Сабота, 07 Јули 2012    PDF Печати Е-пошта
Раѓање на Свети Јован Крстител (Иванден)

Sveti_JovanПророк кој оди пред Спасителот

Меѓу поголемите летни празници што македонскиот народ ги празнува со многу обичаи и верувања спаѓа и празникот во народот познат под името Иванден, всушност празник посветен на раѓањето на Свети Јован Крстител.

Свети Јован е наречен Крстител затоа што го крстил Исуса, а наречен е уште и Претеча што значи претходник. Со своето учеење тој  му претходел на Исус, одел пред него и го најавувал неговото доаѓање. „Јас ве крштевам со вода, а тој што ќе дојде по мене ќе ве крсти со Дух Свети”, говорел Свети Јован додека го покрстувал народот.

Свети Јован е една од ретките личности во христијанската вера (покрај Исус Христос и Богородица) кому Светата црква му посветила повеќе празници: Раѓање на Св. Јован Крстител, (Иванден), Отсекување главата на Свети Јован Крстител, Собор на Свети Јован Крстител, итн. Оттука може да види и значењето на овој лик во христијанската вера и воопшто во верувањата на нашиот човек. Во народниот живот и во народното верување Свети Јован е значаен и по тоа што тој го има кумството и побратимството, зашто како што се раскажува во преданијата и како што се пее во песните кога светците ги делеле функциите на св. Јован му паднале кумството и побратимството.

Свети Петар - кључи од рајови,

Свет Илија - сиљни секавици,

Свети Јован - кумство, побратимство,

Неделица, празник да празнуват.

...Со Иванден се поврзани многу обичаи и верувања но најповеќе се однесуваат на билките и верувањето во нивната магиска моќ. Верувањето пак дека тој ден играло сонцето или дека се превртувало три пати е поврзано со тоа што Иванден се паѓа во најтоплиот период од годината.

Од обичаите што се изведуваат на овој ден повпечатливи се оние поврзани со растението папрат. Имено вечерта спроти празникот се бери папрат, а тоа пак е поврзано со верувањето во  неговата апотропејска моќ. Папратот  се става на постелата и на него се спие за здравје, а рано наутро на самиот ден Иванден се плетат венци што се ставаат во бавчите за да ги чуваат од разни болести, временски непогоди како и други несреќи.

Вечерта спроти празникот жените берат цвеќе што се вика Иванден, кое што го ставаат на ковчезите со алиштата за да ги чува од молци. Е. Спространов запишал дека во Охрид на Иванден ги ваделе “рутишчата”, ги распостилале по прозорците за да ги види сонцето и ги оставале да ветрејат.  И во зборникот на браќата Миладиновци среќаваме податок дека тој ден во Воден, треви лековити „висеет на дуќаните за да имает повеќе покупници”. За вакво вадење од ковчезите на најубавите облеки пишува и Кузман Шапкарев кој напоменува дека надвор ги чуваат до заоѓањето на сонцето за да не ги јадат молци.

Со празникот Иванден е поврзан и обичајот Тајане, што се изведувал во повеќе краишта на Македонија, но најдолго се задржал во Прилепско, Битолско и Крушовско. Имено вечерта спроти Иванден момчиња и девојки собирале билки со кои закитувале едно ѓумче и го полнеле со вода од три чешми. Едно од нив на возраст од 10-12 години го носело ѓумчето на глава и него го викале “Тајане”, а другите момчиња и момичиња оделе околу него и му пееле пригодни песни. Утрото групата со Тајането одела по дуќаните каде што исто така, пееле песни и собирале подароци од кои потоа правеле заедничка вечера. Притоа се пеело:

Тајане, Бојане, имам брат Свети Јоване,

ункеши, ункеши, ункеши по маглата.

По магла, по магла, по магла ситна роса,

по роса, по роса, по роса мома боса.

Играле момите крај манастирот,

калуѓер гледа од пенџериња,

фрли си шапка на герамиди,

од герамиди на трендафилот,

белата брада на берберница

црната брада на касапница.

Кус опис на овој обичај пред околу еден век направил М. Цепенков кој сведочи дека во Битола спроти Иванден „ќе нанижат еден ѓум со секакви цвеќиња и ќе му клаат тел од невестата што гувеела. Ќе го покријат со еден превес и ќе му го клаат на некое дете на глаа, да го носит. После ќе се ватат девојчињата рака за рака, секое спроти бојот, та ќе одат од чешма на чешма пеејќи една влашка песна вака: „Тајани, ѓанизмата кок' за, ќи к' за” и др. Утрото ќе шетаат по куќите и ќе пеат та ќе му даваат кај пари, кај брашно, кај масло и др. Од собраното зајре ќе направат и сите ќе ручаат, а парите ќе си и делат или ќе и купат нешто емиш за јадење. Во Крушоо клаваат во ѓумо прстење и кој ќа биди пообелен таа мома побрго ќе се мажи”.

Според еден запис на Ѓорѓи Киселинов во минатото во преспанскиот крај Иванден бил празник на момите. Тие еден месец порано се подготвувале за празнување. Се собирале во некоја куќа во маалата и со песни и веселби ја подготвувале куклата наречена Иванка. Преку дента момите во полето собирале иванско цвеќе и лајкучка (боливач), а други по куќите собирале пари, потоа брашно, циронки (сушени риби), суво месо и плодови. Секоја домаќинка, особено таму каде што имало девојки, со задоволство давала зашто потоа се правел и печел кравај од кој девојките што ќе каснеле побрго ќе се омажеле. По собирањето на даровите едни работеле, а други ја правеле „Иванка”....

На Иванден рано наутро мажите, жените и децата оделе во лозјата и береле растение наречено “наваличе” кое го ставале на дуќаните за да навалуваат муштериите. Обичајот „Тајане” бил познат во Битола, Крушово, Прилеп и други места, со тоа што во Прилеп го изведувале само девојчиња.

Во Мала Преспа според сведоштвото на Стерјо Спасе на Иванден се пеела песната:

Ивано, Иван девојко,

качи се горе на Иван,

на Иванови врвови,

да видиш поле втасано,

фтасано и обелено!

да видиш пченица класана,

да видиш снопје врзани.

Ивано, Иван девојко,

што си вечера зготвила?

-Погача, пресна ржена,

циронќи со штир варени...

(Подготви Марко Китевски)

 

На прво место

News image

Мане Јаковлески: Мојот пат по стапките на месијата 2011 година (8)

Петта станица-десно кон улицата Францис, од каде патот нагло, остро се издига кон Голгота (Калварија...

Историја

News image

Границите на Македонија се таму, до каде што допира римскиот меч

Македонија станува римска провинција во 146 година п.н.е., откако римскиот војсководец Квинт Цецилие...

Иселеници

Култура и туризам

News image

ВО АНКАРА– ГРАДОТ НА АТАТУРК И ПРЕСТОЛНИНАНА ТУРЦИЈА(10)

ДЕЛ ОД ПОСЕТИТЕ НА ГРАДОВИ ВО СВЕТОТ ВО ПУБЛИКАЦИЈАТА „СВЕТОТ НА ДЛАНКА“ НА СЛАВЕ КАТИН 

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.