен дострел затоа што Колоски во доменот на својот опсег се трудел својата техника да ја приспособи кон поствизантиската традиција на живописување. Скопската Епархија во 1767 година по укинувањето на Охридската Архиепископија потпаднала под власта на грчката Цариградска Патријаршија а во 1872 година и под власта на Бугарската Егзархија. Во 1890 година во Скопје доаѓа митрополитот Теодосиј Гологанов кој што имал македонско потекло кој со сите сили се обидувал да го обедини македонскиот народ, но поради неговите напори бил одведен насила во Цариград во 1892 година и му бил одземен чинот митрополит Скопски. Во дворот на црквата „Свети Димитрија“ се наоѓа гробот на првиот поглавар на обновената автокефална Македонска Православна Црква, Архиепископот Охридски и Македонски господин господин Доситеј а истотака пред надворешниот источен ѕид и гробот на Архиепископот Охридски и Македонски господин господин Ангелариј. Црквата е ѕидана со камен и малтер во внатрешноста на црквата има галерија, певница и престол за владиците. Иконостасот е на три нивоа и завршува со крст. Во рамките на храмот се наоѓаат камбанарија и кршталник кој бил дел од некогашна капела а сега е мала црквичка. На излезот од јужната страна од внатрешноста на црквата насликани се Свети Великомаченик Димитрија и Света Петка. Истотака црквата е живописана на куполата каде е претставен Седржителот Исус Христос. На западниот ѕид од црквата претставени се композициите на „Оплакувањето на Христос“ и „Успението на Богородица“. На галеријата на јужната врата е оформена композиција во форма на полукалота на која е насликана сцената „Влегување во Ерусалим“ а на централното место во втората зона на живописот на јужниот ѕид е композицијата „Вознесение Христово“. На спротивната страна е сцената „Собор на светителите“ која е претставена во две нивоа: доле е преставена Богородица со светители апостоли а горе „Ширнаја небес“. Царските двери на иконостасот кој што е од дрво се во плитка резба и со позлата. На нив во средината е сцената „Благовестие“ а над нив се наоѓа иконата „Светиот убрус“. Во првиот ред на иконостасот се празничните икони на светителите: лево и десно: Богородица со Христос и Исус Христос. До Богородица е Свети Великомаченик Димитрија а до Исус Христос се наоѓа Свети Јован Претеча. Потоа се иконите на апостолот Петар, архиѓаконот Стефан и Свети Јован Римски. Централно место во вториот дел на иконостасот е „Тајната вечера“ а десно од неа е „Молитвата на Гетсиманија“. На десната страна од третиот ред на иконостасот е иконата со сцената „Вознесение Христово“ а на левата страна е „Вознесение на Богородица“. Може да се каже слободно дека иконите во параклисот на црквата имаат голема вредност посебно иконата на Свети Великомаченик Димитрија и иконите на пророците кои се подарени во 1785 година како и иконата на Светата Мајка Богородица која се наоѓа во обновената крстилница. За на крај можеме да кажеме дека името на црквата Свети Димитрија се спомнува уште од 13-от и тоа може со сигурност да се потврди. Црквата поминала реновирања, поправки и доправки кои биле предизвикани од природни катастрофи, воени и политички збиднувања низ вековите но сепак опстојала и ден денешен е посетена од голем број на верници. |