|
||||
Зубовце - обичаи за Св. Трифун |
Во чест на Св.Трифун, заштитникот на лозјата и градините, на 14 фебруар оваа годинава во Зубовце ќе се одбележи обредното закројување на лозјата. Во име на овој празник и продолжувањето на традиционалните обичаи на местото викано “Мал Камен“, каде некогаш се наоѓале зубовските лозја, мината година беше издигнат и осветен шест метарскиот Чесен Крст. Како лани, така и годинава, на овој православен христијански празник, зубовчани ќе се соберат покрај Крстот. Во присуство на свештеник и молитва, најпрво ќе се закројат лозниците, а потоа со скромна трпеза и на далеку познатите зубовски колбаси, црвеното вино и ракија, како главни белези на овој ден, верниците се подготвуваат да го прослават Св.Трифун со верба дека и годинава ќе ги заштити плодните ниви кои ќе дадат богат и квалитетен род.
Оваа година, двајцата кумови кои беа избрани мината година, со две погачи во кои се крие по една сребрена паричка, ќе го предадат кумството на други двајца кумови за идната година. Еден од кумовите што ќе биде избран ќе биде зубовчанец, а другиот кум ќе биде еден од гостите од други села и градови кои ќе присуствуваат на овој ден во Зубовце. Сцети Трифун во Зубовце оваа година ќе се прослави и со цел да не се заборават корените, да не се заборават вековните обичаи и традицијата, да не се заборави добрата мисла, желбата за дружба и добра иднина на Македонија, која во Зубовце е останата како аманет од старите генерации. |