|
||||
Велики Петок |
Велики Петок е посветен на спомнувањето на осудувањето на смрт, Крстните страдања и смртта на Спасителот. Најпрво, Христос бил одведен пред првосвештеникот Кајафа, кој кратко Го испрашувал и Го затворил. Утредента, Тој бива испрашуван пред Синедрионот, највисокиот еврејски совет за верски прашања составен од 70 највидни членови, фарисеи, книжевници и садукеи. Таму бива распрашуван, и осуден за хула, за што казната била смрт. Сепак, во тоа време само римскиот управител имал право да изрече смртна казна, при што тие Го упатуваат кај Понтиј Пилат. Пред него Христос е осуден дека велел дека Е цар јудејски; Пилат, гледајќи дека Христос Е предаден од зависти и злоба, се обидувал да Го спаси, и бидејќи од Галилеја, решава да Го испрати кај Ирод, кој управувал со таа покраина. Ирод Го исмева Исуса и повторно Го враќа кај Пилата, кој попушта пред разбеснетата и поткупена маса и Го предава на грубите војници, кои Го исмејуваат, понижуваат со удари, бичуваат и Го облекуваат во црвена наметка ставајќи Му на главата круна од трње, а во рацете, место жезол - трска. Но според обичајот, бидејќи Пасха, еден осуденик можел да биде ослободен по волја на народот. И повторно, заблудената и поткупена маса го избира злосторникот Варнава, наместо Синот Човечки. И додека Христос сведочи за Себе пред судот, светиот апостол Петар три пати се одрекнува од Него, а Јуда се беси, исполнувајќи го и последното пророштво за него. Исус Го водат од затворот и од судот за да Го погубат. Пресудата бива извршена на губилиштето близу градот, на мала височинка наречена Голгота (череп). Евангелијата нагласуваат дека тука се исполнуваат уште два страшни псалми - псалмот 21 („Боже мој, Боже мој, зошто ме остави?“) и псалмот 68 („Спаси ме, Боже, зашто водите стигнаа до душата моја.“). Тука се исполнуваат и најситни детали - војниците фрлаат ждрепка за Неговите алишта, Му нудат оцет и жолчка, присутните презриво нишаат со главите свои. Покрај првите зборoви на 21 псалм, евангелистите забележуваат уште неколку други нешта кои Христос ги изговорил умирајќи на Крстот:
Богослужбите на Велики Петок почнуваат од вечерта на Велики Четврток, кога се исполнуваат светите и спасителни Страданија на Господ Исус Христос. На средината на храмот, пред постаеното Распетие приоѓаат свештенослужителите и ги читаат деловите на Страдалните Евангелија, дванаесет по број. Првото, и најголемото е Јовановото, во кое Господ ни се открива како пат, вистина и живот и како драгоцен дар на Божјата љубов Кој ги соединува луѓето со Него, и еден со друг, меѓусебно. Ова евангелско читање завршува со Првосвештеничката молитва. Читањето за Господовите страданија завршува со приказот на запечатувањето на гробот и поставувањето стража, според Евангелието по Матеј. |