Среда, 19 Декември 2012    PDF Печати Е-пошта
Кичево

kicevoКичево е град во средишниот дел на Западна Македонија. Градот лежи во Кичевската Котлина под југоисточните падини на планината Бистра. Од Скопје, Кичево е оддалечено 112 километри, а се наоѓа на речиси половина пат меѓу Гостивар (46 километри) и Охрид (61 километар).

Кичево како населено место првпат се споменува во една повелба на византискиот император Василиј Втори од 1018 година со топонимот Кицавис. Во текот на средниот век градот бил споменуван и со формите Китсавин и Китчавин (Кичавин) и се наоѓал во состав на Охридската архиепископија. Охридскиот архиепископ Теофилакт населбата ја споменувал со топонимот Киттава, а визанитискиот хроничар Акрополит градот Кичево го именувал со формите Кицавин и Кицавеос. Во 1316 година во близината на градот Кицавис (Кичево) бил изграден манастирот Св. Пречиста во кој некогаш престојувале и се школувале нашите први преродбеници Јоаким Крчовски и Кирил Пејчиновиќ.

Кога дошле Турците во Кичевско, кон крајот на 14 век по смртта на Крал Марко, Кичево како населено место се споменува во еден пишан документ од втората половина на 15 век. Познатиот турски патописец и географ Хаџи Калфа го посетил градот во првата половина на 17 век и го спомнал со формите Фирџова, Фирчова (Фирчово), Кичрова (Кирчово). Од овие форми се претпоставува дека бил добиен топонимот Крчово (населба во крчевина). Со името Крчово населбата била спомната и во еден ферман на султанот Селим Трети од 1798 година и тоа како каза (околиско место) – Крчовска каза. Во средниот век за време на кралот Милутин била употребувана формата Кичава. Вук Караџиќ ги споменува формите Крчево и Кичава. Со името Крчево во 60-тите години на 19 век го споменува и рускиот учен А. Гилфердинг. Австрискиот патеписец Ј. Г. Хан во една географска карта од 1867 година градот го спомнува со формата Криштево. Се претпоставува дека денешното име на градот потекнува од формите: Кицавис, Кирчово, Крчово или Крчево.

Народните легенди поинаку го објаснуваат денешното име на градот Кичево. Според Марко Цепенков, една постара легенда името на Кичево го поврзува со тврдината што ја изградил Волкашин на ќерка му Кита (сестра на Крали Марко) над градот. По нејзиното име тврдината (калето) била наречена Китино Кале, односно Китин град. Подоцна под Китино Кале била основана населба која според името на Кита (Ките, Киче – на галено) била наречена Кичево.

Во близина на денешното Кичево постоел град уште во античко време, познат под името Ускана. Оваа населба е прв пат спомената во времето на владеењето на античкиот македонски владетел Персеј. Во тој период градот имал значајна улога во Македонско - Римските војни (170-169 година п.н.е.). За време на римското владеење котлината во која е сместена денешната населба била добро населена за што сведочат археолошките остатоци. Римјаните во овој дел на Македонија изградиле и патишта. Се претпоставува дека римската населба била разурната од катастрофален земјотрес во 518 година. Се знае дека на Кале е подигнат крајпатен кастел (тврдина) за време на Римјаните кој служел за контрола на прастариот пат Скупи-Лихнид. Дали претхоно тука постоела тврдина, не е сигурно. Патот поминувал во подножјето на калето, токму каде што денес поминува главната улица. Со време под калето и по должината на античкиот пат почнале да се населуваат луѓе и се оформила мала трговска населба. Со време прераснала во мало градче. Животот бил убав. Животот бил богат.

Со рехристијанизацијата на овие територии настанува симбиоза на населението и животот повторно почнува да цути. Со тоа и обновувањето на средновековната населба и на трговската маршрута север-југ. Се обновуваат и храмовите. За време на Цар Самоил, Кичево веќе бил голем воен кастрон (град) и веројатно броел над 5000 жители и воена посада на калето. Цивилниот живот се одвивал долу во чаршијата. Во 1015-1018 година Кичево (Китсавин) повторно потпаѓа под византиска власт. Кичава функционирала низ вековите како византиски кастрон (од X до XIII век), кој ги контролирал патиштата на периферијата на царството, во насоката на честите српски упади од север.

Во вековите што следат, градот потпаѓал под српска, бугарска, епирска власт. Византијците го превземаат повторно после Пелагонската битка за во периодот меѓу 1282 и 1297 година да го освојат Србите (крал Милутин). Во средниот век споменатите територии потпаѓаат под средновековната Српска Држава, што се потврдува со даровницата на Кралот Милутин кој во 1294 го опсипал со подароци манастирот Свети Ѓорѓија во село Кнежино. Кичево во овие години е веројатно запалено, барем тврдината.

Кичево и Кичевско потпаѓаат под турска власт во 1385 година. По освојувањето, градот бил претворен воен и административен центар. Со се` поголемиот прилив на странски капитал кон крајот на деветнаесетиот век, турската империја пројавила интерес за експлоатација на рудните богатства во овој регион, особено за бакарот и манганот, а во градот се започнало со градителски и комунален развој. Во подножјето на Кичевското Кале бил подигнат градски часовник, а во центарот на градот била изградена убава чешма и била донесена вода за пиење. Во ранотурско време во тврдината Кичава била сместена стража. Во 1468 година населбата броела 217 куќи, а тврдината 14 стражари. Во 1519 година имала 20 војници. Со ширењето на христијанството на овие простори се градат и првите цркви во доцноантичко и средновековно Кичево.

Познато е постоењето на 3 цркви кои низ времето биле уривани, а се изградени веројатно во доцната антика и раното средновековие и сите три се наоѓаат на просторот кој сите го знаат како чаршија:

  • Св. Петка, не постои, се наоѓала на просторот на денешната градска џамија, со доаѓањето на Османлиските Турци е разорена. Низ градот кружеа муабети дека пред неколку години за време на еден помал земјотрес од ѕидовите на џамијата паднал малтер и се појавиле фрески. Денешната џамија нема положба како црква туку како класично исламски објект насочен кон Мека (споредете ја со поставеноста на црквата Св. Апостоли Петар и Павле на 100 метри подолу по истиот пат). Можно е истиот да е изграден врз темелите на уништената црква (околината на црквата) или понатаму, барем еден ѕид од старата црква да влегол во состав на новиот објект на џамијата. Самата џамија е сондирана од археологот  Гордана Спасовска и не се пронајдени никакви материјални докази за постоење на црква во рамките на објектот на џамијата. Значи остатоците би можеле да се бараат во околината. Не е невозможно материјалот од кој е градена старата црква Св. Петка да е употребен за изградба на џамијата.
  • Св. Апостоли Петар и Павле, постои и денес изградена (и доградувана) е на темелите на постара црква (средновековна/доцноантичка?!). Околу црквата порано се наоѓале градските гробишта кои денес не постојат. Со изградбата на новите придружни објекти на денешната црква се откриени гробови. Белата мермерна плоча на прагот на црквата е веројатно надгробна плоча која при изградбата на денешниот храм, од незнаење е поставена тука. На само 20 метри од црквата се наоѓаат римските гробишта, веднаш во подножјето на калето. Во црквата веројатно навратувале и патниците кои оделе по стариот пат зашто црквата се наоѓа веднаш до него.
  • Св. Димитрија, не постои. Била малечка, можеби и првоизградена црква, барем така изгледала во средниот век.

Англичанецот Едминд Спенсер бил капетан и многу патувал, пред се`, во разузнавачки цели. Во 1850 година ја посетил и Македонија. Поминал крај Кичево. Интересно е што во неговиот патепис Спенсер наведува дека Кичево е местото каде порано се наоѓал градот „Скиртијана“. Познато е дека во Кичевската котлина се наоѓал древниот град Ускана (Хискана), чија локација се` уште не е точно утврдена. Изворот за овој податок не е наведен, но е доста интересен.

Еве што друго пишува Едмунд Спенсер за Кичево во својот патепис:

“Напуштајќи ја прекрасната долина на Дреска, поминавме преку планината на пат за Критчово, древната Скиртијана, која денес претставува мало село што нема повеќе од стотина куќи. Се почувствувавме меланхолично, гледајќи го прекрасниот и простран басен во кој беше сместено селото, каде што почвата очигледно беше мошне плодоносна, но малку обработена. Неколку напуштени села беа расфрлани во околината, покажувајќи дека оваа област мора некогаш да била место каде што се одвивал некој смртоносен судир, а тоа било неодамна. Критчево е сместено во подножјето на еден планински венец, не многу висок, овде-онде покриен со шума, претставувајќи еден освежителен предел во овие области на Македонија, каде студениот гол камен често е главната карактеристика на пределот; иако овие планини некаде испреплетени со бројни плодни површини, мали долини или клисури, каде што течат водите на Зајас, Карасу, Кандрису и на неколку помали реки се влеваат во реката Вардар, сепак се чини дека земјата е добро прилагодлива за земјоделство; сепак единствените жители кои ги сретнавме на нашиот пат беа неколкумина номади со нивните стада“.

Спенсер го посетил Кичево во еден од најтешките периоди низ кој поминал градот. Имено во годините, непосредно пред да помине тука, Кичево било арена на еден од многуте крвави судири во Османлиската империја, кои се јавиле како последица на ослабнувањето на централната власт во Истанбул, а јакнењето на локалните паши, бегови, кои почнале да се одметнуваат. Во тоа време господар на Кичево бил Абди бег, веројатно лојален на султанот. Абди бег бил убиен од страна на Хамза паша од Скопје, кој потоа се населил во тврдината на Китино кале, по што почнал страшен терор врз локалното население.

Според пописот од 2002 година градот Кичево има 27.067 жители. Етнички гледано, населението е составено од:

народ

вкупен број

% од вкупното население

Македонци

15.031

55,5

Албанци

7.641

28,2

Турци

2.406

8,8

Роми

1.329

4,9

Власи

75

0,2

Срби

82

0,3

Бошњаци

7

0,02

други

496

1,8

 

На прво место

News image

Мане Јаковлески: Мојот пат по стапките на месијата 2011 година (8)

Петта станица-десно кон улицата Францис, од каде патот нагло, остро се издига кон Голгота (Калварија...

Историја

News image

Границите на Македонија се таму, до каде што допира римскиот меч

Македонија станува римска провинција во 146 година п.н.е., откако римскиот војсководец Квинт Цецилие...

Иселеници

Култура и туризам

News image

ВО АНКАРА– ГРАДОТ НА АТАТУРК И ПРЕСТОЛНИНАНА ТУРЦИЈА(10)

ДЕЛ ОД ПОСЕТИТЕ НА ГРАДОВИ ВО СВЕТОТ ВО ПУБЛИКАЦИЈАТА „СВЕТОТ НА ДЛАНКА“ НА СЛАВЕ КАТИН 

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.