|
||||
Неолит |
Неолит (ново камено време) е термин со кој Џон Лубок во 1865 ја означил епохата карактеризирана со појавата на првите праисториски заедници чијшто опстанок се базирал на производството на храна, која како доминантна стратегија на опстанокот, може да се смета како карактеристика на неолитот. Во науката е познато дека неолитот е првата најзначајна и по својот карактер најреволуционерна етапа од културно-историскиот развиток на човештвото. Со појавата на земјоделствотото и припитомувањето, настанале наполно нови промени во изборот на животната средина, начинот на живеење, стопанисувањето, материјалната култура и во општественото уредување. Неолитскиот човек сите живеалишта и населби ги подигал на терени богати со плодна земја, вода, пасишта и шуми, во средини со оптимални услови за земјоделство и сточарство, т.е. за организирано стопанисување. Внатрешните односи подредени на општите интереси за благосостојба и опстанок, се со посебен углед и општествен статус кои ги стекнала жената. Како родилка и мајка таа е носител на биолошката репродукција, одржувањето на семејството и определувањето на потомството. Затоа нејзината функција била поистоветена со функцијата на култот на плодноста, култот на Големата Мајка богинка, на што укажуваат фигурите од печена земја, чија иконографија привлекува посебно внимание. Во рамките на домот отпочнало ракотворењето на предмети за секојдневни потреби, кое постепено прераснало во занаетчиство (ткаење, плетење, обработка на кожа, орудија и слично). Најразвиено било производството на керамиката т.е. грнчарството. Предметите говорат за голема продукција, совршена технолошка обработка, разновидни облици како и орнаментика со уметнички вредности. Садовите биле правени од печена земја, рачно без грнчарско колце, во облици и димензии зависно од намената. Едни биле за чување на храна, други за готвење на јадење, пиење, а постоеле и садови за религиозни обредни цели. Од досега евидентираните неолитски населби чија концентрација е понагласена во котлинските предели, таа бројка е необичо голема за овој период во Македонија. Таа упатува на густа населеност која најверојатно произлегувала од динамичните општествени промени и се` поголемиот наталитет на населението. Според стратиграфските податоци и наодите, откриени со скромните и невоедначени истражувања, сите населби се повеќе слојни. Живеалиштата биле обновувани по два или повеќе пати, едни врз други, во хронолошки континуитет. Традиционалната и општо прифатена периодизација на европскиот неолит се дели на три главни етапи: Со оглед на различните причини и времето на нивното настанување неолитските култури можат да се пратат само во строго регионални рамки. Од хронолошка гледна точка и македонскиот неолит исто така може да биде поделен во три одделни фази (ран, среден, доцен) во согласност со периодизацијата применета за неолитот во Југоисточна Европа. Македонскиот неолит може да се подели на:
Хронолошки е поделен на: ран, со културен носител од страна на културната група Зластрана (Охридски крај), Велушко-Породинската културна група (I-IV) од крајот на раниот и средниот неолит, како и културните групи Мала Трнска Тумба во Пелагонија и Устие на Дрим во Струга, носители на доцниот неолит. Извор:
|