|
||||
Споменици на културата |
Аквадукт На периферијата на Скопје, покрај патот Скопје – Качаник се наоѓа стариот аквадукт, изграден од камен и тули со 55 лукови што се опираат на масивни столбови. Околу датирањето на Аквадуктот искажани се повеќе мислења. Според едни тоа е римска, според други византиска градба. Меѓутоа последните истражувања на овој објект што се базират на изворни литерарни податоци и стилската карактеристика на градбата дефинитивно го решија овој проблем, датирајќи го со голема сигурност во периодот на XVI век односно во турскиот период кога во градот Скопје биле изградени многу џамии и амами кои имале потреба од големи количини вода. Истражувањата покажаа дека водата била доведувана од Скопска Црна Гора. Камен мост – Скопје Во центарот на градот, на реката Вардар, изграден е монументален камен мост, што денес го поврзува стариот и новиот дел на градот Скопје. Според некои турски извори мостот е изграден во втората половина на XV век за време на владеењето на султанот Мехмед II. Меѓутоа постои друго верување дека мостот е постар, односно подигнат во првата половина на XV век за време на султан Мурат II (1421-1455). Последното се поткрепува со тоа што на источната страна од мостот постоела плоча на која биле испишани податоци за времето на подигањето. Во прилог на ова верување е и записот во вакуфнамата на Иса Беговата џамија каде што е запишано дека камениот мост е изграден за време на султан Мурат II. Камениот мост во нашата земја е еден од најголемите споменици од овој вид. Изграден е од добро обработени камени блокови, додека неговата масивна конструкција се потпира на моќни столбови, меѓусебно поврзани со полукружни лакови. Мостот на Вардар претрпел најголеми поправки за време на Сулејман Величествен, 1596-7 година по катастрофалните поплави во Скопје, 1905 година, кога се изградени бетонските патеки кога мостот е проширен 1937 година кога е изграден приодот од страна на новиот дел на градот. И покрај тоа што е поправан повеќе пати, камениот мост во основа го сочувал првобитниот изглед. Тој би се рекло, единствено не претрпе никакви оштетувања од катастрофалниот земјотрес во Скопје 1963 година. Саат кула Во дворот северно од Хјунќар џамијата на султанот Мурат II, се издига шестострана саат кула подигната во средината на XVI век (1566-1572) во Скопје. Саатниот механизам на кулата бил донесен од Унгарија, по заземањето на градот Сигет од Турците. Патеписците Евлија Челебија, Хаџи Калфа и други ја споменуваат саат-кулата во своите натписи – дека таа во основа била шестоаголна, а нејзиниот горен дел е изграден од дрвена конструкција. По пожарот од 1689 година Кулата претрпела оштетувања. Во 1904 година дрвената конструкција од горниот дел била заменета со цврст материјал – тули и тогаш бил монтиран нов саатен механизам, кој го одбројувал времето „ала турка“, се` до најново време. Во 1963 година за време на земјотресот, саат-кулата повторно е оштетена. Потоа пак е санирана и е доведена во првобитната состојба, меѓутоа без саатниот механизам кој е оттуѓен од недобронамерни луѓе. Даут Пашин Амам Во непосредна близина на Камениот мост, во стариот дел на градот Скопје се наоѓа еден од најмонументалните споменици на исламската профана архитектура, амамот на Даут Паша. Годината на градењето на споменикот не е позната, но се смета дека е дело на Даут Паша кој го изградил во втората половина на XV век, меѓу 1480 и 1497 година. Тогаш Даут Паша престојувал во Скопје и ја зазел положбата на голем везир на Румелија и го подигнал амамот со свои средства. За време на пожарот од 1689 година амамот бил оштетен и препуштен на постепено пропаѓање. Во 1948 година извршена е реставрација на просториите за сместување на уметничката галерија. Незнатно е оштетен од земјотресот од 1963 година. Амамот во основа има форма на правоаголник со мали проширувања на северната и јужната страна. Во него се влегувало од источната, западната и северната страна. По извршената реставрација северниот влез е соѕидан. Однадвор, освен лачно и архитравно засводените правоаголни полиња во кои се сметени прозорците и вратите, доминираат рамните ѕидни површини ѕидани со наизменично редење на камен и два реда тули споени со малтер. На западната фасада стои отвор врамен во профилирана мермерна рамка, во која била поместена плоча со натпис. На западниот дел од зградата доминираат две големи куполи, а останатиот дел е покриен со 11 несиметрично поставени и по големина нееднакви куполи, подигнати на тромпи и на ниски полигонални тамбури. Внатрешноста на просториите е осветлена преку ѕвездестите отвори на куполите покриени со стакло. Во правец исток-запад амамот бил раздвоен на две наполно одвоени крила со по една чекална и просторија за облекување, всушност сегашните две големи сали во центарот на кои биле вградени убави шадрвани. Останатите простории биле користени за перење и капење. Амамот бил така приспособен што можело едновремено да се капат и мажи и жени, затоа западниот влез бил за мажи, а северниот за жени. Од книгата „Споменици на културата во СР Македонија“ од Антоние Николовски, Димитар Ќорнаков, Коста Балабанов, Скопје 1971 г. Подготви: Марко Китевски |